Денеска разговараме со Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција, водечка национална организација која делува на полето развој на руралните средини, земјоделието, руралниот туризам и сл., составена од 50-тина локални здруженија од државава.
Г-ѓа Јоноски неодамна по вторпат беше назначена како член во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество со мандат таму да биде гласот што ќе го претставува секторот земјоделство и рурален развој, што го искористивме и како повод со неа да поразговараме на повеќе теми.
М365: Кажете ни нешто повеќе за Рурална Коалиција? Како настана и кога е основана оваа организација?
Л.Ј.: Кога се формираше Рурална коалиција, во јули 2013 година, сите во тој период бевме понесени од желбата и мотивацијата да се делува во интерес на земјоделците, како и да се подобри воопшто квалитетот на живот во руралните средини, но тоа да се направи на начин кој што ќе биде темелен, ќе биде заоснован на партнерство, соработка и ќе биде станува збор за организација во која што сите ќе имаат слични идеали, слични интереси и еден ист мотив, а тоа е унапредување на животниот стандард на жителите во руралните средини. Но, со самата промоција и во почетокот на делување на организацијата многу голем интерес се покажа од страна на локалните т.н. грас рут здруженија да влезат во коалицијата и заеднички да се направат напори за делување, а уште тогаш на сите ни беше јасно дека заедно и здружени може да постигнеме повеќе, па всушност тоа е и нашето мото: Само здружени можеме повеќе! И во 2016 година беше потпишана и првата од таков вид социјално-економска платформа на земјоделски здруженија, а се со цел да се сврти вниманието и на пошироката јавност дека земјоделство не значи само производство и продажба на храна туку дека е многу многу повеќе од тоа и дека мора да се делува на повеќе полиња паралелно за да може да кажеме еден ден дека ние со нашето делување сме придонеле кон создавање на конкурентни семејни земјоделски стопанства кои што придонесуваат кон одржливоста на руралните средини и тоа преку едукација, директна поддршка, како и влијание врз локалните и национални политики поврзани со секторот земјоделство и рурален развој. Тоа всушност е и нашата мисија кон чие што достигнување започнавме да работиме како неформална коалиција од 17 здруженија потписници на социо-економската платформа, а денес гордо можам да кажам дека веќе сме препознатлива чадор организација на 50 здруженија, со развиено Рурално Женско Лоби како неформално тело во организацијата, Рурална младина која што се занимава со прашањата на младите во руралните средини, како и Советодавно тело кое што пак помага во градењето на ставовите на Коалицијата особено кога станува збор за креирањето на локалните и национални земјоделски политики, но и кон приближувањето кон Заедничката Земјоделска Политика на ЕУ. Членка сме и на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество, претставувајќи го земјоделството и руралниот развој и мислам дека досега навистина доста успешно успеваме да ја реализираме идејата за постоењето на еден ваков вид на неформална коалиција која што е и единствена по начинот на работа и функционирањето во секторот. Низ годините сме биле поддржани од бројни донатори како што е програмата на Цивика мобилитас, Проектот за техничка поддршка на граѓанските организации во Западен Балкан и Турција (EU TACSO 3), Конект преку Донаторски кружок, Европската Унија, но исто така морам да споменам дека во одредени моменти сме имале поддршка и од страна на институциите со кои што секогаш настојуваме да градиме партнерски однос, како на национално, така и на локално ниво, за што говорат и повеќе од 25 потпишани меморандуми за соработка, а во интерес на унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница и руралните средини.
М365: Досега сте работеле на навистина многу значајни проекти третирајќи најразлични аспекти на секторот земјоделие и руралниот развој. Дали може да ни наброите неколку позначајни проекти од последниве години?
