Борислав Миљановиќ е основач и директор на најдобрата ПР Агенција во Србија за 2017 година, Represent Communications. Д-р по комуникациски науки, долгогодишен уредник и новинар во српските медиуми, почнувајќи од БК Телевизија до Блиц, Бора е човек кој успешно веќе 15 години ги антиципира промените во медиумскиот и маркетинг простор, адаптирајќи ја својата компанија на потребите на современата бизнис комуникација.
М365: Светот се сели онлајн. Огромна е промената што ја доживуваат медиумите како резултат на експанзијата на интернет комуникацијата. Како човек кој работел како новинар и уредник во повеќе медиуми, како ја гледате дигитализацијата на медиумите?
Светските медиуми немаат бизнис модели соодветни на промената во опкружувањето. Проблемот е што во глобални рамки сите маркетинг агенции се поставени да функционираат околу рекламите, но главна монета во медискиот и маркетинг бизнисот сè помалку е рекламата (ads), а сè повеќе содржината (content). Интернетот како своевиден мета-медиум никогаш не се вртел околу рекламите.
Луѓето денес не сакаат да бидат изложени на реклами, прекинувани додека гледаат фудбалски натпревар или „гаѓани“ со комерцијални пораки во тек на омилената серија. Интернетот им дава можност на корисниците да бираат што ќе гледаат според критериумот, дали тоа што компанијата им го нуди во тој момент им треба, им решава некој проблем или ги забавува. Само таков модел на комуникација поминува на Интернет. И гледаме како поради таквата промена во комуникацијата во светски рамки пропаѓаат особено весниците, а таквата промена ќе ги погоди и телевизиите и маркетинг агенциите. Во светски рамки веќе се бараат нови начини, кои се разликуваат од традиционалното рекламирање, како бизнисот да ги искористи новите медиски канали за промоција. Дигитализацијата на медиумскиот простор сега најмногу ги погодува весниците кои пропаѓаат, но ќе се одрази и врз телевизиите и врз маркетинг агенциите многу скоро. Прв пат по децении гледаме негативен тренд кај петте најголеми светски медиски конгломерати кои последнава година изгубиле речиси 30% од својата вредност на њујоршката берза. Тоа е знак дека светските инвеститори веќе губат доверба во класичните медиуми и маркетинг модели.
М365: Ќе ги „изеде“ ли дигитализацијата новинарите?
На нашиве сиромашни балкански простори, најпогодени се новинарите кои остануваат без работа или имаат мали плати, а не гледаат дека имаат одлична иднина. Кога велам одлична иднина, луѓето обично се сомничави. Да, засега новинарите пишуваат за медиуми, медиумите собираат определена публика, а компаниите му плаќаат на тој медиум за да може да се рекламираат пред неговата публика – тоа така веќе нема да функционира. Меѓутоа, во потрагата по квалитетна содржина, на компаниите веќе нема да им биде потребен традиционален медиум. Тие самите ќе го контактираат оној кој знае да раскаже добра приказна, да состави добар текст пренесувајќи ги сите важни информации и ќе понуди интересен напис или корисен совет, особено на специјализирани теми. На пример, ако моето хоби е скијањето, јас барам квалитетна содржина на таа тема во смисла на тоа каде има добри патеки, колку снег има или каква нова опрема има на пазарот и не ми е воопшто важно дали ќе ја слушнам таа информација на телевизија или ќе ја прочитам на некој сајт или Facebook страница на компанија која произведува скијачка опрема. Во САД, актуелен е трендот на големите компании како Coca-Cola да инвестираат во создавање на свои медиуми и таму да ги привлекуваат корисниците преку добра и интерактивна содржина, наместо да плаќаат скапи реклами за да стигнат до публиката на некој традиционален медиум или сајт. А на таквите специјализирани компаниски медиумски канали секогаш ќе им биде потребен некој со знаење и искуство да креира квалитена содржина.
М365: Што е, според Вас, во денешно време добра реклама?
Јас, ако сакате да бидам директен и отворен, мислам дека нема добра реклама. Секоја реклама е сама по себе тоа – реклама. Наместо каква реклама направила некоја компанија, луѓето се повеќе ќе ги интересира искуството односно колку компаниите се грижат за клиентите, како инвестираат во луѓето и околината, колку заедно со нас како потрошувачи работат и вложуваат во за нас важни сегменти од општествениот живот, односно како враќаат кон општеството, итн. Во време кога ни е сè достапно, брендот ќе нè придобие само со автентична комуникација. Сè почесто ќе ни биде важно дали брендот е транспарентен, дали производот кој го купуваме е направен со искористување на детски труд во некоја земја од третиот свет или со загадување и уништување на животната средина, а не колку е скапа рекламата што тој бренд ја направил или колку е убава манекенката во таа реклама.
Современите бизнис гиганти како Тесла, Гугл, Амазон воопшто не прават реклами, тие се рекламираат низ својата работа и низ комуницирање на нивните вредности. Тоа е иднината.
М365: Како ќе изгледа агенцијата во иднина? Кои се услуги и одели сметате дека ќе бидат потребни за 5 години од денеска?
Сите наши агенции во регионот ги насочуваме во правец на контент маркетинг, бидејќи веруваме дека за 5 години “целиот маркетинг“ ќе биде контент. Тоа значи дека се ќе биде дигитално, а во идниот свет на дигитални комуникации главната “монета“ нема да бидат рекламите, како што тоа беше во последниве 50 години, туку содржината.
На интернет огласите веќе не поминуваат, луѓето не сакаат реклами, туку сакаат совет, решавање на своите проблеми или забава и едукација. А за тоа е потребно да се креира квалитетна содржина која сето ова може да им го понуди на корисниците. Во таа смисла и ние ќе бидеме и агенција и редакција. Во нашите тимови ќе имааме се повеќе професионални контент креатори кои ќе се раководат според маркетиншки принципи во работењето, но ќе бидат и писатели, новинари, видео создавачи кои самостојно ќе креираат интересни содржини со новата технологија која ќе биде достапна, како проширена реалност или VOD.