Живееме во несигурни времиња, а последните години таа несигурност станува сè поизразена, пред сè поради Ковидот и економската нестабилност. Како резултат на ова гледаме како луѓето околу нас ја губат довербата едни на други, стануваат повеќе нетрпеливи и се поизолирани. Сето ова води до создавање на социјални бариери, живеење во затворени кругови, кои само ги прават разликите поголеми.
Вистината е дека има многу повеќе работи што нѐ поврзуваат, отколку што нѐ разделуваат. Новата општествена иницијатива на Македонски Телеком зборува токму за оние работи кои се заеднички за сите нас луѓето, кои треба да ги препознаеме во нашето опкружување и да направиме место за нив, со цел вистински да се поврземе во новиот свет предводен од дигитален оптимизам.
На создавањето на комуникациската платформа за Македонски Телеком работеше креативната агенција Saatchi & Saatchi дел од Публицис Груп Скопје, кои се обидоа да создадат приказна која ќе биде, на начин и јазик разбирлива и отворена за секого.
За да дознаеме нешто повеќе за идејата што стои зад оваа платформа, направивме краток разговор со Дејан Спиркоски, креативен директор во Saatchi & Saatchi Македонија.
M365: Одбравте со оваа иницијатива да претставите еден многу забележлив аспект од нашето општество и да го адресирате на оригинален начин, преку пораката „Да направиме место, за вистински да се поврземе.“ или накратко #НаправиМесто. Што означува таа и за што треба да направиме место?
Дејан Спиркоски: Сите ние живееме со предодредени мислења, зацртани верувања, ставови и предрасуди, сакале или нејќеле да признаеме. Сето ова го пополнува нашиот внатрешен простор, не дозволувајќи да се всадат нови идеи, погледи и верувања.
Со иницијативата #НаправиМесто на Македонски Телеком имаме за цел да ги охрабриме луѓето да направат место во своите срца и мисли… место во кое ќе се вселат повеќе разбирање, емпатија и блискост.
Сето ова ќе ни помогне вистински да се поврземе, што е еден чекор кон градењето на тој посветол и поубав свет кој сите ние го зборуваме и по кој мечтаеме.
M365: Зошто токму Македонски Телеком ја пренесува оваа порака? Која е улогата на брендот?
Дејан Спиркоски: Верувам дека големите брендови, можат да играат и голема улога во општеството. Оваа идеја ја делат и нашите партнери од Македонски Телеком, па затоа се подготвени да адресираат дел од тензиите кои веќе постојат во општеството, да помогнат тие да се намалат, а во најдобар случај и да придонесат во нивното разрешување.
Улогата како бренд на Телеком е многу јасна. Преку своите услуги и продукти, Телеком ги поврзува луѓето, овозможува пристап до најновата технологија…, а кога веќе тоа го прават зошто да не ја искористиме оваа шанса да се создаде вистинска поврзаност, која ќе инспирира отвореност и меѓусебно разбирање. Да се надмине обичното обезбедување на услуги и да се инспирира еден поинаков однос кон дигиталниот и реалниот свет, насреде општествените предизвици.
M365: Во наративот на оваа иницијатива на Македонски Телеком ги вклучивте и безвременските дела на драматургот Горан Стефановски, кој често зборуваше токму за нашето општество. Зошто го одбравте Горан? Што е она што ги поврзува Горан Стефановски и Македонски Телеком? И како дојдовте до зградата во целата приказна.
Дејан Спиркоски: Целокупната работа на Горан е длабоко врежана во нашата колективна меморија. А, голем дел од креативноста на Стефановски служи како потсетник дека нашите заеднички искуства и врски можат да помогнат во надминувањето на меѓусебните разлики. Дополнително веруваме дека сето ова Горан го кажува на еден едноставен, народски јазик, а сепак доволно силно и освестувачки што може да допре до сите.
Низ неговите дела најдовме многу заеднички зборови, пораки, мисли, кои ја делат философијата на Телеком за поврзување, отвореност и поголема блискост. Ги засукавме ракавите, собиравме зборови, реченици, цитати, извадоци… и од неговите дела успеавме да сплетеме една приказна, нов наратив за една зграда.
Ја одбравме зградата, бидејќи веруваме дека таа е метафора за нашето општество, за еден човек, за едно семејство, за сите нас. Кога функционира една зграда, функционираат и луѓето што живеат таму, функционира државата… функционираме сите.
M365: Како одеше создавањето на приказната? Беше ли тешко да се пренесе од хартија во видео формат? Како одеше екранизацијата? Кој сѐ беше инволвиран во ова?
Дејан Спиркоски: Најпрво морам да кажам дека сето ова беше огромен предизвик, одговорноста беше огромна, знаејќи колкаво значење имаат делата на Горан Стефановски во Македонија. Но, за среќа работам во една средина со отворени, генијални умови, ентузијастични и полетни луѓе, Saatchi & Saatchi тим, без кој ова никогаш не можеше да се случи. Во проектот беа инволвирани сите членови, од прв до последен. Со нас беа и членовите на тимот од Маркетинг и бренд комуникации на Телеком, кој подеднакво учествуваа во градење на оваа приказна и го делеа нашиот ентузијазам и нашата страст од почеток до крај.
Секако ова немаше да биде можно без визијата на режисерот Ангел Апостолски, и фотографијата на Александар Павловиќ. Музичката подлога и звучниот дизајн ги направи Ненад Стефановски – Брус, а музиката која ја гради емоцијата во целото видео и која сите ја познаваме е безвременската „Сонце за три светови“. Филмот е во продукцијата на Сектор Филм кои составија една извонредна филмска екипа, која посветено работеше на проектот.
Голема благодарност и до семејството Стефановски кои ја поддржаа оваа иницијатива, а сите заедно верувам дека направивме приказна која го доловува тоа што Македонски Телеком сака да го пренесе „Да направиме место, за вистински да се поврземе.“