Л.Ј.: Проекти се многу низ годините, некогаш повеќе некогаш помалку, но секогаш во насока на унапредување на состојбите во различни делови од секторот земјоделство и рурален развој. Она што би можела да издвојам од проектите, а кои што во исто време имаа и најголем влијание во општеството воопшто беше креирањето на првата база на капацитети за рурален туризам која што се креираше и во соработка со Агенцијата за промоција на туризмот во нашата држава каде што беа мапирани повеќе од 120 капацитети каде што може да ги поминете Вашите викенди, да пробате вкусна локална храна, да преспиете и да ги запознаете локалните знаменитости на местото каде што се наоѓа капацитетот. Овој проект беше реализиран во 2018 година, а базата на капацитети сеуште е активна и на веб страницата на Рурална Коалиција, како и на страната на Агенцијата. Вториот проект кој што би го издвоила е проектот “Транспарентност и отчетност со парите на граѓаните“, кој што се работеше 2018-2019 година како проект за подигнување на транспаретноста и отчетноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Кампањата која што се одвиваше низ бројни населени места во руралните средини на територијата на нашата земја, одеше под слоганот “Земјоделците му дадоа “ДВОЈКА“ на Министерството за земјоделство“ (линк), а која што кампања произлезе врз основа на резултатите добиени од теренско истражување со земјоделците кои што не беа задоволни од работата на министерството (линк). Кампањата заврши со покана за средба од страна на тогашниот министер за земјоделство, г-динот Љупчо Николоски, каде што беа презентирани нашите препораки во однос на транспаретноста и отчетноста на министерството, при што најголемиот дел од нив беа прифатени, па така за прв пат кон краjот на 2018 година за прв пат се обjави jавен повик за доделување на средства за граѓанските организации кои што делуваат во секторот што претходно не беше случаj, јавно достапни станаа годишните извештаи за работењето на министерството кои што претходно исто така не беа достапни, се објави листата на социјални и економски партнери на министерството, а за прв пат преку јавен повик се бираа и членови во потсекторските групи, кои што се едни од консултативните механизми на министерството со граѓанските организации и со земјоделците. Рурална Коалициjа стана социjален партнер на Министерството за земjоделство, дел од предлозите на програмата за рурален развоj за 2019 година исто така беа прифатени, а секторот земjоделство и рурален развоj организациjата го претставува во Советот за соработка со и развоj на граѓанскиот сектор, а станува член и од ИПАРД комитетот каде што пак директно има влиjание и врз програмирањето на средствата од ИПАРД програмата, како и увид и мониторинг во начинот на нивната распределба.
И третото достигнување кое што би сакала тука да го споменам е застапувањето за првата мерка насочена кон економско јакнење на жените во руралните средини – Мерка 115, на која што се работеше повеќе од 3 години заедно со сите засегнати страни во секторот (институции, академија, бизнис сектор, индивидуални жени – земјоделки, граѓански организации, донатори), а која што го помина патот од нејзино креирање до нејзина реализација. Мерката беше дел од Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и истата беше пилотирана кон крајот на 2019 година, а во 2021 година за прв пат 250 жени од руралните средини добија неповратна финансиска поддршка за своите економски активности во износ од 180.000 денари по грант.
Она што за крај исто така би сакала да го споменам, а е дел и од нашите стратешки приоритети е вложувањето во институционалниот и организациски развој на Коалицијата, воспоставување на пракси за добро управување, но и вложување во развојот на капацитетите на локалните мали здруженија кои што се дел од Коалицијата. Кога веќе сме кај доброто управување, Рурална Коалиција беше вклучена во еден поголем подвиг во граѓанскиот сектор кој штотуку заврши, а кој што значеше изработка и на првиот кодекс за саморегулација на граѓанските организации со кој што сакаме и да ја зголемиме нашата транспарентост и отчетност кон заедниците со кои што работиме, па и кон институциите и на таков начин да ги зголемиме легитимитетот и професионалноста во нашето работење, како и довербата кај граѓаните во нашето делување. Ваквиот кодекс беше и официјално потпишан на 4-тиот фестивал – Ден на граѓанските организации, а неговата изработка беше активно поддржана од Европската Унија, како и останатите донатори во нашата земја. Ова само покажува дека Рурална Коалиција работи на подигнување на капацитетите на самата организација и во континуитет со партнерите создава структура која што ќе им биде верен партнер на земјоделците и жителите од руралните средини во годините што претстојат.
М365: Неодамна ја усвоивте новата Стратегија која се однесува на работата на организацијата во перидот 2021-2025. На кои приоритети ќе работи Рурална Коалиција во наредните 5 години?
Л.Ј.: Тука кога говориме за стратешкиот развој на Коалицијата, најпрво би ја споменала мисијата на организацијата која што е насочена кон унапредување на условите за создавање на одржливи рурални заедници преку вклучување и поврзување на сите чинители во секторот земjоделство и рурален развоj, градење на капацитети, придонес кон рамномерен регионален развој и учество во креирање на локалната и националната аграрна политика.
