Здружението за регионален развој Балкан економик форум (Balkan Economic Forum) е независна организација со седиште во Република Северна Македонија која што обединува повеќе професионалци и стручни лица од областа на економијата. Нивна заедничка цел е развој и имплементација на иновативни стратегии и креативни решенија за тековните економски предизвици со кои се соочуваат земјите од Балканот.
Овогодишното издание на годишната конференција Балкан Економик Форум ќе се одржи на 17 ноември во Тирана, Република Албанија, а на него ќе учествуваат врвни експерти по економија од Балканот и пошироко. По тој повод разговараме со д-р Сашо Ќосев, претседател на Здружението за регионален развој Балкан Економик Форум и редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
M365: Што го поттикна основањето на Балкан економик форум (БЕФ) и која е мисијата на Вашата организација?
Сашо Ќосев: Здружението за регионален развој Балкан Економик Форум (БЕФ) е основанo во 2014 година во Атина, а во 2016 година седиштето на организацијата е префрлено во Скопје.
Мисијата на БЕФ е развој и спроведување на иновативни стратегии и креативни решенија за тековните економски предизвици со кои се соочуваат земјите од Балканот, за да се стимулира економскиот раст, зајакнување на регионалната соработка, мирот и безбедноста. Таа ја остваруваме со динамична соработка со експерти од приватниот и јавниот сектор кои работат и живеат на Балканот, меѓународни лидери, значајни претставници од владите на одделните земји од Балканот, академици, студенти и финансиски институции.
Причините за основањето на БЕФ се длабоко вкоренети во меѓусебните врски што тесно ги поврзуваат земјите од Балканот со векови наназад во историјата што сме ја споделувале и ја споделуваме, заедничките слични општествено-економски предизвици со кои се соочуваме и нашите аспираци фокусирани кон остварување благосостојба и повисок животен стандард за целиот регион.
M365: Што можеме да очекуваме на овогодинешната конференција Балкан економик форум во Тирана? Кои ќе бидат клучните теми и прашања адресирани на претстојното издание на форумот и зошто се тие важни за регионот?
Сашо Ќосев: Балканот, за жал, изобилува со проблеми и предизвици кои наметнуваат потреба за креирање и спроведување осмислени решенија за нивно елиминирање. Оттука, не претставува проблем, за жал, да дефинираме теми за годишните конференции Балкан Економик Форум.
Оваа година конференцијата БЕФ 2023, која е под покровителство на Централноевропската иницијатива (Central European Initiative), ја организираме со 4 ко-организатори, кои се задолжени да ги осмислат и организираат своите панели:
- Стопанска комора на Северна Македонија
Тема: Одржливото финансирање на Балканот – до каде сме со примена на концептот ESG?
- ЕОС Матрикс Македонија
Тема: Разговори за финансиите – Балкански перспективи: значењето на длабоки и ликвидни секундарни пазари за трансакции со нефункционални кредити
- Европска бизнис асоцијација (Северна Македонија)
Тема: Развој на корпоративните политики – предуслов за полесна интеграција на регионот на европските пазари
- NOA (Албанија)
Тема: Дигитално земјоделство – можност и предизвици.
M365: Можете ли да истакнете некои од говорниците, панелите или сесиите што гостите на овогодинешниот форум не смеат да ги пропуштат?
Сашо Ќосев: Овогодинешната конференција на едно место соединува водечки економски умови, креатори на политиките и бизнис лидери од регионот на Балканот и Европската Унија. Работата на конференцијата ќе се одвива во четири панели, а своите ставови со пошироката јавност на Балканот, Европа и светот (настанот ќе се пренесува во живо преку линк), помеѓу другите, ќе ги споделат: Оливер Вархеи (Еврокомесар за проширување на ЕУ), Zsuzsanna Kiraly (Заменик генерален секретар, Central European Initiative), Laureta Qorlazja (претставник на Меѓународната финансиска корпорација Албанија), Vesselina Haralampieva (сектор за енергија и климатски промени, ЕБРД), Методија Миноски (тим лидер на секторот за управуање на животната средина, ProCredit Holding, Франкфурт, Германија), д-р Катерина Бошевска (генерален директор на ЕОС Матрикс Македонија и Косово), Lidja Schiavo (European Banking Authority), David Gyori (топ 10 глобални лидери во областа на FinTech), Lek Kadeli (помошник финасиски директор, Агенција за заштита на животната средина на САД), Antje Wandelt (директор, AHK North Macedonia), Виктор Мизо (генерален директор, Костал), Санел Кустурица (генерален директор, Шпаркасе), Daniela Di Gianantonio (тим лидер за дигитално земјоделство, ФАО), Milda Kraużlis (Европски институт за иновации и технологија), Благоја Муканов (основач, АгФутура, Скопје).
