Наш денешен гостин на Маркетинг365 е Марија Мешкова, во интернет светот попозната како ZenfluentMaria, веќе етаблиран ментор за течно говорење англиски јазик, претприемач и дигитален креатор.
Марија го спојува своето знаење и искуство во маркетинг и настава, гради системи за објавување креативни содржини и брендирање. Во рок од два месеци, ZenfluentMaria добива над 1,1 милион следбеници на Инстаграм, над 600 илјади следбеници на ТикТок и над 100 илјади претплатници на YouTube. По само седум месеци напорна и доследна работа, со јасна визија и намера, брендот на Марија започнува да привлекува светско внимание.
Повеќе за нејзините почетоци, за најефикасните едукациони и дигитални маркетинг стратегии, за градењето на личниот бренд, лансирањето и развојот на ZenfluentMaria, прочитајте во продолжение.
Маркетинг365: Вашата приказна како ментор за течно говорење на англиски јазик, претприемач и дигитален креатор е вистински инспиративна. Можете ли да споделите како вашата страст кон англискиот јазик и образованието ве натераа да станете ментор и креатор на содржина?
Марија Мешкова: Ви благодарам. Мојата приказна започнува уште кога бев дете. Отсекогаш ме привлекувала едукацијата и сум се восхитувала на успешните во тоа поле. Со англиски се сретнав уште во предшколска возраст, односно гледав цртани и читав детски енциклопедии и без да знам дека тоа е ефикасна вежба, ги изговарав зборовите наглас и повторував фрази кои сум ги слушнала од телевизија. Тоа за мене беше еден вид игра, а всушност е навистина корисна вежба за полирање на акцентот. Но, морам да напоменам дека при соочувањето со школскиот систем, и начинот на кои учиме јазик во школо, таа страст некако згасна. Не пронајдов инспирација во традиционалниот начин на учење јазик, па така згасна и желбата да бидам професор по англиски јазик.
По завршување на средно, се запишав на филолошки факултет, насока: преведувач, но, повторно, сфатив дека тој кариерен пат не ме исполнува. Тоа внатрешно чувство дека можам да направам многу повеќе често ме потсетуваше да трагам по искуства. Па така, по две поминати лета во Америка, уште повеќе ја засилив таа желба за едукација и комуникација на англиски, па по завршувањето на факултетот, заминав во Кина, и добив работна позиција како наставник по англиски јазик. За прв пат видов што значи да учиш јазик на исклучително интерактивен и забавен начин, со други зборови, да се заљубиш во јазикот. Тоа е тоа што им го пренесувам на моите студенти и денес.
Искуството во Кина беше клучен момент во мојот живот каде се видов себеси целосно во овој начин на работа. Мојата втора страст е маркетингот, а во тој период работев и како фриленс маркетер за свој вебсајт, и често се прашував како можам да ги спојам едукацијата и маркетингот и да направам кариера што ќе ја обожавам. Идејата за Zenfluent Maria се роди во периодот на Ковид, кога се свртев кон себе и си направив еден подолг внатрешен дијалог со себе и она што ме прави исполнета, и едноставно идејата кликна. А накратко потоа, како да надоаѓаа реки од идеи за се што сакам да направам, а едноставно, почувствував дека сум на прав пат.
Маркетинг365: Како ментор и креатор на содржина, кои се најефикасните стратегии кои ги користите за помагање на вашите студенти да напредуваат во говорењето на англиски јазик и да ja зголемат својата самодоверба во комуникацијата?
Марија Мешкова: Најголемиот предизвик со кои студентите се соочуваат е изразувањето на англиски, односно течното говорење. Тоа е нешто што мораме практично да го вежбаме, а од книга не се учи. Интересно е што во моето долгогодишно искуство има еден патерн кој се повторува: доаѓаат студенти кои имаат навистина високо ниво на познавање англиски, дури можам да кажам напредно ниво, но многу ниско ниво на самодоверба бидејќи не можат практично да се изразат на англиски. Самото тоа што разбираат, а не можат да одговорат создава огромна блокада и секако, самодовербата опаѓа. Тука, започнува мојата работа, и пред се, работиме на самодовербата, учиме чекор по чекор да излегуваме од комфор зона, да се трудиме што е можно повеќе да се вклучуваме во конверзација, и се ставаме во вистински ситуации преку практични вежби за да може таа стегнатост да се ослободи. Значи, напоредно работиме на ослободување од стравот и учиме конверзациски англиски според практични сценарија во кои е потребно да зборуваме (англиски на работа, додека патуваме, зголемување самодоверба на интервју, како да зборуваме на настани, како да сме успешни во нетворкинг, англиски на доктор, англиски во банка и слични теми…)
Маркетинг365: Градењето на личен бренд е суштинско во современиот дигитален свет. Можете ли да ни раскажета за процесот на лансирањето на ZenfluentMaria и како успеавте да привлечете толку голема заинтересираност на платформите како Инстаграм, ТикТок и Јутјуб во релативно краток период?
