Кај нас нема многу едукативни и мотивирачки програми за жени-лидерки и женско лидерство, но, изминатава есен во јавноста забележавме неколку позитивни видео-изјави од учеснички на една таква висококвалитетна иницијатива: Програмата за лидерство за жени со влијание (WILP). За да дознаеме за што точно станува збор, решивме да ги распрашаме организаторките и главни обучувачки и менторки на програмата, кои исто така ни се добро познати и во маркетинг светот – Ирена Јакимова и Викторија Јордановска.
Ирена Јакимова ја знаеме како директор на маркетинг агенцијата МекКен Ериксон Скопје, иницијатор на Лондонската школа за односи со јавноста и една од основачите на МААМ (Македонската асоцијација за агенции за маркетинг).
Викторија Јордановска е жената која го организираше Саем на Жена, а денес работи на релација Скопје – Виена како сертифициран НЛП тренер, коуч и консултант во меѓународни организации.
Тие ни открија повеќе детали за проектот, за неговата реализација и идните планови за понатамошен развој на програмата и слични иницијативи на неа. Исто така, добар дел од разговорот посветивме на темата за улогата на жените во македонската економија и специфично во областа на маркетингот, за предизвиците со кои тие се соочуваат и како може да се подобри нивната лидерска иницијативност.
Маркетинг365: Неодамна го реализиравте првото издание на Програмата за лидерство за жени со влијание (WILP). Колку жени успешно ја комплетираа програмата и што имаа можност да научат во текот на процесот?
Ирена и Викторија: Првично имавме замисла да ја направиме програмата со група од 15 учеснички, но, големиот интерес не’ поттикна да најдеме начин да ја зголемиме групата и таа беше составена од 18 учеснички од најразлични сектори, организации, државни институции, образование, невладини организации – со еден збор, непрофитни организации. Од нив, 13 целосно ја завршија програмата, а 5 го завршија само онлајн делот и ќе имаат можност да ја дополнат програмата со следната група, која ја планираме на почетокот на 2025 година. Програмата се состоеше од најнапредни методи и техники за внатрешен развој на личноста на една лидерка, како и техники на комуникација, јавен настап, справување со комплексни ситуации, градење јасна визија, самодоверба, здружување и друго. Една од најголемите придобивки на овој наш успешен Еразмус+ проект е градењето на заедницата и зајакнати капацитети на партнерите на проектот и учесничките. Тие се вмрежија, се здружија, си даваат поддршка во проекти, креираат и делуваат заедно.
Маркетинг365: Двете имате долгогодишно искуство во маркетингот, комуникациите, односите со јавноста и соработката со меѓународни организации, а денес сте искусни меѓународни обучувачи и ментори за личен развој. Како дојде до оваа транзиција и како искуството во маркетингот и огласувањето Ви помага во вашата нова дејност?
Ирена: Желбата и дарбата да работам со луѓе во поддршка на нивниот развој и користење на целиот потенцијал, кај мене дојде уште кога работев во маркетингот. Осетив дека тоа уште повеќе ме исполнува од креирањето комуникациски кампањи и релации со јавноста. Луѓето, развојот и резултатите и мојот допринос во тоа. Следеше постепен развој, едукација, пракса и сега можам да кажам дека ова го работам повеќе од 12 години, во различни форми. Искуството во комуникациите особено ми помага, со тоа што во оваа дејност, преку невро-лингвистичкото програмирање, се надградив во комуникацијата меѓу луѓето, а и другите ги обучувам во тоа, често пати заедно со Викторија. Исто така, во работата со жените и при развој на нивните бизниси или лични брендови, и помагам со совети и насоки од маркетинг.
Викторија: Во периодот кога бев сопственик на агенцијата Омни Ивентс и го организиравме првиот Саем на Жена во 2010 година, буквално се сопнав на методологијата Невро-Лингвистичко Програмирање (НЛП). Сакајќи да помогнам некому, сфатив дека мене ми е потребна помош. Така започна мојот личен развој, што се претвори во пасија и нов професионален пат. Од тогаш па до денес поминав голем број врвни едукации, стекнав искуство и се’ уште учам – развојот е една од моите најголеми вредности.
