Наш денешен гостин е Јелена Спасова, извршен директор на Занаетчиска комора на Македонија, со која разговараме за нејзиниот личен кариерен пат, за успесите и предизвиците на Занаетчиската комора, за нејзината визија и за развојот на модерното занаетчиство во Македонија.
М365: За почеток – како би се претставиле на јавноста? Кој е вашиот професионален пат и што ве доведе до улогата извршен директор на Занаетчиската комора на Македонија?
Јелена Спасова: Мојот професионален пат е резултат на долгогодишна работа во управување, развој на организации и водење на комплексни системи. Никогаш не сум сакала да се претставувам преку титули, туку преку резултати. Искуството од приватниот сектор, од управувачки позиции и работа со големи тимови ме научи на дисциплина, брзо носење одлуки и јасна стратегија.
Токму тој спој на искуства ме доведе до функцијата извршен директор на Занаетчиската комора на РСМ, каде што со голема посветеност работам на зајакнување на занаетчиството, модернизација на Комората и создавање реални можности за занаетчиите.
М365: Каква е вашата визија за Занаетчиската комора? Кои вредности и цели сакаме да ги пренесеме преку нејзината работа?
Јелена Спасова: Мојата визија за Комората е таа да прерасне во модерна, динамична и кредибилна институција која не е само административен сервис, туку вистински партнер на занаетчиите. Сакам Комората да биде нивниот сојузник во секој предизвик – од регистрација на дејност, преку обуки, па сè до излез на странски пазари. Вредностите на кои ја темелиме нашата работа се чесност, транспарентност, отчетност, еднакви можности и постојан напредок.
Нашата цел е да изградиме средина во која занаетчиството ќе биде почитувана, стабилна и привлечна професија, особено за младите. Работиме на јакнење на институционалната улога на Комората, подобрување на законската регулатива, заштита на правата на занаетчиите и создавање нови можности за нивен економски раст.
М365: Кои се најважните проекти и успеси на Комората во изминатиот период, за кои сметате дека најсилно го подобрија занаетчискиот сектор во Македонија?
Јелена Спасова: Во изминатите две години навистина реализиравме проекти кои оставија длабока трага – не само економска, туку и човечка. Во 2024 година го реализиравме еден од нашите најзначајни проекти, поддржан од дипломатскиот кор, кој имаше изразено социјален карактер. Во него учествуваа мајки со деца со посебни потреби, како и самите деца, кои директно беа вклучени во обуки за пекари и пекарски вештини – професија што во моментов претставува дефицитарен кадар во државата. За многумина од нив тоа не беше само обука, туку и прва реална можност за економска независност.
Во 2025 година го реализираме нашиот најголем проект досега за жени од ранливи категории, кои се обучуваат за козметичарски услуги. Токму овој проект го сметам за едно од моите најголеми лични и професионални достигнувања, бидејќи во него ги вклучивме и девојчињата кои беа директно засегнати од трагичниот пожар во Кочани. Преку обуките, поддршката и заедничката работа, тие не само што стекнуваат стручно знаење, туку и поминуваат низ процес на психолошко заздравување, повторно градење самодоверба и враќање на надежта. Денес тие се активни, мотивирани и со јасна визија за својата иднина.
Покрај овие проекти, реализиравме и бројни програми за обуки, меѓународни соработки, саеми, базари и промоции на домашни занаетчии, преку кои директно влијаевме на нивната економска стабилност, видливост и вработување.
М365: Модерното занаетчиство бара нови вештини, дигитална видливост и адаптација кон пазарот. На кои начини Комората им помага на занаетчиите да растат, да се едуцираат и да станат поконкурентни?
Јелена Спасова: Свесни сме дека денешниот пазар бара многу повеќе од само занаетчиска умешност. Затоа интензивно работиме на поддршка во дигитализација, брендирање и пласман на производите и услугите. Организираме обуки за дигитален маркетинг, онлајн продажба, користење на социјални мрежи, фотографија на производи, управување со клиенти и финансиска писменост.
Покрај тоа, им помагаме во изработка на бизнис-планови, апликации за грантови, пристап до фондови и поврзување со банки и партнери. Активно ги вклучуваме во саеми, базари и меѓународни настани, каде што директно ги поврзуваме со купувачи, дистрибутери и странски пазари. Нашата цел е занаетчиите да не опстануваат само локално, туку да станат препознатливи и надвор од границите на државата.
М365: Дали гледате позитивни трендови кај младите занаетчии и жените-претприемачки во секторот? Како ги охрабрувате и кои програми се покажаа најкорисни за нивниот развој?
Јелена Спасова: Да, дефинитивно има позитивни поместувања, но тие не доаѓаат сами од себе. Тие носат нова енергија, иновативност и храброст. Младите денес сакаат брзи резултати, сигурност и поддршка – и ако системот не им ја понуди, тие заминуваат. Затоа нашата улога е клучна.
Кај жените, особено оние од ранливи категории, најголемиот предизвик не е талентот – туку храброста да започнат. Кога ќе добијат реална поддршка, обука, менторство и прва шанса, тие прават неверојатни резултати.
Најкорисни се програмите што комбинираат стручна обука со претприемачки вештини и психолошка поддршка, затоа што успехот не е само занает – туку и самодоверба, стабилност и визија.
М365: Во 2023 година ја добивте наградата „Најдобра жена лидерка – Како да се постигне посакуваното најбрзо“. Што значи ова признание за вас лично и како се рефлектира врз вашето лидерство во Комората?
Јелена Спасова: Ова признание за мене претставува голема чест, но уште поголема одговорност. Го доживувам како потврда дека посветената работа, истрајноста и јасната визија носат резултати. Моите лидерски способности не се изградени преку ноќ – тие се надградувани со години преку управувачки позиции и сериозно искуство во приватниот сектор, меѓу кои и директорските позиции во Рајфајзен банка и УНИКА Осигурување. Токму таму ја изградив дисциплината, стратешкото размислување, одговорноста кон тимовите и способноста за носење тешки одлуки.
Сето тоа денес го применувам и во водењето на Занаетчиската комора. За мене лидерството значи да бидеш пример, да создаваш стабилност, да ги мотивираш луѓето околу себе и да отвораш реални можности за оние на кои им е најпотребно.




