M365: Кои се некои од главните предизвици со кои се соочува економијата во регионот и како оваа конференција може да помогне во нивното надминување?
Сашо Ќосев: Ние во БЕФ сметаме дека владите на земјите од Балканот треба да работат на идентификување на клучните области и механизми за воспоставување регионална соработка која може да се спроведе и да произведе одржливи промени за граѓаните од сите земји
Накратко, за побрзо да се приближат кон животниот стандард на ЕУ, земјите од регионот на Балканот треба да продолжат со паралелно спроведување на внимателни макроекономски политики, храбри структурни реформи и мерки за унапредување на економската интеграција. Макроекономската и фискалната стабилност, придружени со одлучни структурни реформи се два неопходни услови за промовирање на одржлив и силен модел на раст, кој се заснова на раст на приватниот сектор, инвестиции и повисок извоз. Структурните реформи се клучни за зајакнување на придобивките од регионалната интеграција, вклучувајќи ги придобивките од продуктивноста, инвестициите и создавањето работни места, а сето тоа ќе поддржи засилена конвергенција кон животниот стандард на ЕУ.
БЕФ е подготвен активно да се вклучи и да го помогне овој процес со целокупниот свој професионален потенцијал.
M365: Што го очекува Балкан економик форум во иднина? Дали може да ни откриете некои идни иницијативи, проекти или активности на Вашата организација?
Сашо Ќосев: Крајна цел на Здружението за регионален развој Балкан економик форум е да стане регионална платформа каде експертите, професионалците и лидерите од Балканот и светот, угледни личности од јавниот и приватниот сектор, академици, студенти, медиуми и други споделуваат идеи и предлози за најголемите економски предизвици кои треба да се решат и надминат во регионот на Балканот, давајќи ја на тој начин својата поддршка на напорите на владите на земјите од Балканот да постигнат одржливо влијание врз промоцијата на економскиот раст, регионалната соработка, мирот и безбедноста.
Сите наши предвидени и планирани активности се во насока на остварување на крајната цел на БЕФ.
M365: Како можат заинтересираните поединци или организации да се вклучат или да учествуваат во идните изданија на Балкан економик форум?
Сашо Ќосев: Здружението за регионален развој Балкан Економим Форум е отворена за соработка со сите прогресивни луѓе од Балканот кои го споделуваат нашето мото: ЗА ПОСВЕТЛА ИДНИНА.
Нашата организација нуди можност заеднички да изградиме мостови на соработка помеѓу земјите од Балканот, бидејќи заедно ги откриваме богатствата на нашиот регион и сме засилени од нашите разлики, карактеристики кои не’ поврзуваат заедно во еден од најразновидните региони во Европа.
Сметам дека е особено полезно, за сите заинтересирани за воспоставување соработка со БЕФ, да се сподели информацијата дека БЕФ e заштитено трговско име (во рамки на European Union Office for Harmonization in the Internal Market) и е регистриран како овластен лобист во Европскиот Парламент и Европската комисија (регистриран во European Union Transparency Register). Дополнителна специфика на нашата организациона поставеност, за што сме особено горди, е воспоставувањето на мрежата на т.н. БЕФ Амбасадори во Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Унгарија и Романија, Косово и Босна и Херцговина, со намера до крајот на 2023 година БЕФ да има и свој претставник за односи со ЕУ, со седиште во Брисел.