Марија Мешкова: Како што напоменав погоре, кога ја добив идејата знаев дека ова е тоа, и одлучив целосно да се посветам. Никогаш немав план Б. Ниту во еден момент, не помислив “што ако ова не успее“. Немав никакви очекувања, едноставно целосно се препуштив на идеите кои доаѓаа. За прв пат се чувстував природно во тоа што го правам и целиот процес се одвиваше со леснотија. Она што можам да го издвојам како клучно е тоа што со денови и месеци консумирав содржини од други креатори и едукатори, дено-ноќно слушав видеа за бизнис, и учев како да изградиш системи за создавање и објавување содржини. Значи, откако се појави идејата, следеше период на учење, и пробување. Истражував што е она што можам да го понудам а не го гледам често кај другите, па така пронајдов “дупка” во маркетот и одлучив да ја пополнам. Тоа е содржината од вистински живот и сценарија кои се многу потребни, и нешто со кое секој се соочува. Тоа се патем и видеата кои први беа “вирални.”. Сметам дека тоа што сум природна пред камера, и талентот за глума дополнително влијаат да се истакнувам и да сум интересна за гледање.
Секако, нешто што многу често го спомнувам е константноста. Објавував содржина секојдневно, а некогаш и повеќе пати на ден, на сите три социјални мрежи. Враќав на секој коментар од следбениците, и одговарав на пораки на сите. Тоа го правам и денес. Вистински го ценам времето на секој што се одлучува да се конектира со мене и одвои дел од своето време да ми пише. Ова е често занемарен момент од многу креатори, но е исклучително важен за градење заедница и интегритет.
За крај, сметам дека формулата за успех не е филозофија, туку е комбинација на добра и чиста намера во комбинација со континуирано преземање акција во форма на учење, пробување, тестирање, и секако забава и уживање во процесот!
Маркетинг365: Вашите курсеви за течно говорење на англиски јазик имаат навистина голем успех. Што ве мотивираше да ги создадете овие курсеви и што ги одвојува од другите програми за учење на јазици?
Марија Мешкова: Така е. Најголемата мотивација е што поголем број на луѓе да го засакаат јазикот како што го сакам јас, и да го илустрирам правиот начин на учење јазик со уживање, затоа што со стекнувањето самодоверба можат да се отворат огромни врати и можности. Она што ги одвојува моите курсеви од останатите, е што избирам теми кои се многу блиски и секој може да се поврзе затоа што се теми од секојдневниот живот. Потоа, мојот пристап е исклучително професионален, но сепак пријателски. Ова е навистина важно затоа што истовремено им покажувам сериозно да го сфатат курсот, но исто така и давам целосна поддршка за успешно да се ослободат од стравот и стегнатоста. За крај, во сите курсеви вклучувам техники за позитивно размислување и како тоа може да влијае на нашиот mindset и генерално на нашата слика за себе кога зборуваме англиски.
На курсевите досега, кои патем траеја по само еден месец, видовме масивни трансформации каде студентите од тотално затворени и срамежливи за зборување за 30тина дена стануваа најгласните на онлајн часовите. Други, добија работа каде што е задолжително да зборуваш англиски со клиенти, а имаше и такви кои меѓусебно толку се зближија и организираа средба за да се запознаат во живо, како и такви кои по завршувањето на курсот веднаш се запишаа и на следниот.
Маркетинг365: Со постојаното развивање на технологиите и онлајн платформите, кои стратегии ги користите за да бидете пред светот и да обезбедите релевантност и интеракција на вашата публика со Вашата содржина?
Марија Мешкова: Интересно е тоа што во изминатава година имам искреирано огромна количина содржини кои се буквално евергрин. Секако дека можам таа содржина да ја рециклирам и повторно да ја објавувам, но бидејќи сметам дека се уште учам и истражувам нови начини за уште подобро да ја пласирам мојата мисија, се трудам да бидам во тек со јазичните трендови како и нови технологии кои можат да помогнат за полесно да се учи англискиот. Секогаш нудам интерактивна содржина, квизови, игри и мнооогу дискусии за да поттикнам размислување кај сите оние што ме гледаат. Секако, се трудам се што правам да има практична и реална примена, се што објавувам има цел да едуцира и забавува. Избегнувам застарени модели или совети, избегнувам теорија и граматика. Се трудам колку што е можно да понудам персонализирани патеки за учење и секој нареден курс се трудам да биде поприлагодлив од претходниот. Обожавам конструктивен фидбек, и постојано ги прашувам и студентите и следбениците за нивно мислење – затоа што цврсто верувам дека сите информации кои ни требаат, можеме да ги добиеме со прашање на тоа што луѓето сакаат да го учат или им е потребно. Фидбекот од студентите ми е најважната алатка за понатамошен развој и подобрување на сѐ што правам.