Наш прв гостин за 2025 година е Милош Ѓуроски, кој што го води дизајн одделот во Агенцијата за интегрирани комуникации Represent Communications Macedonia. Тој е исто така одговорен за дизајнот на дигиталната платформа „Creative Gate“ која неодамна ја лансираше EXIT Фондацијата од Нови Сад, а која ни беше повод за денешното интервју со Милош.
М365: Како тргна проектот Creative Gate?
Милош Ѓуроски: Идејата се развиваше подолго време. Creative Gate е моќна платформа дизајнирана да ги обедини професионалците од културните и креативните индустрии низ Западен Балкан, поттикнувајќи динамичен екосистем на соработка, раст и видливост помеѓу професионалците од областа, како и на оние кои им се потребни услуги и призводи од креативната индустрија и култура. Creative Gate функционира како врата за креативна соработка и иновации, што на крајот гради посилен идентитет за регионот.
Наменета е за различни актери во секторот на културните и креативни индустрии, за партнерски проекти меѓу професионалци од овие индустрии. Замислена е како место на кое ќе ги најдете информациите за креативни места, уметници, настани и фестивали (организации и поединци) кои преку регистрација на платформата „Creative Gate“,ќе можат да се поврзуваат, соработуваат, да споделуваат информираат и да бидат во тек со фелата. Индиректно, проектот ќе има корист за широка јавност, медиуми, партнери и општества на земјите од регионот како целина.
М365: Во креирањето на една ваква платформа појдовна точка е иновацијата. Што го прави еден дизајн навистина иновативен?
Милош Ѓуроски: Иновациите во голема мера влијаат на одличниот дизајн. Тоа е она што го разликува производот што се губи во мноштвото слични од оној кој привлекува внимание, решава вистински проблеми и создава трајна емоционална врска со корисниците. Иновацијата не секогаш е мора да биде досега не видено и нечуено откритие, сегментите на иновација се битни на повеќе нивоа, и подеднакво важни, иновацијата не секогаш треба да значи фундаментална промена. Она што ја прави платформата посебна е тоа што е наметна за Балканот и оние кои имаат интереси да соработуваат сo креативната индустрија од регионот. Подеднакво важно е нејзината едноставност за зачленување и користење. Насочувањето на енергијата токму кон овие два сегмента ја прави платформата посебна.
М365: Кои се клучни форми на иновации во дизајнот?
Милош Ѓуроски: Постои естетска иновација, која се занимава со впечатокот на прв поглед и привлечност за око. Оваа форма на иновација го прави производот визуелно различен — преку неговата форма, големина, пропорции, боја и текстура, се разбира има уште многу принципи и под-принципи во дизајнот кој ја дефинираат естетиката на дизајнот, и го прави дизајнот иновативен. Овие елементи не само што треба да бидат уникатни, туку исто така хармонично избалансирани за да ги предизвикаат саканите емоции и привлечност создавајќи нов или променет идентитет.
Функционална иновација се фокусира на подобрување на функционалноста на производот — правејќи го поефикасен, покорисен, по употреблив и по интуитивен. Ова вклучува зголемување на интерактивноста, лесно одржување и мулти-функционалност. Станува збор за подобрување на искуството на корисникот, како што швајцарското воено ноже ги револуционираше мулти-функционалните алатки или модуларност на керамидите од антика па наваму.
Лично-значајни иновации се однесуваат на емотивните и симболичките вредности на производот. Станува збор за приказните што ги раскажуваат производите и што тие претставуваат за нивните корисници. Ова може да биде одраз на културните вредности, личната гордост, поврзаност со минатото, младоста или некоја друга носталгија. На пример, класичниот часовник често се смета за симбол на елеганција, статус и традиција.
Типолошката иновација вклучува предизвикување и редефинирање на утврдените норми. Таа вклучува воведување на нови форми или концепти што го прекинуваат традиционалниот архетип, како што столчето Sacco (Beanbag) ја променило перцепцијата за што сѐ се смета за стол/фотеља, или пак електричниот тротинет во делот на средство за превоз. Ваквите иновации често поставува нови стандарди за цели категории на производи.
М365: Каде би препорачале дизајнерите да го започнат својот пат кон иновации?
Милош Ѓуроски: Мали чекори создаваат да долг рок крупни промени, следењето други дизајнер, обидите да ги интегрирате нивните стилови во вашите дизајни, пронаоѓање на нови употребени вредности или поставување на нови дизајни за постоечка функција, иако на прва изгледаат како откривање на топла вода, се мали чекори кои можат да постават нови стандарди, затоа не треба да се занемаруваат и потценуваат.
Дизајнерите треба да го искористат напредокот во технологијата, посебно во ИТ индустријата, вештачката интелигенција но и во новите материјали, да решаваат постојни проблеми со нови решенија и да комбинираат естетска привлечност со функционалност. Овие области се основа за создавање иновативни и влијателни дизајни.
М365: За крај која е целта на иновацијата во дизајнот?
Милош Ѓуроски: Иновацијата не е само момент на пробив и не е само за да бидеш забележан, таа е непрекинат процес на размислување, редефинирање и рафинирање. Станува збор за решавање на реални проблеми, раскажување на убедливи приказни и постојано предизвикување на статусот кво. Без разлика дали дизајнирате урбан мебел или високотехнолошки гаџети, принципите на иновацијата остануваат исти. Целта е да се создадат дизајни што длабоко резонираат со корисниците и траат со текот на времето.