Интервју со Мирослав Штравс, Гувернер на Ротари дистрикт 1912 – Словенија и Северна Македонија
М365: Почитуван Гувернер, при крај сте на вашиот мандат како Гувернер на Ротари дистрикт 1912 Словенија Северна Македонија. Какви се вашите импресии и резултати од едногодишниот мандат?
Мирослав Штравс: Се ближи крајот на мојот мандат како Гувернер на Ротари дистрикт 1912 Словенија Северна Македонија и со задоволство потврдувам дека моите импресии се позитивни, додека постигнатите резултати се охрабрувачки. Годинава имав чест да посетам дури 79 Ротари клубови во двете земји. Најголемо богатство на ова искуство е соработката со извонредни луѓе – ротаријанци и ротарактовци, кои со својот ентузијазам, знаење и предаденост, секојдневно ја менуваат заедницата на подобро. Нивната енергија и хуманост беа и се мој извор на инспирација и мотивација.
Оваа година помина во знак на јубилејот – одбележување 120 години постоење на Ротари Интернационал (Rotary International). Оваа важна годишнина понуди можност да се осврнеме на богатата Ротари организација и да погледнеме кон иднината, зајакнати со традицијата и водени од визијата. Беше и одлична можност за промоција на ротаријанските вредности и нашето хуманитарно делување во јавноста.
Ротари Интернационал, денеска, е најголема хуманитарна организација на светот, а нејзината Ротари Фондација веќе 16 години добива највисока оцена од независната американска организација Charity Navigator, специјализирана за проценка на транспарентноста и ефикасноста на добротворните организации. Освен ова, Ротари ги собира најголемиот број волонтери на глобално ниво, што дава единствена сила за реализација на големи меѓународни проекти – како што е иницијативата End Polio Now за искоренување на детската парализа или програмата REM во борбата против маларијата. Горд сум што сум дел од оваа мисија и благодарен на сите кои со својата работа и посветеност придонесоа нашиот Дистрикт да биде препознаен како активен, солидарен и Дистрикт насочен кон иднината.
М365: Вашиот мандат го одбележува зголемувањето на бројот на Ротари членови во Македонија. Што значи ова за ваква хуманитарна организација?
Мирослав Штравс: Се радувам што Ротари заедницата во Македонија расте преку бројот на членови и бројот на клубови. Со тоа се создава потенцијал за уште поголемо влијание во локалната заедница. Во текот на ротаријанската година, која почна на 01.07.2024 и завршува на 30.06.2025 година, во Македонија основавме 4 нови Ротари и нов Ротаракт клуб. Бројот на членови е зголемен за речиси 20%, што овозможува Ротари организацијата да понуди силна поддршка на заедницата.
Верувам дека силни хуманитарни и волонтерски организации, како што е Ротари, може многу да придонесе за македонското општество, посебно затоа што дејствувањето на Ротари организацијата се темели на високи етички стандарди. Повеќе членови и повеќе клубови значат повеќе разновидни проекти и поголем капацитет за помош на оние на кои им е најпотребна.
М365: На кои важни проекти посветивте внимание во вашиот гувернерски мандат?
Мирослав Штравс: Ротари клубовите самостојно ги дефинираат хуманитарни проекти и преку нивно активно решавање конкретни проблеми на локалната заедница во која дејствуваат. Клубовите во Македонија реализираат разновидни проекти, додека значаен број од нив е насочен кон помош на болниците, училиштата за деца со посебни проекти, пошумување, чистење на околината и други општествено корисни активности.
Поради големите шумски пожари, кои минатото лето го зафатија источниот дел на Македонија, повеќе Ротари клубови покренаа проекти насочени кон подигнување на свеста за противпожарна заштита и опремување на доброволните противпожарни друштва. Овие проекти се од клучно значење за иднината на Македонија.
