Во време кога родителите сè повеќе бараат безбедни, креативни и добро осмислени игротеки и места со креативни-концепти за своите деца, “The Nest” за многу кратко време се издвои како вистинско освежување на скопската сцена.
Сместен на супер локација (веднаш наспроти Skopje City Mall – со што се решава брз пристап и паркинг), “The Nest” не е класична игротека. Тоа е внимателно осмислен концепт кој нуди различни простории и програми прилагодени на повеќе возрасни групи, од најмалите деца, па сè до пред-тинејџерските години. Просторот е дизајниран да поттикнува игра, социјализација и креативен развој, но истовремено да обезбеди удобност и мир и за родителите. Често организираат и најразлични тематски вечери во кои родителите и децата можат да се дружат и да поминат квалитетно време заедно.
Зад овој концепт стои силен менаџерски тим и обучен персонал кој посветува особено внимание на квалитетот на услугата и индивидуалниот пристап кон секој посетител. Без разлика дали станува збор за секојдневна посета, организиран роденден или специјален настан, “The Nest” настапува со јасна амбиција да понуди врвно и конзистентно искуство.
Поразговаравме со сопственикот на “The Nest”, Дамир Бошњак, за идејата зад овој проект, вредностите врз кои е изграден, како и за плановите за неговиот понатамошен развој.

М365: Почитуван г-дин Бошњак, кој е вашиот беграунд, дали некогаш сте работеле ваков коцепт на услуга и како се роди идејата за да инвестирате во проект каков што е “The Nest”?
Дамир Бошњак: Како прво, би сакал да ви се заблагодарам за одвоеното време, убавата најава и многу ми е мило што во истата го препознавте токму тоа што го имаме замислено како концепт на “The Nest”.
Јас сум инаку дипломиран економист на отсекот Е-Бизнис, при Економскиот Факултет во Скопје и додека се школував имав други планови за мојата кариера, меѓутоа откога случајно влегов во водите на угостителството во 2006-та година, некако се заљубив во оваа индустрија и се насочив кон истата. Од оваа перспектива, кога ќе погледнам наназад, уште како дете сакав да бидам меѓу луѓе и имав претприемачки дух.
На пример, на 9-10 годишна возраст за еден летен распуст, во подрумот на моите родители имав направено импровизирана играчница, со мал билијард, пикадо и тд, служев сокови на растварање за 5-10 денари во која доаѓаа децата од маало да играат.
Понатаму, сфатив дека ова ќе ми биде кариера, кога се приклучив на програмата “Work and Travel” во Аспен, САД и видов како се работи на едно друго ниво. Тука ми се отворија многу хоризонти и желба да работам низ светот. Во меѓувреме, работев и во Грција на неколку наврати, пред да превземеме еден голем чекор заедно со сопругата Елизабета, тогашна девојка да се преселиме на Блискиот Исток, каде живеевме и работевме на неколку дестинации (Катар, Абу Даби и Дубаи). Таму живеевме скоро 10 години и стекнавме огромно искуство и каде од рецепционер на хотел, достигнав да бидам Генерален Менаџер на хотел во Дубаи, а слична кариера имаше и сопругата и заедно станавме нераздвоен тим во животот и работата во оваа индустрија. Во тој период, среќавајќи се со колеги од преку 60 националности, учејќи од едни од најдобрите во угостителството, континуирано унапредувајќи го нашето заење и угостувајќи гости од целиот свет, вклучувајќи кралеви, принцеви и принцези, политичари и во еден збор sвезди од сите области, стекнавме непроценливо искуство.
По долги години живеење надвор од Македонија, заедно со семејството решивме дека сакаме да се вратиме дома и тука да го ставиме во употреба целото искуство кое го имаме стекнато низ светот.
Кога се вративме, ќерка ми тогаш имаше околу 3-4 години, често баравме места каде што можеме да излеземе со неа во Скопје и низ Македонија, но и ние да можеме да поразговараме или да се видиме со пријателите и да поминеме време заедно до децата. При некој таков разговор со жена ми сфативме дека на Скопје му фали едно вакво место и имавме среќа да ја најдеме сегашната локација, која се вклопи во идејата и концептот кој го замисливме, да тоа што од лично искуство како родители ни фали, можеме да го креираме и за друите родители да можат да уживаат во времето со семејството и пријателите. И така, чекор по чекор, “The Nest” стана тоа што е и многу ни е мило што нашите гости го прифатија како свое и голем дел од истите се наши верни клиенти. Сега, ќерка ми, заедно со синот се главните тестери на нови продукти.
М365: “The Nest” често се опишува како повеќе од обична игротека. Како вие лично би го дефинирале овој концепт и што го прави различен од сè што постои на пазарот?
Дамир Бошњак: Па да, “The Nest” како што и името кажува е замислено да биде удобен, релаксирачки простор во кој секој може да си најде свое катче, без разлика дали работи на лаптоп, поминува време со своите деца или да гледа фудбал со пријателите. Исто така, во “The Nest”, прославуаме секакви пригоди, не само детски родендени, имаме славено и 18-ти и 50-ти родендени, и матури и 20 и 40 години од матура, па се до корпоративни забави и промоции на песни.
Значи, “The Nest” е еден комплекс кој содржи повеќе ентитети, секој со своја намена и начин да се прилагоди кон различни потреби на клиентите. Исто така, сакаме да соработуваме и да подджуваме други мали бизниси и да креираме заеднички потфати во кои взаемно ќе соработуваме и ќе им нудиме на гостите интересни понуди и изненадувања.
