Денешен гостин на Маркетинг365 е Денис Ампов, Country Manager на најголемата онлајн продавница во Македонија – Ananas.mk. Со извонредна стратешка визија, длабоко разбирање на дигиталната економија и непоколеблива посветеност на извонредноста, Денис одигра клучна улога во развојот на „Ананас“ – од влегувањето на македонскиот пазар во 2023 година, до неговото издигнување како најголема платформа за е-трговија во Македонија. Впрочем, таквата позиција на „Ананас“ ја потврдуваат и седумте освоени награди на овогодишните „E-commerce Awards“, вклучувајќи ја меѓу нив и шампионската награда за македонски „Е-трговец на годината“.
Токму освоените награди беа повод за ова интервју, во кое со Денис разговараме за неговото професионално патешествие, за филозофијата на работа, за развојот на „Ананас“, иницијалните предизвици и успешните решенија, за состојбите на македонскиот пазар за онлајн трговија и дигиталната потрошувачка иднина што нè очекува.

M365: Господине Ампов, можете ли да ни споделите нешто повеќе за развојот на Вашата професионална кариера и што Ве доведе до Вашата водечка улога во „Ананас.мк“?
Денис Ампов: Мојата кариера започна во секторот продажба, од дете сум сакал да продавам и тоа го правев успешно уште во средношколски денови. Во периодот на студии продолжив со продажба преку МЛМ системите каде го испеков занаетот.
Професионалната кариера ја започнав во Пивара Скопје во секторот продажба, какаде што стекнав длабоко разбирање за продажбата, дистрибуцијата и градењето на силни брендови, но и односи со купувачите. За релативно краток период бев препознаен како талент и брзо напредував низ кариерните скалила. На 27 години бев Менаџер за продажба за Horeca каде бев одговорен за целата територија на Македонија.
Потоа преминав во светот на е-трговијата, кој отсекогаш ме фасцинирал поради брзината на развој и потенцијалот за иновација. Приклучувањето кон Ananas беше логичен следен чекор – можност да бидам дел од нешто ново, да градам пазар од темел и да воспоставам платформа која ќе ја трансформира онлајн трговијата во Македонија. Моето искуство со продажба, стратегија и лидерство се покажа како клучно во процесот на градење и раст на „Ананас“ во изминативе две години.
M365: „Ананас“ влезе на македонскиот пазар во 2023 година и за брзо време успеа да се наметне како водечки е-трговец во државата. Како би ја оцениле состојбата на македонскиот пазар за онлајн трговија тогаш и сега? Кои беа иницијалните предизвици со кои се соочивте пред две години и како успеавте да ги надминете?
Денис Ампов: Кога започнавме, онлајн пазарот во Македонија беше и се сè уште е во развој – постоеше интерес, но и многу предизвици: недостаток на доверба кај потрошувачите, слаба дигитализација на бизнисите и ограничени логистички капацитети. Првиот предизвик беше да ја добиеме довербата на клиентите преку беспрекорно корисничко искуство, транспарентни политики и брза испорака.
Во овие две години, пазарот значително напредува. Купувачите стануваат сè поинформирани, онлајн плаќањата растат, а бизнисите почнуваат да ја гледаат вредноста на дигиталната продажба. Ние во „Ананас“ постојано работиме на едукација на пазарот, подобрување на логистиката и проширување на понудата, што ни помогна да ја постигнеме водечката позиција во е-трговијата.
Како платформа која има повеќе од 500 локални партнери кои продаваат преку платформата на Ананас, несомнено е дека ја имаме апсолутната лидерска позиција како маркетплејс на пазарот.
M365: Од надворешна перспектива, се чини дека логистиката (односно навремената и безбедна достава на пратките) претставува еден од клучните предизвици во развојот на дигиталните трговски платформи. Бидејќи „Ананас“ неодамна ја освои наградата за „Е-трговец со најдобра достава“, ќе можете ли да ни откриете мал дел од Вашата стратегија за доверлива, оптимизирана и ефективна логистика?
Денис Ампов: Логистиката е столбот на секоја успешна е-трговска платформа. Од самиот почеток, во „Ананас“ инвестиравме во подобрување на испораките – соработуваме со најдобрите курирски служби, постојано ги следиме перформансите и ги оптимизираме процесите.
