Оваа година ќе се одржи јубилејното 10. издание на регионалните награди за дигитални кампањи SoMo Borac. Маркетинг365 го имаше задоволството да разговара со Јернеј Смисл, претседател на жирито SoMo Media и директор за маркетинг во VIDAA, и Иван Ковачевиќ, претседател на жирито SoMo Advertising и директор за маркетинг во SofaScore. Во продолжение Ви пренесуваме дел од разговорот.
- Како изгледаат маркетиншките активности за еден глобален оперативен систем, односно апликација?
Јернеј Смисл: Многу различни работи. Тоа е обемна работа. Прво, како платформа, има многу работа на B2B бидејќи сме помеѓу добавувачите на содржини (CSP, т.е. Netflix, Disney, YouTube…) и производителите (Hisense, Toshiba, Sharp…) и треба да ги усогласиме сите дизајни и кампањи кои се видливи за крајните потрошувачи на секој пазар. Потоа, има многу настани ширум светот (CES – Las Vegas, IBC – Amsterdam…) каде што го претставуваме нашиот оперативен систем. На крај тука е и чистиот маркетинг: позиционирање на нашиот оперативен систем на пазарот, градење на брендот, односи со јавноста, како што реков – обемна работа.
Иван Ковачевиќ: Нашите маркетинг активности се фокусирани на две клучни цели, изградба на брендот и стекнување корисници преку performance-кампањи. Ја покриваме комплетната маркетиншка “инка”, но ја прилагодуваме од пазар до пазар во зависност од целите. Тоа што сме глобално присутни е посебен предизвик и од аспект на распределба на буџетот и од аспект на конкретни активности. Посветуваме посебно внимание на локализацијата за клучните пазари, така што имаме локални активности кои ги спроведуваат локални тимови, на пример во Бразил и Аргентина имаме тим кој покрива социјални мрежи и поддршка за корисници на португалски. Ако треба да издвоиме една од нашите активности што не прави единствени, тоа би биле нашите соработки со медиумите, на кои во реално време им доставуваме висококвалитетни инфографици со нашата статистика. Соработуваме со повеќе од 70 видови медиуми на речиси сите континенти. Ова ни помага да изградиме бренд и индиректно да ги зголемиме корисниците на тие пазари.
- Многу се зборува за омниканални маркетинг стратегии. На кои дигитални канали ставате најголем фокус?
Јернеј Смисл: Со оглед на тоа што ние сме платформа и претежно комуницираме со потрошувачите преку ТВ, исто така користиме и веб-страници и маркетинг преку е-пошта. Присутни сме на социјалните мрежи, секако.
Иван Ковачевиќ: Се трудиме максимално да ги искористиме платените и органските канали. За платените, користиме кампањи за инсталирање апликации на неколку платформи, но нашиот најголем фокус е на „кампањите за апликации“ на платформата на Google. Работиме по сопствен модел за машинско учење, кој го предвидува однесувањето на корисникот во иднина врз основа на однесувањето на корисникот во одреден краток временски период. Колку е подобар овој модел, толку подобро Google ни носи корисници кои ја враќаат инвестицијата за пократок временски период. Ги приспособуваме понудите и ги локализираме креативите во секоја земја.
- Вештачка интелигенција, метаверзум, NFT-а се само дел од темите за кои нашироко се дискутира во дигиталната сфера. Кој од нив го гледате како најважен тренд што ќе ја обликува иднината на дигиталнот свет?
Јeрнеј Смисл: Моето мислење е дека метаверзумот ќе биде најважен од наведените три.
Иван Ковачевиќ: Не можам да гледам во волшебна кугла, но факт е дека сме на врвот на возбудата околу метаверзумот, NFT-ата, Web 3. Можеме да видиме навистина одлични примери за квалитетно користење на овие технологии од страна на бројни брендови, технолошки компании, па дури и поединци. На пример, во светот на спортот тука се издвојува Socios, кој како никој досега ги поврза спортските навивачи ширум светот со клубовите, а Sorare со својата фудбалска фантазија. Корејската фудбалска лига е присутна во метаверзумскиот свет Sandbox. Има многу примери. Навистина е возбудливо да се видат можностите што ги нудат овие технологии. Мислам дека клучот сепак ќе остане во привлекувањето на вниманието на корисникот на платформата/каналот што е релевантен во тој момент. Денес тоа може да биде канал на YouТube или TikTok, утре метаверзумски свет како Decentraland или Sandbox.
- Колку релевантната содржина е важна за односот со корисниците и како тој да се развие?
Јeрнеј Смисл: Релевантната содржина е од клучно значење. Започнува со содржина, но не заборавајте на дистрибуцијата. Тоа оди рака под рака.
Иван Ковачевиќ: Содржината е крал, но контекстот е кралица. Секој ден сме бомбардирани со огромно количество содржини, човек во просек троши околу 150 минути на социјалните мрежи, а повеќе од 6 часа дневно консумира дигитални содржини. Сè потешко е да се привлече вниманието на корисниците, но за да се успее во тоа, клучно е содржината да се прилагоди на публиката и да се испорача во вистинско време. На пример, нашата главна предност е деталната статистика која се обидуваме да ја претставиме како инфографици на социјалните мрежи во реално време. Ова е местото каде што им даваме вредност на корисниците, медиумите и спортистите на каналот што го користат додека го следат натпреварот. Секогаш се трудиме да ги следиме трендовите, но не скокаме на првиот воз на нова возбуда.
- Зошто SoMo Borac е важен за развојот на регионалната дигитална заедница и како тој влијае на неа?
Јeрнеј Смисл: Како што кажавте: SoMo е најсилната регионална заедница. Од оваа гледна точка, SoМo Borac има суштинска улога во дефинирањето на начин за развој на дигиталната сфера и препознавање на најдобрите дигитални проекти.
Иван Ковачевиќ: SoMo Borac се стреми да поврзе исклучително важна, но сè уште потценета индустрија. Луѓето кои работаат во дигиталната сфера во регионот можат да се пофалат со завидни резултати кои не се ништо полоши од оние на нивните колеги на релативно поразвиените пазари. SoMo Borac ги собира луѓето кои се страстни за дигиталниот свет, ги поврзува. Драго ми е што од оваа година и технолошките компании добија свој простор, мислам дека тоа е одлична можност за маркетерите од технолошките компании да се поврзат и да разменат искуства.