Во март, на жалост, бевме сведоци на големата трагедија во Кочани. Локалниот Ротари клуб активно се вклучи во помагање на повредените и заедницата. Жртви на трагедијата не се само оние што директно настрадаа, туку и граѓаните погодени од оваа голема траума. Ротари клубот Кочани Виница сака да основа центар за психолошка поддршка на младите. Веќе добија финансиска поддршка од Словенија и други Ротари дистрикти и се надевам дека навреме ќе го реализираат овој проект. Освен ова, членовите на клубот работат на дефинирање на дополнителни проекти за рехабилитација на повредените. Посакувам голем успех во нивната хуманитарна работа, сила и истрајност за со своето дејствување внесат промени таму каде што се најпотребни.
М365: Годинава, во Македонија, бевте домаќин на Претседателката на Ротари Интернашанл, Стефани Урчиќ. Што значи ова за нашиот Дистрикт?
Мирослав Штравс: Кон крајот на март имавме чест да ја пречекаме претседателката на Ротари Интернашанл, Урчиќ и директорот на Ротари Интернашнал, Даниела Танасеа. Оваа посета претставува високо признание за Македонија, но пред се, силен поттик за поголем развој на Ротари организацијата тука. За време на престојот, нашите угледни гости се сретнаа со македонските ротарактовци и ротаријанци. Посетија и две училишта за деца со посебни потреби – Димитар Влахов и Свети Климент Охридски. Посебно емотивен момент беше средбата со децата и младите кои приредија емотивна претстава во нивна чест.
Претседателката Урчиќ, уште како девојка, била член на културно-уметничко друштво „Вардар“ во еден мал град во Пенсилванија, каде научила да ја пее македонската народна песна Македонско девојче. На оваа средба во Македонија, заедно со децата, таа ја отпеа оваа песна, што значеше емотивен контакт со сите присутни. Посетата ќе остане забележана како незаборавна случка, која го зацврствува пријателството и заедништвото во ротари заедницата.
М365: Кои се идните планови за развој на Ротари во Македонија и реализација на идејата за самостоен Дистрикт?
Мирослав Штравс: Ротари клубовите и ротаријанците во Северна Македонија исклучително се мотивирани за спроведување проекти и јакнење на присуството на Ротари организацијата. Меѓу членовите има многу општествено ангажирани лидери кои добри ги разбираат потребите и предизвиците на своите заедници. Поради тоа сум уверен дека веќе денес реализираат проекти со силни и долготрајни позитивни ефекти.
Клубовите се посебно активни во поддршка на образовните установи, здравствените институции, во спроведување еколошки иницијативи како и нудење помош на поединците на кои им е најпотребна. Верувам дека во наредниот период ќе спроведуваат долгорочни проекти за помош на поединци погодени од непогодите, како што беше пожарот во Кочани и проекти насочени кон противпожарна едукација и унапредување на противпожарната заштита.
За овие активности постои реална можност од меѓународна финансиска поддршка преку Ротари мрежата. Таквата поддршка треба да се искористи за поголем број проекти и во поголем обем, но неопходно е проектите да бидат јасно дефинирани и усогласени со глобалните Ротари стандарди.
Оваа Ротари година покажа дека Организацијата во Северна Македонија има голем потенцијал за раст – како во поглед на членството, така и во основање нови клубови. Во Словенија, на пример, има околу 50 ротаријанци на 100.000 жители, додека во Македонија таа бројка е околу 35. Уверен сум дека и Ротари во Македонија може да го достигне и надмине ова ниво. Постојат уште градови со потенцијал за основање клубови, како што се Гевгелија и Гостивар. Поради ова, немам никаков сомнеж во иднината на Ротари организацијата во Македонија. Верувам дека нејзината улога во Општеството ќе биде се позначајна и повлијателна.
На крај, благодарен сум на сите претседатели на клубови, членови, асистенти на гувернерот и на целиот тим во Дистриктот за предаденоста и довербата. Без заедничка работа, ниту еден резултат не е можен. На Сојузот на Македонските Ротари клубови, секој клуб поединечно, како и на сите македонски ротаријанци им посакувам многу успеси – успех кој доаѓа од пријателствата, соработката и доследна примена на Ротари принципите.