На наше големо задоволство, денешен гостин на Маркетинг365 е Маја Наумовска Савеска, директор за маркетинг и корпоративни комуникации на Халкбанк АД Скопје.
Маја го предводи маркетиншкиот и комуникациски тим на Халкбанк кој во изминатите неколку години, во соработка со своите агенциски партнери, успешно реализираше низа на активности, кампањи и настани, вклучувајќи ги: „Фустани со џебови“, „Б-страна билборди“, „Стартап пакет/Стратап гаража“, „Чувари на мудроста“, „СинтЕЗа“, „Трајни културни вредности“ и многу други. За нивниот успех сведочат и бројните освоени награди на престижни национални и меѓународни професионални фестивали како БЕАМ, BalCannes, Kaktus и Golden Drum.
По тој повод, со Маја разговараме за мотивацијата позади континуираниот успех, за важност на професионалните признанија, за развојот на компаниската маркетинг стратегија, за успешното менаџирање со паралелни активности, односите со агенциските партнери, важноста на општествената одговорност и секако – за нејзината лична деловна филозофија и секојдневна инспирација.

M365: Евидентно е дека Халкбанк во последниве години важи за еден од најуспешните огласувачи на македонскиот пазар, континуирано комуницирајќи со јавноста преку кампањи и настани кои освојуваат награди и признанија на национално и меѓународно ниво. На што се должи Вашата неуморна мотивација да продолжите да напредувате и да рализирате нови активности, веќе и откако сте освоиле толку награди? Колку се всушност важни професионалните натпревари и признанија во понатамошната инспирација на еден маркетинг тим?
Маја Наумовска Савеска: Наградите се супер. :) Сите признанија кои ги добиваме од индустријата, навистина многу ни значат и ни пружаат големо задоволство. Тие се резултат на добро завршена работа. Но, кога станува збор за работата, нашиот фокус никогаш не бил на наградите, туку на креирањето позитивни резултати и ефекти. Ако нашата кампања изнуди позитивна реакција, ако ја насмее публиката, ако преку неа публиката успее да го почувствува и да го запомни брендот, и ако поради истата дојде кај нас – тоа е вистинската победа.
Е после таква, добро сработена кампања, искрено, жедни сме за работа на уште поуспешни и покреативни проекти. Секоја следна кампања се трудиме да биде уште побрза, некогаш малку поостра и поблиску до срцата на луѓето. И едноставно, со самото тоа што вистински уживаме во работата, не сакаме и не можеме да запреме. :) Дополнително, свесни сме дека како маркетери не смееме да си дозволиме да се „опуштиме“. Динамиката во нашата индустрија е исклучително брза и доколку не се движиме во темпо кое диктира, ќе мора да сме следбеници…
Кога станува збор за натпреварите, нив ги користиме како еден вид на гориво. Тие ни помагаат да се туркаме себеси надвор од комфорната зона. Бидејќи само кога размислуваме надвор од неа, успеваме да направиме кампања која ќе ги натера луѓето да се изненадат и кажат „не ми се верува дека банка го направила ова“. :)
А вистинска инспирација? Таа сепак најмногу доаѓа од желбата да сме бренд кој значи нешто повеќе од обична бројка на пазарот.
M365: Освен домашниот, тука е секако и меѓународниот успех. Минатата година, Халкбанк се најде меѓу Топ 10 најуспешните огласувачи во регионот – според извештајот на BalCannes. Дали можете да ни откриете нешто повеќе за тоа како еволуираше Вашата маркетинг стратегија низ годините, особено во висококонкурентната банкарска индустрија? Кои се основните принципи по кои се водите во конципирањето на таквата стратегија?
Маја Наумовска Савеска: Да бидам искрена, на самиот почеток од моето работење во маркетингот за банката, комуникациската стратегија се засноваше врз „ригидните“ правила. Вообичаено, како што комуницираат банките, тонот на комуникација беше на сигурност, сериозност, финансии, проценти, камати…
Но, со ваквиот пристап, свесни бевме дека во суштина сите играчи на пазарот звучат исто, па комуникациски ние сме само уште еден глас во „вревата“…
Во моментот кога овој став беше прифатен и разбран од страна на највисокиот менаџмент, работите во нашата комуникација започнаа да се менуваат.
Значи, благодарение на Главниот извршен директор, кој ни даде вистинска слобода во поглед на креативната работа и во креирањето на нашите комуникциските стратегии и презентирањето на брендот пред јавноста – секако, со насока тоа да е во линија на сите вредности на компанијата, успеавме да го истакнеме брендот, а нашите кампањи станаа позабележителни и поблиски до луѓето.
Важно е да кажам дека во самото име на банката (Халк = народ) се инкорпорирани луѓето. Па затоа, тргнавме со целта да градиме бренд кој што ќе зборува со луѓето.
Стратегијата е едноставна: разбери го таргетот како човек, а не како број. Изгради комуникација која што допира, не само што презентира и објаснува. И најважно, биди храбар.
Во високо-конкурентната средина, покрај креативноста и понудата, храброста е валута. Сакаме идеи кои носат резултати, но и реакции.
А принципот по кој се водиме е: брендот мора да има став. Тој може и да е кул, но со срце. Да е блиску до животот на луѓето. Да се менува со времето, но да остане верен на својата душа и вредност.