Често знам да се пошегувам дека некој инвестира во недвижнини и автомобили, а јас најголемата инвестиција ја имам направено во себе. Отсекогаш ме исполнувала работата со луѓе и креирање искуства кои придонесуваат кон благосостојба и прогрес, што во минатото го достигнував преку организација на настани, а денес преку работа со поединци и тимови. Вештините стекнати од периодот кога работев во областа на маркетингот и огласувањето ги користам секојдневно, за себе и со клиентите – комуникација, преговарање, продажба, развој на бизнис и особено поддршка на претприемачи преку обуки, коучинг и менторство.
Маркетинг365: Проектот, како што можеше да се забележи од промотивниот материјал, беше ко-финансиран од ЕУ преку програмата Еразмус+. Како дојде до оваа меѓународна соработка и поддршка?
Ирена: Уште пред неколку години започнавме да размислуваме да аплицираме за поддршка на ЕУ проект, во којшто ние би можеле да ги понудиме нашите знаења и искуства, а тоа да биде полесно достапно за одредени групи жени… Сакавме и нашата соработка да ја прошириме со слични експерти од други земји. Ни требаше време да научиме како се аплицира и да најдеме соодветни партнери.
Викторија: Можности има насекаде, потребно е само да ги препознаеме и да делуваме. До познанството со партнерите од Чешка, и нивните партнери од Германија, дојде спонтано, на една средба во Виена. Со Бланка Белак, сопственичката на Leadership Associates од Чешка, веќе неколку години бевме менторки во менторската програма на Professional Women’s Network – PWN Виена, и еден ден решивме да се запознаеме лично и да испиеме кафе. Од таа средба произлезе проектот. Тие бараа партнери, имаа искуство со програми за жени лидерки, особено од непрофитните дејности. Јас и Ирена долги години соработуваме, и така се споивме и охрабривме. Бевме пресреќни кога видовме дека нашиот проект е избран за ко-финансирање, а и еден од најуспешните проекти имплементирани во 2024 година („Најинспиративна приказна“). Од тоа партнерство пораснавме и ние и тие, и одиме понатаму со нови проекти.
Маркетинг365: Како ја оценувате застапеноста на жените во лидерски позиции кај нас, во нашата економија? Каква е состојбата во маркетингот?
Ирена: Во голем број области/сектори нема доволен број жени на лидерски позиции, а таа ситуација е особено алармантна во политика и институциите. Во маркетинг работат доста жени, а од она што се сеќавам, жените се доста вредни, креативни и застапени во маркетинг агенциите, но, голем број од сопствениците, директорите или креативните директори – се мажи. Доаѓа ера на реализација на жените на водечки (leadership, executive) позиции и тука ние даваме голем допринос со нашите обуки и со индивидуалниот пристап (1:1).
Маркетинг365: Викторија, ти си живеела долги години во Виена. Како ја споредуваш тамошната состојба со она што го гледаме кај нас?
Викторија: Не правам споредби, бидејќи верувам дека споредувањето создава чувства на инфериорност или грандиозност – состојби кои не се корисни и продуктивни. Kога кај нас во 1903 година пукнало првото црешово топче за ослободување од петвековното османлиско ропство, во Виена е основана Wiener Werkstätte, организација која имала за цел да внесе врвен дизајн и занаетчиска изработка во сите аспекти на секојдневниот живот. Едноставно сме на различни нивоа на развој. Ова е слично на споредување на напредокот на дете кое расте во здрава и поддржувачка средина со напредокот на дете кое е изложено на насилство и траума. Секогаш треба да погледнеме на индивиуално ниво и холистички.