За да може да ја достигнеме и оствариме мисијата која што сме си ја поставиле како Коалиција, фокусирани сме на 4 стратешки приоритети и тоа: поддршка на младите и жените во руралните средини особено во делот на јакнење на нивните капацитети и знаења за претприемништвото, како и искористување на финансиската поддршка која што е достапна и ја има од различни извори, но сепак треба да признаеме дека се потребни и изградени капацитети за да се искористи ваквата поддршка, но и да се направат активностите или бизнисите одржливи бидејќи тоа е и единствениот начин на кој што може да се придонесе и кон локалниот економски развој. Креирањето на родово-сензитивни мерки и политики во земјоделството и руралниот развој исто така претставува една од стратешките цели на која што посветено работиме заедно со институциите. Понатаму, втората област на која што обрнуваме многу големо значење како организација е застапувањето на нашите иницијативи и предлози, но иницијативи кои што ќе бидат базирани врз истражување и заосновани на факти и докази за што исто така е потребно континуирано вложување во развојот на капацитетите за истражување, но и застапување кое што ќе значи зголемена примена на законската регулатива, но во исто време и зголемена вклученост на земјоделците и жителите од руралните средини во процесите на креирање и имплементација на политиките кои што придонесуваат кон подобрување на условите за живот во руралните средини, но и кон креирање на одржлив развој на истите. Руралниот туризам е тема на која што работевме и претходниот стратешки период и на кој што ќе продолжиме да работиме во периодот што следува затоа што во оваа област се потребни круцијални и суштински промени кои што институциите или граѓанскиот сектор, а уште помалку самите жители на руралните средини, не можат да ги поднесат сами, па затоа е потребно вложување на сите расположливи сили во една насока, а таа е креирање на нова стратегија за рурален туризам, но и подобрени капацитети на земјоделските стопанства и руралните средини за водење на рурален туризам. Последниот пак стратешкин приоритет во голема мера беше и претходно споменат, а тоа е вложувањето во сопствениот институцинален и организациски развој, особено кога станува збор за подобрување на одржливоста на организацијата, подобрена внатрешна комуникација и организациска структура со здруженијата-членови, но и подобрена комуникација кон надвор, односно кон пошироката јавност, па така нашата намера е да бидеме колку што е можно поприсутни и погласни во јавноста при тоа застапувајчи го гласот на земјоделците и жителите од руралните средини пред институциите, но во исто време, ваквата наша присутност во јавноста ќе биде и во насока да им помогнеме на институциите во дизајнирањето на поефикасни политики и програми кои што ќе водат кон забрзан развој на земјоделскиот сектор, вклучувајќи го тука и руралниот развој.
М365: Што е она што според Вас е неопходно најбрзо да се реформира во секторот земјоделие за да одговориме на предизвиците кои се испречуваат и за кои сведоачат Вашите истражувања и анализи?
Л.Ј.: Она што прво треба да се направи е дефинитивно достапноста, но и разбирливоста на информацијата за секое семејно земјоделско стопанство и истата да допре буквално до секоја рурална средина во нашата земја, затоа што токму информацијата е клучна за да може понатаму да се вложува во развојот и модеранизацијата на земјоделското производство, затоа што како ќе може да инвестирате во Вашето производство ако немате информација каде може да се обратите за поддршка, кои се мерки ги нуди државата или останатите донатори кај нас, потоа што е она што се бара на пазарот итн. Потоа секако неминовни се вложувањата во руралната инфраструктра, патишта, осветлување, електрична енергија, чиста вода за пиење, канализација, но исто така вложување е потребно и во достапноста на услугите во руралните средини што се покажа како особено ранлива категорија за време на Ковид панедмијата. Нема доктори во руралните средини, нема амбуланти, немате пристап до социјални услуги, нема градинки или дневни центри за престој на децата, нема јавен превоз. Ова се структурни и систематски прашања, но навистина крајно време е тука да започне да се вложува и тоа со активен придонес, соработка и поврзување помеѓу сите засегнати чинители (општини, граѓански организации, бизнис сектор, национална власт итн.).
Понатаму потребна е и едукација на населението во руралните средини особено кога станува збор за аплицирање на мерки за финансиска поддршка, основање на сопствени бизниси, развој на претприемачките капацитети, па токму поради тоа и цела една стратешка област во нашиот план е насочена кон изградба на капацитетите, но и застапување од друга страна за олеснување на процедурите, постапките кои што сеуште се премногу комплицирани особено ако се аплицира за ИПАРД програмата. Последниот сегмент кој што исто така бара итна акција е зголемување на дигиталната и компјутерска писменост кај населението од руралните средини која што исто така се покажа како клучна за функционирање во време на криза како што тоа ни се случи со Ковид пандемијата, па така ако сите имавме можност и вадевме дозволи за движење во време на полициски час по електронски пат, земјоделците тоа го правеа со посета на шалтерите на Министерството за земјоделство и тоа два пати, еднаш вработените да им аплицираат за дозволата до Министерството за информатичко општетство и администрација и вториот пат за да ја подигнат дозволата во хартиена форма. Ова ни беше вистински аларм на нас дека треба под итно да отпочнат процесите на дигитализација во секторот како и доближување на електронската комуникација со институциите и користењето на е-услугите, на што веќе ние и практично започнавме да работиме на терен.
