Маркетинг365 го имаше задоволството да разговара со Гордана Мишевска, сопственичка на центарот за онлајн компјутерско образование Едуфронт.

M365: Госпоѓа Мишевска, која беше инспирацијата позади Едуфронт? Зошто се одлучивте за отворање на едукативен центар?
Мишевска: Како долгогодишен професор по математика и учесник во формалниот образовниот процес увидов дека постои потреба за додавање на курикулум за дигитални вештини за деца. Во исто време преку моите деца, поточно нивните интереси кон компјутерската технологија, сфатив дека и во неформалното образование нема соодветен избор за деца на училишна возраст. Идејата за настанување на Едуфронт потекна кога барав едукациски центар за мојата ќерка која изрази желба да изучува графички дизајн. Неможноста да се најде соодветна програма за нејзина возраст ја поттикна самостојно да учи преку разни туторијали и онлајн ресурси. Како цел си поставив да се развие квалитетен едукативен центар по светски стандарди и веќе развиени успешни примери.
Моето размислување започна од прашањата: Зашто и нашите деца не учат по докажани програми како тие од Харвард? Што е тоа што може да се направи и навистина ќе се најде во иднина на сите деца во нашата земја? Беше јасно дека се зголемува потребата од дигитални вештини, а со тоа и клучна е едукацијата и компјутерското образование на децата уште од најмала училишна возраст. Така решив своето искуство да го применам и унапредам во неформален едукативен центар за учење програмирање и дигитални вештини за деца.
M365: Кои се вашите поголеми успеси низ текот на овие 3 години?
Мишевска: Последниве три години минувавме низ различни фази од нашиот развој. Од обуки за Scratch со физичко присуство до онлајн обуки според програмата од Харвард, па сѐ до целосна дигитализација и нови дигитални патеки за програмирање, веб дизајн и дизајн.
Едуфронт започна со две програми за креативно компјутерско образование за деца, ПрограмИграм, коишто успешно ги развивме и пилотира преку спроведување на проектот „Компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард“ со поддршка за стартапи од Фондот за иновации и технолошки развој. Успешно реализиравме обука на над 20-тина деца во две различни возрасни групи. При реализација на самиот проект се појави КОВИД-19 и поради тоа бевме приморани брзо да пивотираме и да се префрлиме на онлајн обуки. Овој проект ни беше одличен поттик да ги истестираме овие две програми, од кои едната успешно ја спроведуваме и денеска.
Втората учебна година донесе проширување на понудата со две нови онлајн обуки за програмирање за деца „ПрограмИграм во Python“ и „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“. Овие програми се јавија природно како продолжување на претходните групи и барањето на родителите. Со помош на нашите наставници во целост ги развивме новите програми базирајќи се на принципите на креативно учење. Ова ни донесе нови резултати на нови 70 слушатели на нашите обуки.
Желбата за постојан развој и овозможување на континуирано учење и навлегување во повеќе дигитални вештини и технологии доведе до идејата за креирање на програмите DIGIPATH – Дигитални патеки за учење за деца. Со овие програми се надополнуваат постоечките обуки со нови обуки за да се создадат различни дигитални патеки за учење за деца: Дигитална патека за програмирање, Дигитална патека за веб дизајн и Дигитална патека за дизајн. Digipath се спроведува со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ како поддржан проект преку Инструментот за забрзан економски раст.
M365: Може ли да ни откриете дел од вашите дигитални програми? Кои се предавачите на истите и како е досегашниот интерес?
Мишевска: За оваа година ги креиравме програмите од DIGIPATH – Дигиталните патеки за учење на деца. Овие дигитални патеки претставуваат облик на Академии за учење на дигитални вештини за деца, составени од повеќе последователни обуки кои се надоврзуваат и надополнуваат една со друга. Целта на дигиталните патеки е децата од рана училишна возраст да се стекнат со основи на компјутерско образование, да се запознаат со можностите и различните насоки во кои можат да го продолжат своето дигитално надоградување и усовршување. Овие програми се наменети за деца од 8 до 14 години. Digipath се состои од 3 различни дигитални патеки за учење: Дигитална патека за програмирање, Дигитална патека за веб дизајн и Дигитална патека за графички дизајн.
Во текот на овој месец организиравме онлајн информативен отворен настан “Во чекор со Digipath” за запознавање со обуките и програмите. Исто така одржавме бесплатни воведни часови за почетните обуки од секоја Дигитална патека. На овие часови ни се приклучија голем број на деца од цела Македонија и активно учествуваа во активностите подготвени од нашите предавачи.
Тимот на едукатори во Едуфронт е составен од долгогодишни експерти со теоретско и практично искуство од програмискиот јазик или дигиталната вештина што ја предаваат и што е најважно, имаат желба да работат со деца и да им пренесуваат знаење на интересен и инспиративен начин. Можам да кажам дека за сите патеки имаме подеднаков интерес. Тоа се должи на возраста на децата. Раното започнување со компјутерско образование им дозволува да се запознаат со што повеќе дигитални вештини. Притоа искуственото учење им помага подоцна да увидат што е она што најмногу ги привлекува или во која патека нашле најмногу интерес.
M365: Која е целната публика на овие обуки и дигитални патеки и како може да се земе учество во истите?
Мишевска: Обуките од Digipath – Дигиталните патеки за учење на деца се наменети за деца од 8 до 14 годишна возраст. Секоја од патеките започнува со обуките Scratch и Scratch Adv коишто се првично наменети за деца од 8 до 10 годишна возраст. Во зависност од афинитетот секој ученик може да одбере да продолжи со специфичните обуки од соодветна дигитална патека. Исто така на овие обуки може директно да се приклучат деца од 10 до 14 годишна возраст.
Во тек ни се уписи за нови групи коишто ќе започнат со настава во Февруари. Пријавата се одвива преку формата на нашата веб страница. Родителите можат да нѐ следат на нашите профили на социјалните мрежи: FB Edufront и Instagram Edufont за да бидат во тек со нашите тековни активности и последни новости.
M365: Кои се очекуваните резултати од досегашните програми? Што се надевате дека еден ден Едуфронт ќе постане? – Кои ви се подолгорочните планови со Едуфронт?
Мишевска: Како што споменав, наши резултати во овие три години се преку 180 слушатели на нашите обуки, креирани 5 програми за обука и тим од 7 луѓе кои постојано работат на едукација на идните генерации. Ако ме прашаше некој пред три години истово прашање, сигурно немаше да ги претпоставам бројките кои ги имаме денеска.
Наша визија е „Дигитална писменост достапна за секое дете“ и силно веруваме дека ние сме битен чинител во општеството да ја оствариме оваа визија. Се надеваме дека ЕДУФРОНТ ќе биде хаб кој ќе работи за иднината на денешните генерации, правилно да се насочат за ефективно и полезно користење на дигиталната технологија. Со првиот нивен пристап до интернет треба да се научат како правилно да наоѓаат, проценуваат, комуницираат и споделуваат онлајн содржини. И штом се на училишна возраст да почнат да се воведуваат во основите на компјутерско и алгоритамско размислување и стекнување на основни дигитални вештини.
Во рамки на кажаното погоре, подготвуваме една програма со која сакаме да допреме до секое дете. За таа цел сакаме да ги поканиме сите компании кои сакаат и можат да помогнат да ја оствариме визијата за поддршка за дигитална писменост и основни дигитални вештини за секое дете да нѐ контактираат на info@edufront.mk.