Денес на Маркетинг365 разговараме со Буба Атанасовска Велјаноски, контент и маркетинг менаџер во BizzBee Solutions – македонски стартап за продажба, менаџмент консултантски услуги и lead generation.
За нивните почетоци како компанија, специјалноста на делување, процесот на работа, справувањето со предизвиците и извлечените поуки, како и за нивната визија за иднината, прочитајте во продолжение.
Маркетинг365: Колку време постои компанијата BizzBee Solutions и кој е нејзиниот примарен фокус на делување или специјализација? Кои се некои од клучните достигнувања или пресвртници во нејзиниот развој?
Буба Атанасовска Велјаноски: BizzBee Solutions е македонска start-up консултантска агенција, која се стреми кон постојано проширување на своите хоризонти. Во март дувнавме 7 свеќички на тортата. Нашата главна движечка сила е растот. BizzBee Solutions е основана во 2015 година, без никаква дополнителна помош од државни или странски грантови. Од 2015 година до денес, имаме соработувано со повеќе од 500 агенции, компании и консултанти од различни делови на светот. Нашата приказна ја започнавме со услуга за истражување на пазарот, неколку практиканти и голема желба да успееме и да го пронајдеме своето место под сонцето. Нашиот бренд e лесно претпознатлив. Пчелата е наш заштитен знак и инспирација. Тоа што нѐ разликува од другите консултантски анегции на македонскиот пазар е тоа што сме предводени од работливата и упорната природа на пчелката и сме фокусирани на градење значајни и стабилни врски со нашите клиенти.
Маркетинг365: Како дојдовте до Вашиот прв клиент? Што ги издвојува Вашите маркетинг содржини од оние на конкурентите, за да привлечете и задржите клиенти?
Буба Атанасовска Велјаноски: Нашите први клиенти дојдоа преку разни freelance платформи (главно UpWork). Во почетоците целата работа доаѓаше од вакви freelance платформи. Потоа започнавме со outreach – односно им пристапувавме на потенцијални клиенти преку LinkedIn и Email. Разработивме цела мрежа на вакво пристапување на клиенти. Имаме наша рамка на пишување пораки на cold leads – пристап својствен само за BizzBee, на којшто сме особено горди заради уникантноста и резултатите кои што ги постигнува. Пристап тестиран на повеќе од 500 клиенти, којшто го имаме усовршено преку обиди и грешки, доведен до совршенство. Квалитетот на услугата е она што нѐ издвојува од конкурентите. Имаме разработено повеќе социјални канали на коишто редовно споделуваме интересни и актуелни содржини од B2B светот. Сите овие содржини ги креираме за да дадеме вредност на нашата таргет-публика, односно смислуваме најразличен вид на контент (пишан/видео/аудио) којшто ним би им бил интересен, информативен и би им помогнал во решавање на бизнис проблемите со кои секојдневно се соочуваат.
Маркетинг365: Можете ли да го опишете Вашиот работен процес во креирањето на содржини за успешна маркетинг кампања? Кои стратегии ги применувате за да ја постигнете зацртаната цел?
Буба Атанасовска Велјаноски: Креирањето и реазлизацијата на успешна маркетинг кампања е тимски процес. Секако, креирањето на стратегијата е задача на менаџерот, меѓутоа тоа е процес којшто подразбира здружување на различни експертизи. Најпрво се поставува стратегијата, се смислува и распределува буџетот, се прави анализа на конкуренција и на таргет публика, анализа на трендови и инфлуенсери. Постојано се мерат и следат различни метрици од кампањата на неделно/месечно/годишно ниво. Тоа е темелот на секоја успешна маркетинг стратегија. Доколку не се постават темелите правилно и цврсто, куќата ќе се урне. Така е и во маркетинг.
Потоа во игра влегуваат копирајтерите со идеи за креирање содржини, дизајнерите коишто визуелно го подобруваат и разубавуваат целиот процес и на крај девелоперите кои што ја поставуваат содржината на веб-страна. Бидејќи работиме од различни профили на различни социјални платформи, вклучени се повеќе луѓе, кои што јас морам да ги надгледувам постојано за да бидеме сигурни дека работата тече непречено и правилно.
Маркетинг365: Според Вашето искуство, кои се најефективните типови на содржини за пласирање преку различни маркетинг канали? Како ги определувате најсоодветните маркетинг канали за различни клиенти?
Буба Атанасовска Велјаноски: Нашата експертиза се фокусира на креирање на содржини за LinkedIn. Видот на содржините коишто ги креираме зависи од клиентот и неговата таргет публика. Содржината којашто ја подготвуваме треба да поттикне некаква реакција кај публиката – одобрување, допаѓање, бунт, револт, што и да било, само да не помине незабележано. Постовите што ги креираме за социјални мрежи се наменски – имаат за цел или да ја информираат публиката за некоја тема, настан; да го постават лицето како лидер во својата индустрија или да поттикнат некаква акција којашто на крај ќе резултира со продажба. Моментално најпопуларен е видео контентот и социјалната платформа TikTok е во подем, меѓутоа, според мене, тоа е минлив тренд, којшто многу скоро ќе биде заменет со нешто ново. Се трудиме да ги следиме трендовите, меѓутоа бидејќи работиме со клиенти во специфични индустрии, не секогаш нивната индустрија дозволува да експериментираме. Пишаните содржини според мене никогаш нема да изгубат на вредност.
Маркетинг365: Дали можете да ни откриете некоја предизвикувачка ситуација со која сте се соочиле како компанијата? Како ја решивте ситуацијата и што научивте од тоа?
Буба Атанасовска Велјаноски: Низ годините и преку искуството се сретнуваме со многу професионални предизвици. Од моменти кога сме немале клиенти, па до моменти кога сме имале премногу клиенти, а недоволно вработени. Сите предизвици сме ги решиле тимски. Со отворена комуникација и континуирано учење и работа успехот е неизбежен. Најважно е да веруваш во себе и својот производ/решение.
Маркетинг365: Како останувате во тек со најновите маркетинг трендови и технологии за да се осигурате дека вашата содржина останува релевантна и ефективна?
Буба Атанасовска Велјаноски: Преку постојано следење на најновите трендови од маркетинг индустријата. Постојано слушање на подкасти, вебинари, следење на трендинг теми на LinkedIn. Исто така, постојано ги следам и маркетинг инфлуенсерите од b2b светот што постираат на социјалните мрежи, како би била во тек со секој следен тренд. Маркетингот е една од најбрзо растечките индустрии и секојдневно излегуваат нови трендови со коишто мораме да бидеме во тек доколку сакаме да бидеме релевантни на пазарот.
Маркетинг365: Каде се гледате себе и Вашата компанија на долгорочен план?
Буба Атанасовска Велјаноски: Како најдобростоечка компанија на пазарот за консултанстки услуги, lead generation, продажба и креирање на контент. Работиме напорно и континуирано кон подобрување и проширување на нашата понуда на услуги коишто навистина би им помогнале на нашите клиенти да ги остварат своите бизнис цели. Фокусирани сме на раст – како личен, така и професионален. Само со континуирано учење и работа на себе и нашите бизнис модели и методологии можеме да направиме и поттикнеме суштински и значајни промени во бизнис пејсажот.