Во рамки на натпреварот Young Lions Croatia, младите таленти Лана Кршул, акаунт менаџер од UM Zagreb, и Томислам Врањковиќ, јуниор медиа планер од загрепската агенција Initiative, го освоија второто место во категоријата Media.
Оваа година целта на натпреварот имаше хуманитарна тема и карактер – да се укаже на важноста од борбата против енергетската сиромаштија, но и да се истакнат младите таленти и нивните идеи во решавањето на зададената тема. Учествуваа 70 таленти, кои беа поделени во парови со задача да дизајнираат решенија во пет категории: Design, Digital, PR, Media и Print.
На Лана (29) и Томислав (26) им беше доделен клиентот „Друштво за обликување на одржлив развој“,со задача на иновативен начин да ги доближи корисниците до важна тема како што е енергетската одржливост.
Со Лана и Томислав разговараше Никола Миличевиќ од I&F Grupa, за впечатоците од натпреварот, за задачата, како и за тоа како помина процесот на осмислување на решението по добиениот бриф.
- Како дојде до тоа баш Вие двајцата да бидете тим?
Лана: Првичната идеја во агенцијата беше на натпреварот да одиме четворица, а паровите ги комбиниравме така што еден колега ќе го покрива онлајн медиумскиот дел, а другиот – офлајн медиумскиот дел. Бидејќи нашите колеги за онлајн медиумскиот дел на крајот беа спречени да учествуваат на натпреварот, ние двајца останавме единствените од агенцијата кои учествуваа.
Томислав: Со оглед на тоа што приватно се познаваме неколку години, овој исход ни најмалку не ни пречеше. Напротив, веруваме дека подобрата поврзаност дополнително ни помогна да дојдеме до иновативно и препознаено решение.
- Дали пред овој натпревар имавте можност да се соочите со ваков вид на предизвик?
Томислав: Досега не сум имал можност да се соочам со ваков предизвик. Со оглед на тоа што сум релативно краток период во светот на агенциите и медиското планирање, некои работи ми беа нови, а со некои се среќавам секојдневно.
Лана: Не ми е прв пат да учествувам на овој натпревар, учествував и минатата година, па имав одредено искуство со овој предизвик и идеја како сé се одвива. Но, и во мојата секојдневна работа знаев да се најдам во многу слични ситуации, односно предизвици, каде клиентот бараше брзо и иновативно решение, а и со буџети слични на оние што ги имавме на располагање тука.
- Колку е тешко да се направи добра кампања со мал, па дури и непостоечки буџет?
Лана: Мислам дека е важно секогаш да се фокусираме на она што е достапно. Секако, поголемиот буџет обезбедува повеќе можности за достапни решенија за кампањата да биде добро видена и препознаена меѓу потрошувачите. Но, убедени сме и дека токму во ситуации на скромен или непостоечки буџет се буди фантазијата и на крајот се раѓаат најкреативните идеи. Да, тешко е, се разбира, затоа што сме навикнати во праксата првиот чекор да ни биде да започнеме од бирфираниот буџет, да размислиме кои се нашите опции и како да го оптимизираме. Кога сте свесни дека буџет нема или е минимален, многу идеи кои се раѓаат за жал не се остварливи бидејќи бараат поголеми финансии, но тогаш се фокусираме на оние што се изводливи и веруваме дека на крајот резултатот може да излезе и подобар од оние кампањи во кои е инвестирано многу повеќе средства.
- Колку Вашето претходно искуство Ви помогна во решавањето на задачата?
Лана: Искуството секако имаше големо влијание во решавањето на задачата. На пример, можам да го споредам моето учество на натпреварот минатата и оваа година и да заклучам дека и едногодишното искуство значително придонесе во мојот пристап кон задачата и изнаоѓањето на решение. Важноста на искуството е најмногу нагласена во смисла на познавањето на пазарот, медиумите, новитетите и можностите, така што полесно е да се препознае дали нешто е изводливо, иновативно или веќе видено и да се има некакво претчувство колку евентуалното решение би било успешно на пазарот.
Томислав: Доста, а самата работа во Initiative имаше убедливо влијание врз тоа. Во тимот сме само неколку луѓе и пристапот е многу поиндивидуален и брзо учиме. Многу работи што сум ги работел за нашите клиенти можев да ги применам во решавањето на задачата, особено во однос на стратегијата и креативните решенија.
- Кој беше најголемиот предизвик?
Томислав: Најголемиот предизвик дефинитивно беше да се смисли добра, квалитетна, иновативна и остварлива идеја како одговор на дефинираниот проблем и целите кои со кампањата треба да се постигнат. Дополнителен предизвик беше самата природа на натпреварот, а тоа беше што знаевме дека имаме 24 часа да смислиме идеја, креативен концепт, да го поддржиме со истражување и на крајот да направиме квалитетна и интересна презентација. На моменти бевме уморни, нервозни, поспани, имавме чувство дека ништо што сме смислиле не е доволно добро и сакавме да се откажеме, но се мотивиравме и на крајот по 17 часа работа предадовме решение на кое бевме горди.
Лана: Крајно, не треба да го игнорираме и предизвикот во каков однос се партнерите во парот кои заедно се натпреваруваат. Важно е тие да се компатибилни и да можат еден со друг да поминат 24 часа, а во исто време да се забавуваат и да го обмислуваат целиот проект.
- Имајќи ја предвид темата на натпреварот, што мислите дали адвертајзингот може да го промени светот и дали е тоа воопшто негова задача?
Лана: Мислам дека огласувањето го менува и секогаш ќе го менува светот, исто како што со текот на годините се менуваат алатките преку кои тоа се постигнува. Задачата на огласувањето не е нужно секогаш да го менува целиот свет, туку да влијае на ставот и однесувањето на потрошувачите во зависност од целта. Добро осмислената идеја и соодветната стратегија дефинитивно може да резултираат со одличен одговор од луѓето и да поттикнат промена на подобро.
- И за крај, каков совет би им дале на младите колеги кои се подготвуваат за ваков тип на натпревари?
Томислав: Да се пријават затоа што немаат што да загубат, туку да стекнат само искуство и знаење.
Лана: Младите колеги дефинитивно би ги советувала да се осмелат да учествуваат на натпреварот бидејќи тоа е големо искуство само по себе, без разлика на претходното агенциско искуство. За натпреварот нема посебна подготовка бидејќи до самиот почеток не се знае кој е клиентот и секоја година темата е сосем различна. Важно е фокусот да го ставите на добра идеја, да создадете приказна околу неа и да обратите внимание на исполнувањето на елементите кои жирито ги оценува. Како најважно од сé би рекла – не заборавајте да бидете опуштени и добро да се забавувате! :)