Во пресрет на новото издание на интернационалниот креативен фестивал Golden Drum кој годинава од 18 до 21 октомври е закажан во главниот град на Словенија, Маркетинг365 разговараше со Мојца Мајхен, извршната директорка на Golden Drum и Лучка Пељхан, директорката на натпреварувачката програма на фестивалот, кои специјално за нашите читатели ни споделуваат што ново ќе ни донесе 23-тиот Golden Drum.
М365: Следниот октомври не очекува новото издание на Golden Drum со носечки слоган: “Inspired to inspire”, што е она што е ново од претходните изданија?
Лучка Пељхан: Golden Drum својата отвореност кон инспирација ја потврдува со многу промени и чекори во својата лична трансформација. Од меѓународнен адвертајзинг фестивал тој се претвори во фестивал на креативност кој постојано ги проширува своите хоризонти. Фестивалските настани овојпат за разлика од претходно (кога се одржуваа во Порторож) ќе бидат во Љубљана, овогодинешниот “Европски Град на зеленилото“, кој за сите учесници на Фестивалот ќе понуди многу нови инспирации. “Љубљанскиот замок“, надвиснат над градот и реката Љубљаница, ќе биде местото каде ќе владее креативноста, и каде ќе се наградат најдобрите креативни достигнувања. Натпреварувачката програма носи неколку важни иновациите, меѓу другото, се воведува и нова категорија посветена на креативна употреба на духот во просторот – “Best capture of local spirit”.
М365: Адриатик регионот е посебно вклучен оваа година. Кажете ни нешто повеќе околу тоа?
Лучка Пељхан: Golden Drum има посебен однос кон просторот во кој е основан и развиен во светски познат фестивал, и сака да даде посебен придонес во развојот на креативноста во регионот. 23-тото издание на Golden Drum вклучува специјален натпревар наречен Golden Drum Адриатик, која е отворен за сите учесници кои доаѓаат од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија. За овај специјален натпревар не е потребна никаква посебна апликација. Актуелните победници на националните огласувачки фестивали ќе добијат специјална покана да учестуваат во овој натпревар заедно со веќе пријавените проекти од погореспоменатите земји. За овие регионални награди, Golden Drum разви посебен дигитален систем на бодување кој во предвид ќе ги земе сите освоени бодови и ќе се направи ранг листа на 10 финалисти во сите категории. Најдобро пласираните проекти по категории ќе добијат Golden Drum Адриатик Златна, Сребрена и Бронзена награда а останатите финалисти посебно Golden Drum признание.
М365: Дали веќе се знаат дел од предавачите на овогодинешното издание?
Мојца Мајхен: Програмата ќе биде динамичna, интереснa и пред се многу креативна. Во втората половина на јули ќе бидат објавени првите имиња на предавачите и насловите на нивните предавања, но Ве уверуваме дека на сцената на Golden Drum Ве очекуваат врвни светски креативци од различни држави од светот кои ќе фасцинираат во четирите фестивалски денови. Целата програма на фестивалот е посветена на инспирација, па ние сакаме сите учесници да најдат своја инспирација за следната година која ќе им помогне во реализирање на нивните цели што ќе придонесе креативноста од Golden Drum да се пренесува низ нивната околина и пошироко.
М365: Колку фестивалите од типот на Golden Drum според Вас помагаат во развојот на индустријата. Кој е нивниот најголем бенефит?
Мојца Мајхен: Неоспорно е дека позитивните ефекти се големи. Прашање е на секој поединец, агенција или компанија колку прецизно ќе ги идентификува тие ефекти и ќе ги искористи и примени во својата средина. Со учествувањето во фестивалот, мнозинството очекуваат да го препознаат и подобрат квалитетот и стандардите на самата професија. Тие што ќе пријават проекти сакаат да видат како самата професија гледа на нивната работа и како ја рангира во сооднос со останатите натпреварувачи. Фестивалот е место каде сите:индивидуалците, медиа компаниите, агенциите и компаниите/огласувачите се среќаваат и ја разменуваат својата енергија. Нашата приказна започна во Адриатик регионот, ние сме наследници на Југословенскиот Адвертајзинг Фестивал и сето тоа јасно го чуствува секој посетител од Москва и Варшава се до Истанбул и Бејрут, така што неговата максимална вредност е секако енергијата на сите тие пријатели на Golden Drum и колективниот креативен дух кој тера посетителите да се враќаат од година во година.
М365: Која е Вашата финална порака до македонските агенции и креативци?
Лучка Пељхан: Македонските креативци во последниве години на Golden Drum редовно стигнуваат до топ наградите, биле дел од жири комисиите и се препознаени како врвни предавачи. Македонските агенции беа меѓу првите од регионот кои знаеа како да ги “слушнат“ и применат локалните специфичности и инспирацијата на нашиот регион и нив да ги претворат во феноменални креативни решенија и секако, да освојат еден куп награди. Зошто нешто да биде поинаку и годинава? Повелете на 23-тиот Golden Drum, инспириран да инспирира !