М365: Во склоп на Рурална Коалиција, функционираат и Руралното Женско Лоби и Младинскиот Рурален Клуб. Кажете ни нешто повеќе за активностите на овие неформални под-групи на организацијата?
Л.Ј.: Да, токму така и морам да признаам дека особено активно ни е Женското Лоби кое што го формиравме по иницијатива на самите жени од руралните средини, носени од потребата дека имаат доста иницијативи за кои што треба да се дискутира и застапува, особено во делот на нивното економско јакнење и социјална инклузија во општетството. Се состануваме еднаш месечно, но може и почесто во зависност од потребата и моменталниот контекст, па така ова тело изработи и посебни препораки за економско зајакнување на жените од руралните средини преку мерки и програми кои што беа доставени и до Министерството за земјоделство, а активно ова тело беше вклучено и во креирањето на првата мерка за финансиска поддршка на жените од руралните средини, мерката 115. Што се однесува, пак до Младинскиот рурален клуб, истиот го сочинуваат младите и волонтерите во нашата организација со кои што работиме на младински прашања и политики со кои што сакаме да ги зачуваме младите и во руралните средини, овозможувајќи нивна целосна вклученост во системот, процесите на донесување на одлуки на локално ниво, создавање на квалитетен социјален живот, но и можности за вработување, а во насока на намалување, па и спречување на процесите на миграција со кои што се соочуваме последните 10-тина години и тоа не само на релација село-град туку и воопшто надвор од нашата држава.
М365: Ретроспектива на 2021 година и планови за 2022 година
Л.Ј.: Ако направиме ретроспектива на 2021 година во секторот земјоделство може да се заклучи дека станува збор за уште една тешка година за земјоделците, каде што освен покачените цени на репорматеријалите и зголемените трошоци за производство, годината беше тешка и од аспект на влијанието на климатските промени чии што негативни ефекти особено во летните месеци низ периодот на суша беа исклучително тешки и исклучително многу негативно влијаеа врз земјоделското производство како во однос на приносот, така и во однос на квалитетот.
Во претпоследното тримесечје од оваа 2021 година забележано е зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи за 0,7% споредено со минатата година истиот период, што сепак е минимално зголемување, а особено загрижува и фактот што продажбата на земјоделските производи од сопствено производство е забележано намалување за 4.3%, што пак значи дека малите семејни земјоделски стопанства повторно се први на удар, како и изминатите години, а особено овие две години на земјоделско производство во услови на пандемија.
Дека состојбите во секторот земјоделство и оваа година беа тешки говорат и ниските цени на пченицата како стратешка култура на државата, па потоа следуваа и оризот, јаболката, а за нивна поддршка говори и последната одлука на Владата на предлог на Министерството за земјоделство за дополнителни субвенции од 3 денари по килограм откупено грозје, ориз и јаболко.
И понатаму говориме за состојби во кои што немаме стабилни откупни цени на земјоделските производи ниту пак навремени и реални исплати на субвенции и останата финансиска поддршка како едни од најзначајните мерки за поддршка на земјоделскиот сектор. И понатаму отсуствува воведувањето на календар на исплата на субвенции во време кога тоа им е најпотребно на земјоделците и во време кога ќе може да ги планираат трошоците, но и кога имаат најголема потреба од финансиска поддршка.
Понатаму 2021 година ќе ја одбележи и завршувањето на ИПАРД 2 програмата за која што се очекува искористеноста да биде и повеќе од 60%, но за која што пак најголемиот дел на средства, на пример ако се погледне само мерка 1 – Модернизација на семејни земјоделски стопанства може да се види дека дури 28, 4 милиони евра се потрошени за набавка на основна механизација како трактори или приклучна механизација, а дигитализацијата, иновациите, вложувањето во обновливи извори на енергија и понатаму отсуствува, а тоа беше и еден од заклучоците донесен и на последниот ИПАРД мониторинг комитет при презентацијата на достигнувањата од ИПАРД 2 програмата, а во кој што комитет е членка и Рурална Коалиција.
