Жозефин Ричардс е креативен директор на INGO Stockholm, шведска агенција поврзана со мрежите Grey и Ogilvy на WPP. Низ годините, Жозефин има освоено преку 50 награди, вклучувајќи кански „златни лавови“, „жолти пенкала“ на D&AD и Grand Prix на Eurobest. Нејзините кампањи за ланецот продавници за прехрамбени производи LIDL се наградени со „златни лавови“ три години по ред. Таа била член на повеќе шведски и меѓународни наградни жирија. Минатата година, Жозефин беше прогласена како дел од 10-те најдобри креативни директори во светот според Adweek. Таа е и еден од најреномираните говорници на овогодинешното издание на креативниот фестивал Golden Drum, кој ќе се одржи од 17 до 19 октомври во Порторож, Словенија, а денеска и гостин на Маркетинг365.
М365: Вашиот говор на Golden Drum оваа година е насловен како „Страв“ (напуштајќи ја вашата комфорт зона за да пронајдете магија). Кој е првиот чекор за да откриеме дали сме во комфорт зона?
Добрите работи во најлош случај може да исчезнат поради страв. Мојот говор е насочен кон разбирање што значи стравот за секоја личност и за секој клиент. Преку учењето за нашите грижи, можеме да ги елиминираме уште од самиот старт и да изградиме доверба за да ја надминеме комфорт зоната.
М365: Вие сте биле дел од тимот кој ги има создадено некои од најмеморабилните кампањи во последните неколку години. Кој е Вашиот пристап кон создавањето на идеи? Дали имате некои специјални „ритуали“ или „чекори“ кои ги користите кога започнувате да размислување за „решение“ на брифот?
Добрите идеи произлегуваат од добри разговори. А добрите разговори се создаваат во соба со посветени луѓе кои се сакаат меѓу себе, дури и воопшто да не се слични еден на друг, и кои не се плашат да кажат што имаат на ум.
М365: Кога зборуваме за изведба на одлични проекти, секогаш постои вечната дилема – што е поважно: „идејата“ или „изведбата“?
Мислам дека тие се еднакво важни и како создавач на идеи вие треба да ги шитите до крај и да се осигурате дека тие ќе бидат достојни или подобри од вашата оригинална замисла.
М365: Што значат фестивалските награди за Вас лично? Како клиентите реагираат на нив?
Како и во повеќето индустрии, фестивалските награди функционираат како потврда дека нешто сте направиле како што треба. И бидејќи најкреативните кампањи често се и најефективни, тоа значи дека сте направиле и нешто добро за бизнисот на вашиот клиент. Сѐ повеќе и повеќе од нашите клиенти всушност присуствуваат на овие фестивалски наградни церемонии за да бидат инспирирани од кампањите кои се успешни.
Фестивалите, исто така се важен индикатор за климата во самата индустрија, што е тренд и зошто, како и кои се предизвиците. Многу од фестивалите нудат простор за дискусија, промени и подобрување.
М365: Кое „парче“ креативност го освои Вашето срце оваа година?
Кога е во прашање креативностa во адвертајзингот, ми се допаѓа „Palau Pledge“, бидејќи искористува нешто што веќе постои и е мало и го претвора во нешто ново и моќно и навистина мислам дека ќе направи разлика за малата островска нација Палау.
Но, ако мислите на кое било „парче“ креативност, тогаш она што најмногу ме возбуди беше секако исечената слика на Бенкси.