M365: Вие сте постојано присутни во јавноста со активности кои неретко се развиваат паралелно. Како успевате ефикасно да менаџирате со повеќе кампањи и настани истовремено? Како обезбедувате конзистентност во квалитетот на нивната изведба, додека ги приспособувате на конкретните целни публики?
Маја Наумовска Савеска: „Лесно“. Фокусот ни е на идејата, а не на хаосот. :)
Да, знаеме да тргнеме со неколку проекти во исто време, и тоа некако ни стана нормално… Но, не трчаме без компас. :) Имаме јасна визија, каде секогаш во фокус се вредностите на брендот а во процесот се вклучени луѓето кои си ја сакаат работатат и кои знаат што прават.
Трикот е во синхронизираноста и сплотеноста на тимот со кој што работам. Низ годините успеавме да изградиме култура на работа каде секој знае зошто постои една конкретна кампања. Сите умееме да ја видиме големата слика – па дури и ако правиме четири нешта одеднаш, тие знаат да звучат како едно.
А квалитетот на изведбата како и адаптацијата кон публиката се лесно достижни ако точно знаеме кој ни е брендот, кому се обраќаме и кого вклучуваме во процесот.
M365: Халкбанк паралелно соработува со неколку агенциски партнери. Каков е односот со нив? Дали Вие им наложувате што да прават или имаат слобода да предлагаат и сопствени идеи? Како го балансирате тој однос и колку е всушност важна меѓусебната доверба во постигнувањето на успешните резултати?
Маја Наумовска Савеска: Прво, желбата за реализација на многу наши идеи и проекти, навистина ја наметна потребата од соработка со неколку, наши драги партнери. И со секој од нив, работиме навистина партнерски.
Во однос на начинот на работа, она што верувам дека и во нивни очи не дефинира како клиент, е тоа што сме свесни дека ако клиентот ги тера агенциите само да извршуваат по стриктни правила и насоки, тогаш истиот за возврат добива само реализирана задача, но не и магија.
Нашиот стил на работа се заснова на желбата да иницираме развој на идеи, да слушаме идеи и да не ги запреме идеите туку да им направиме простор за движење. Затоа кон нашите маркетинг партнери гледаме како кон ко-автори, а не како кон изведувачи.
Да, ние секогаш се трудиме да им дадеме добар бриф, но им даваме и простор да сонуваат пошироко од него.
А во релацијата со нив, основно е да постои доверба. Таа била клучна во сите оние моменти кога за некои предлози сме можеле да кажеме без повреда на ничие его „ова не е тоа“. Но, таа била клучна и во моментите кога сме рекле „еј ова звучи лудо, ама ајде да го пробаме“.
Во суштина, така се создани и сите наши, заеднички приказни кои не личеле на обични кампањи.
M365: Може да се забележи дека активностите на Халкбанк постојано ги поврзува некоја општествено одговорна порака, без разлика дали тоа се однесува на младите, на родовата еднаквост, на културните вредности и слично. Колку е важно за една компанија да ги поддржува и поттикнува позитивните општествени текови и промени?
Маја Наумовска Савеска: Мислам дека бренд кој што нема став, нема вредност.
Халкбанк не комуницира општествени теми затоа што тоа е тренд, туку затоа што тоа ни е врежано во нашата ДНК.
Кога преку нашите кампањи зборуваме за родова еднаквост, за младите, животната средина или за културата, тоа е така затоа што сакаме да бидеме дел од решенијата за конкретните теми.
А како компанија која има позиција на глас, верувам не дека е важно, туку дека истата има обврска да ја искористи таа позиција и за нешто поголемо од само продажба.
M365: Веруваме дека некои од Вашите кампањи и настани ќе останат во трајно сеќавање на македонската огласувачка индустрија и на пошироката јавност. Дали Вие лично имате некоја кампања или настан што Ви се особено драги и се гордеете со нив?
Маја Наумовска Савеска: Искрено, се гордееме на сите проекти кои ги започнуваме од идеја, па ги доведуваме до реализација. И кога уште таквите проекти ќе направат некое поместување во емоциите и во очите на луѓето, тоа нè прави уште посреќни и позадоволни.
Но, ако морам да издвојам, едни од најдраги ми се:
- Корпоративните кампањи и проекти кои ги направивме со вклученост на вистинските луѓе – клиенти на банката;
- Кампањата „Фустани со џебови“ и сите настани врзани за истата;
- Муралите и еко катчињата низ земјата;
- Целата Халки платформа за едукација на деца
- Проектот „Трајни културни вредности“ и настаните за истиот
- Стартап кампањата и нашата „стартап гаража“
M365: За крај, што би им порачале на младите луѓе кои допрва влегуваат во „маркетиншките води“? Која е Вашата деловна филозофија и како секојдневно се инспирирате за нови и влијателни маркетиншки идеи?
Маја Наумовска Савеска: Ако си млад/а и влегуваш во полето на маркетингот, би ти советувала да си постојано гладен/на за идеи, за учење и стекнување на нови знаења. Биди љубопитен/на, истражувај, биди храбар/ра, но, научи и да слушаш.
Наместо од постоечките брендови, својата инспирација за лични маркетинг приказни барај ја од луѓето, од улицата, културата, од животот, музиката…
И најважно, работи со срце, со страст и љубов, во опкружување на луѓе кои ќе ти го дозволат тоа и кои ќе ја делат истата пасија со тебе.