Од друга страна, пак ако погледнеме што е она што Рурална Коалиција го сработи создавањето на првиот женски рурален е-пазар “Наша тезга“, мислам дека ни ја одбележа цела 2021 година и тоа сосема заслужено со оглед на тоа што на оваа иницијатива се работеше повеќе од година дена, а во изградбата на виртуелниот пазар беа вклучени речиси сите чинители во секторот и тоа преку градење на т.н. меѓусекторски партнерства помеѓу бизнис заедницата, донаторската заедница, граѓанските организации и индивидуалните граѓани. “Наша тезга“ денес има над 100 жени производителки од руралните средини од територијата на цела држава, па тука ќе го држиме и фокусот и во 2022 година со оглед на тоа што сепак овој виртуелен пазар ги прави првите чекори и потребни се уште многу вложувања.
Достигнувањата кои што ги направивме пак и во делот на дигитализацијата и електронската комуникација со институциите во руралните средини е вториот сегмент кој што може да го сметаме дека ни ја одбележа годината со тоа што имавме 5 обуки за обучувачи токму во делот на добивање на е-услуги кои што пак потоа на терен успеаа да обучат над 230 земјоделци и жители на руралните средини за добивање на електронски услуги од институциите.
За прв пат, Рурална Коалиција изработи и стратегија со акциски план за застапување која што пак треба да ни ги даде насоките, но и планот во застапувањето на нашите иницијативи, понатаму изработивме над 10 документи за јавни политики, потпишавме над 15 меморандуми за соработка со општини и јавни институции како на локално, така и на национално ниво, спроведовме над 5 јавни кампањи кои што вклучија и над 5000 жители во руралните средини од сите возрасти, станавме дел од Националниот акциски план за Отворено Владино Партнерство, имавме над 7 законски интервенции, а Рурална Коалиција ќе го застапува и секторот земјоделство и рурален развој во Советот за соработка на Владата со граѓанското општество.
Ваквите достигнати резултати само се нашиот поттик и мотивација да работиме уште повеќе и да оставиме уште поголем печат на нашето постоење и делување во текот на 2022 година.
А кога сме кај 2022 година, тука накратко би ги споменала плановите на организацијата за оваа 2022 година. Имено, фокусот и понатаму ќе го држиме на унапредување на социјалната и економска положба на жените во руралните средини земајќи ја во предвид работата најпрво на виртуелниот рурален женски е-пазар “Наша тезга“, која што пак активност ќе значи и зголемување на достапноста на информациите до жените од руралните средини, застапување за унапредување на пристапот до здравствени и социјални услуги, унапредување на дигиталните и претприемачките вештини, зголемување на знаењата и капацитетите за финансиските можности и користење на поддршка, но и превземање на директни герила акции на терен, каде што токму главната улога ќе ја имаат жените, а во насока на намалување на видливиот родов јаз во руралните средини.
Освен жените, Рурална Коалиција во фокусот за 2022 година ќе ги има и младите во руралните средини, особено развојот на нивните претприемачки, презентациски, но и вештини за застапување и младински активизам и тоа токму во општините и средини во кои што живеат како и вложување во културниот и социјален живот во овие средини кој што во моментов речиси и да го нема, а е еден од клучните фактори за задржување на младите на село и создавање на одржлив рурален развој.
Дигитализацијата, како и развојот и унапредувањето, но и зголеменото користење на е-услугите во руралните средини исто така ќе биде една од темите на кои што тимот на РК посветено ќе работи особено поради фактот што заложбите на РК токму на овие теми се дел од Националниот план за Отворено Владино Партнерство 2021-2023 година, што пак подразбира и заедничка работа и вложувања, а во насока на остварување на поставените заложби во соработка со националните и локални власти. Кога сме веќе кај овој план, една од заложбите која што исто така подразбира и заедничко вложување и работа е зајакнување на свеста кај земјоделците и населението во руралните средини за ефектите од климатските промени, но и подигнување на степенот на знаења и информации кои што може да го помогнат процесот на земјоделско производство да се прилагоди и да ги ублажи се повидливите негативни ефекти од климатските промени.
ИПАРД 3 програмата односно следењето на процесот на имплементација на програмата ќе биде една од основните активности и на Платформата за Поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој која што Рурална Коалиција ја основа кон крајот на 2021 година, а која што ќе ги гради своите капацитети токму во делот на придонесот кон ЕУ програмите, како и придонес во ЕУ интеграциските процеси токму во делот на прилагодувањето на националната аграрна политика кон Заедничката Земјоделска Политика.
Како пак неформална Коалиција на 50 здруженија, Рурална Коалиција и понатаму ќе вложува во развојот на организациските капацитети и структура на здруженијата-партнери на организацијата, а ќе вложува и во развојот на човечки капацитети, знаења, заеднички акции и застапување за одржливи рурални заедници кои што ќе нудат квалитетен живот со модерно и конкурентно земјоделско производство вклучувајќи го тука и руралниот туризам.