Она што ме радува е што како општество полека, но сигурно, стануваме посвесни за потребата од промени и напредок. Среќна сум што запознавам и соработувам со луѓе кои се посветени на позитивни промени во нашето општество и горда сум што и јас сум дел од тој процес. Верувам дека за вистински напредок неопходно е да се фокусираме на решенија и на прашањето „како?“ – Како некој успева да направи нешто што и ние го посакуваме? Како тоа е возможно во светот? Како може да биде возможно за мене? За нас?
Маркетинг365: Кои се главните предизвици со кои се соочуваат жените за да напредуваат во бизнисот или да креираат сопствени бизниси?
Ирена: Сите улоги што ги имаат, особено во семејството, очекувањата и притисокот на општеството не им оставаат многу време и фокус. Потоа, сомнежот во себе е почест кај жените, немањето навика да се побара и прими помош, а некои жени, особено во руралните области – немаат имот на свое име. Сето ова им го отежнува креирањето и развивањето на сопствените бизниси, а на некои жени и напредокот во кариерата во други компании, организации и институции.
Маркетинг365: Што им е потребно на жените за да се зголеми нивната лична и деловна самодоверба и да покажат поголема иницијативност во бизнисот?
Викторија: Поддршка, охрабрување, освестување на потенцијалот и капацитетите кои го носат во себе и здружување. Има една Афричка поговорка која ми е една од омилените: „Ако сакаш да стигнеш брзо, оди сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, оди заедно.“
Маркетинг365: Како огласувачката индустрија влијае врз сликата на жената што ја има за себе, врз нејзината самодоверба и инспирација?
Ирена: Рекламната индустрија создава една идеална слика на нешто што е недофатливо во реалноста или не во таква форма, и тоа врши голем притисок на жената. Таа чувствува дека мора да исполнува одредени критериуми за убавина, успешност или среќа, а, тие, често пати се нереални. Некои компании и кампањи имаат и позитивен пристап за јакнење на самодовербата на жената и прифаќање на себе. Важно е да сме свесни за ова и да внимаваме каде не’ носат влијанијата, како се чувствуваме и какви постапки преземаме.
Маркетинг365: Што најмногу Ве изненади или на што сте најмногу горди од овој проект? Што би промениле или додале за следното издание?
Ирена: Најмногу не’ изненади големиот одзив и интерес на жените, а најмногу сме горди на енергијата на соработка и поединечните успеси што жените-учеснички веќе ги остварија.
Викторија: Креиравме фантастична програма за зајакнување на лидерските капацитети на жените, и овој пилот проект ни овозможи да ја тестираме со жени кои веќе се докажани лидерки и прават промени во полињата во кои делуваат. Фидбекот кој го добивме од нив, заедницата која ја создадовме и нивниот успех за мене се најголема гордост. Програмата ќе претрпи ситни структурни и логистички промени, но основата – содржината и темите на кои работевме остануваат исти.
Маркетинг365: Веруваме дека Вие нема да застанете тука и дека ќе продолжите со нови активности за зајакнување на женското лидерство. Дали можете да ни откриете на кои следни проекти ќе го насочите Вашиот фокус?
Ирена и Викторија: Веќе креираме нови проекти за поддршка од ЕУ (преку Еразмус+ програмата), а набрзо ќе најавиме и комерцијална програма за женско лидерство, во компании и од кој било сектор. Викторија успешно започна со едукација на македонска група од трансформативната програма НЛП Практичар (Невро-лингвистичко програмирање, сертифицирана од ко-креаторот д-р Џон Гриндер), а во 2025 ќе започне и следна група. Ирена ја обнови својата групна коучинг програма за жени, низ платформата Коучинг клуб Ти си таа, каде што жени ќе имаат можност да добијат групен коучинг и поддршка за својот развој и напредок. Тука се и обуки за поставување личен успех, градење личен бренд и слично, а, секако и директната работа со компаниите. Со некои од најголемите компании кај нас имаме редовна соработка.