Тренд што ќе остане е да се рекламираат производи што се нужни, а не модерни
Дамјан Дамјановски е маркетинг консултант со големо искуство во работа со брендови, стартапи и агенции на полето на технологија, комуникации и иновации. Австралиец од Сиднеј со македонско потекло, Дамјановски има развиено ефективни стратешки пристапи во широк спектар на бизниси, од етаблирани мултинационални брендови како „Самсунг“, „Кока-кола“, „Квантас“, „Американ експрес“, преку австралиски владини агенции како Одделот за здравство и стареење, Одделението за транспорт, Одделот за одбрана, до стартап компании. На 23 ноември, Дамјановски одржа презентација на Неделата на дизајнот во Скопје 2017 на тема Паметно рекламирање – мал буџет, максимално влијание. Неговата е една од 8-те презентации што од 23-26 ноември за разни теми од дизајн и рекламирање ги одржаа реномирани дизајнери и експерти од Македонија, Балканот и Унгарија. Повеќе информации за презентациите на Неделата на дизајнот во Скопје: http://www.ministryofpleasure.net/presentations.html
Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.
1. Кои се најголемите предизвици во современото рекламирање, особено со сите можности, но и со сета бучава во социјалните медиуми?
– Мислам дека и покрај огромниот помак и бројните промени во врска со каналите што ги користиме за да целиме кон потрошувачите – уреди, социјални медиуми, сѐ поголемата фрагментација – најголемите предизвици во современото рекламирање не се премногу различни од оние што биле отсекогаш. Како можеме да ги поврземе потрошувачите со нашите брендови на значаен и влијателен начин? Она поради што денес овој класичен предизвик изгледа позастрашувачки е фактот што се чини дека е потешко од кога и да е да се привлече вниманието на индивидуата низ сиот хаос на современите медиуми. Но, како и секогаш, добра приказна и добра порака секогаш продираат низ сѐ ако се добро изведени.
2. Одржавте презентација на тема Паметно рекламирање (smart advertising) на Неделата на дизајнот во Скопје 2017. Кои се клучните точки за паметно рекламирање? Како најдобро да се преведе тоа искуство во македонски контекст?
– Клучните точки на презентацијата се фокусираат на три клучни области:
• Познавање на вашиот клиент подобро отколку што тој се познава самиот себеси
• Преземање креативни ризици заради максимизирање на буџетот
• Научете подобро да ги предвидите вашите конкуренти
Мислам дека преведувањето на паметното рекламирање во македонски контекст ќе биде прилично директно, бидејќи овие концепти се универзални за кој било рекламен пазар, без оглед на големината, софистицираноста или културниот контекст.
3. Кој е вашиот најдобар совет за стартап-компаниите?
– Поголемиот дел од стартапите секогаш прашуваат што може да ги максимизира нивните шанси за успех. Тешко е да се даде совет за тоа, кога толку многу стартапи денес го дефинираат успехот на различни начини еден од друг. Конечно, ако успехот на вашиот стартап е поврзан со градење одличен производ што луѓето сакаат да го користат и го сметаат за доволно вреден за да го платат – мојот совет е секогаш ист: „Тебе нека ти биде повеќе гајле за клиентот отколку на другиот, и ќе победиш“. Не само во однос на нештата како што е услугата за купувачите, туку навистина да ти е гајле во смисла да го истражиш и да го разбираш твојот клиент. Да се запознаеш со неговите проблеми, она што го бара, каде има празнини на пазарот, што ги обележува. Колку повеќе ти е гајле за клиентот, толку повеќе клиенти ќе имаш.
4. Кои се сегашните и трендовите во развој во рекламирањето?
– Има многу мини-трендови кои траат веќе некое време, сè – од рекламирањето во техно-трик стил, каде што брендовите се псевдоиновираат со користење технологија за да добијат медиумско внимание – па до сè поголемо потпирање на влијателни личности кои треба да бидат вклучени во кампањите. Иако овие помали трендови доаѓаат и поминуваат, мислам дека еден од најголемите макро трендови, кои веројатно ќе останат и ќе растат во следната деценија, ако не и подолго, е идејата за рекламирање базирано на целисходност и брендови базирани на целисходност. Оние брендови и кампањи кои имаат поголема цел отколку само да ни продаваат производи, ќе бидат сè повеќе и повеќе барани од една генерација во која „целисходно“ значи дека нештото треба да е нужно, а не модерно.