Тоа што не прави различни се локацијата, мулти-функционалиот простор и секако услугата која секогаш се трудиме да ја подобриме и унапредиме, се со цел да гостите имаат незаборавни моменти во “The Nest”.
М365: Често се истакнува дека вашиот тим и персоналот се еден од клучните адути на “The Nest”. Како ја градите таа услужна култура и што значи за вас „врвна услуга“ во ваков тип на бизнис?
Дамир Бошњак: Едни од најдрагите комплименти ми се кога некој ќе ми се јави или ќе прочитаме во порака или на социјални медиуми дека се презадоволни од услугата и од тимот. И јас и сопругата како сопственици сме почнале од местото каде што се сега нашите вработени и секогаш тргаме од тоа искуство. Се сеќаваме како во тие моменти сме учеле од нашите менаџери и сопствениците на хотелите како треба, а и како не треба да се однесуваш кон вработените и како нивните постапки знаат да влијаат врз еден или врз сите вработени. Во таа насока сакаме да створиме позитивна атмосфера на работа – зошто да не можеме и да се забавуваме и да работиме напорно!? Грешки се прават, но од нив се учи и одиме понатаму. Многу ми е мило исто така што голем дел од вработените се дојдени по препорака на сегашни или бивши вработени, што ми е добар репер дека се или биле задоволни од работата во “The Nest”.
Сите сме едно во “The Nest” и го ставаме гостинот во центарот на вниманието, а ние како круг околу нив “денсаме” (некогаш и буквално) се со цел од првиот повик или чекор се до завршување на услугата или настанот да си отидат задоволни. Морам тука да го спомнам и нашиот менаџер Владимир кој е задолжен за секојдневните активности и во голема мера има заслуга нашата замисла да биде спроведена на дело.
Инаку, иако во “The Nest” се фокусираме на “casual” услуга, тоа не значи дека истата не треба да биде врвна. На кратко, врвна услуга вклучува прво персонализација на истата – да речеме многу од дечињата кои биле кај нас, ги препознаваат нашите вработени и надвор од “The Nest” и доаѓаат да ги гушнат и поздрават. Знаеме кој редовен гостин каква пијачка пие и уште пред да нарача, таа е спремна. Разликата од ОК и врвна услуга се малите детали и внимание кон истите.
М365: Кажете ни нешто повеќе за тематските денови и вечери во “The Nest”, што се организирале досега и што следува во иднина?
Дамир Бошњак: За жал, поради различни причини, Скопјани имаат лимитирани места за семејна забава иако во последно време се отворија голем број на игротеки.
Поради тоа, се трудиме да креираме забавни моменти, како на пример фактот дека во “The Nest” беше одржан и првиот “Family Quiz Night”, каде екипи составени од деца и возрасни се натреваруваа за интересни награди. Во следниот период, планираме да го повториме истото.
Минатото лето имавме и неколку “Splash Party”, каде децата се разладуваа во топлите Скопски денови. Сите ние се разладувавме со нив. Зимово би сакале да повториме нешто слично, но во зимски услови – ако не послужи снегот.
Покрај тоа, често правиме интересни работилници, некогаш за деца, некогаш и за возрасни и деца, со цел заедно да се помине заедничко квалитетно време.
Токму минатава недела исто така органииравме и “Game Nights”, каде друштво можеше да дојде да пие кафе и да играат некои од познатите друштвени игри.
Генерално, се трудиме да бидеме тековни, во смисла на тоа дека ако е Халоуин, да направиме интересна забава во таа тема, или 1-ви Мај со скара и музика и слично. Да речеме, минатиов период фигурите од познатата серија “Stranger Things” станаа хит и организиравме размена на фигури – тоа стана вирално и беа редици од деца од 6-7 години, до млади и возрасни кои сакаа да си ја пополнат колекцијата.
Имаме редовни состаноци со нашиот маркетинг тим, со кои разработуваме креативни идеи и планови за следните периоди, морам да признаам многу се смееме на тие состаноци и при снимањето на видеа со нив.
Интересно е што многу често забележуваме дека други угостителски објекти нè копираат набрзо по некој наш пост или идеја, ама тоа е уште подобар комплимент, значи дека правиме нешто добро, а и е добра мотивација секогаш да бидеме во конкуренција сами со себе.
М365: Кои се вашите следни чекори и планови за развој на “The Nest”? Дали размислувате за проширување на понудата или за нови концепти во иднина?
Дамир Бошњак: Ние во “The Nest”, се стремиме кон тоа да бидеме тренд-сетери и континуирано да се подобруваме, да учиме каде можеме да се поправиме, некогаш по фидбек од гостите, а некогаш сами забележуваме дека нешто може да биде подобро и работиме на истото.
Исто така, сакаме да им дадеме причина на гостите да дојдат повторно и секогаш да има нешто кон што ќе се стремат.
Во следниот период, планираме да ги прошириме активностите за младината и за родителите. Не сакам да откривам премногу во овој момент, но идејата е да “The Nest” се крене на следно ниво во однос на понудата и да имаме континуирани тематски денови/ вечери насочени кон различни публики.
Моментално работиме напорно на планирање и егзекуција, а наскоро и на терен. Ви препорачувам да ги следите следните чекори и ве очекуваме во “The Nest” заедно да доживуваме убави моменти.