Клучот за успех е во технологијата: воведовме паметни алгоритми за рутирање на испораките, интеграција со партнери во реално време и детално следење на нарачките. Дополнително, градиме сопствени логистички капацитети, со цел да понудиме уште побрза и посигурна достава.
Системот кои го наметнавме со детална промена на статусите на нарачките и следење на истите со нашите партнери, помагаат да имаме исклучителни резултати со испорака над 90% во предвиденото време за достава.
M365: Како го оценувате македонскиот пазар за онлајн трговија во контекст на регионалните состојби. Во кои сегменти предничиме пред соседите, а каде треба уште да се подобруваме?
Денис Ампов: Македонија има огромен потенцијал за е-трговија и во некои сегменти дури и ги надминуваме соседните пазари – особено во однос на брзината на прилагодување на потрошувачите кон онлајн купување. Македонците сè повеќе плаќаат со картички, а и логистичките капацитети се подобруваат.
Сепак, предизвик останува дигитализацијата на малите и средни бизниси, како и проширување на е-трговијата надвор од Скопје. Дополнително, регионалните пазари како Србија или Бугарија имаат поголеми инвестиции во „fulfillment“ центри, што е нешто кон кое и ние ќе се стремиме.
За ова е потребна и инфраструктура од државата, како дигиталната фискализација која ќе допринесе за забрзан развој и можност за сортирање и испораки од една локација.
M365: Како гледате на конкуренцијата од глобалните (пред сè кинеските) платформи? Како може една домашна или регионална платформа да се натпреварува со нив?
Денис Ампов: Глобалните платформи секогаш ќе имаат предност во однос на обем и цени, но нашата сила лежи во локалното разбирање на пазарот. Ние нудиме побрза достава, локална поддршка и гаранција за квалитет – нешто што странските платформи не можат секогаш да го обезбедат.
Дополнително, работиме на партнерства со локални бизниси и брендирање на „Ананас“ како платформа што нуди сигурност и вредност. Дигиталната трговија не е само за продажба – туку и за градење доверба, а тоа е нашата конкурентска предност.
Присутноста на носечките брендови во категориите гарантираат квалитет бидејќи веќе се добро позиционирани на пазарот, во однос на непознатите брендови кои ги пласираат кинеските платформи.
M365: Што носи дигиталната иднина? Дали и кога може да очекуваме свет во кој најголемиот дел од малопродажната трговија се случува онлајн? Какви би биле придобивките од сето тоа, особено за малите бизниси?
Денис Ампов: Дигиталната иднина е веќе тука – е-трговијата ќе продолжи да расте и да станува сè подоминантен начин на купување. Во Македонија, сè уште постои баланс помеѓу традиционалната и онлајн продажба, но трендот јасно покажува дека онлајн купувањето ќе биде главниот двигател на малопродажбата, ова не може да го очекуваме во следните неколку години – но тенденцијата постои и ова е пат кои треба сите заеднички да го поминеме за да се реализира.
За малите бизниси, ова е огромна можност – им овозможува пристап до поширока публика, без потреба од големи вложувања во физички продавници. Ние во „Ананас“ работиме токму на тоа – да им овозможиме на локалните брендови да просперираат преку нашата платформа на фер и транспарентен начин и да можат да конкурираат со лидерите во нивните категории.
M365: За крај, која е Вашата деловна филозофија? Што би им порачале на оние кои сакаат да станат дел од Вашата индустрија?
Денис Ампов: Мојата филозофија е едноставна: никогаш не престанувај да учиш, да се адаптираш и да бараш нови можности. Е-трговијата е динамична индустрија и успехот доаѓа само ако сте подготвени да вложите труд и постојано да размислувате чекор напред.
На сите што сакаат да се приклучат на оваа индустрија им порачувам: бидете храбри, пробувајте нови работи, анализирајте ги податоците и пред сè – ставете го корисникот во центарот на сè што правите. Тогаш успехот ќе дојде сам по себе.
Мора да се разбере дека дигитализацијата е потребна на секое ниво и секоја индустрија. Ова значи или ќе фатите приклучок кон иднината или ќе останете во место и останатите ќе ве поминат.