Македонска агенција ја доби честа да раководи со комуникациите на CEFTA Договорот
После обемен тендерски процес спроведуван подолг период во кој учествуваше силна конкуренција составена од некои од најзвучните имиња во комуникацискиот бизнис, агенцискиот систем Represent Communications со сите свои канцеларии од западен Балкан и претставници на Албанија, Косово и Молдавија ја доби честа да се грижи за комуникациите на CEFTA Договорот, а македонскиот тим на Represent ќе биде хаб од кој ќе се координираат голем дел од активностите – токму во годината кога и нашата држава ќе претседава со CEFTA. Ова е поводот заради кој денеска разговараме со Наташа Божиновска Миркова, Директор на Represent Communications Скопје.
M365: Наташа, не е честа појава домашни агенции да добијат шанса да раководат со интегрирани комуникации на меѓународни институции како што е Секретаријатот на ЦЕФТА Договорот. Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за целиот процес кој вам Ви го донесе партнерството со овој нов клиент?
Наташа: Прво ни беше огромна чест што меѓународната заедница го препозна квалитетот на нашиот систем и не покани да учествуваме во тендерскиот процес за избор на агенција за интегрирани комуникации на Секретаријатот на ЦЕФТА. Повеќе од јасно ни беше дека процесот ќе се разликува од било кој тендер на кој претходно сме учестувале. Барањата и задачите беа јасни, конкуренцијата квалитетна, а подготовката подразбираше формирање наменски тим кој работеше на комуникациска стратегија и конкретен акциски план.
Процесот на селекција на ЦЕФТА има комплексен систем на бодување и секако, крајна вкупна оценка. Признанието од Брисел дојде на крајот кога бевме информирани дека сме избрани за нивна агенција за комуникации до крајот на 2021 година каде нашата понуда беше оценета со 99.87 бода од можни 100, а вторпласираниот предлог освоил 86.25 бода. Најголемата сатисфакција следеше тука, кога ја видовме освоената вкупна оценка и не можевме да останеме рамнодушни па заедно, целиот регион кој вклучува 7 земји отворивме шампањ виртуелно
M365: Се чини дека напорната работа низ изминативе неколку години откако сте присутни на македонскиот пазар навистина ви е одлична референца со оглед на тоа дека токму локалниот тим ја доби честа да биде главен координативен хаб за значаен сегмент од соработката. Што всушност ќе биде главниот сет на активности со кои треба да го сервисирате клиентот?
Наташа: Канцеларијата во Скопје од почеток се развива повеќе во насока на дигитални комуникации согласно потребите на клиентите. Меѓутоа она по кое најмногу се разликуваме од останатите канцеларии на Represent системот од аспект на растењето во развивањето е експертизата на локалниот тим кој вклучува големо искуство со работа на интернационални пазари и потребата на тие клиенти. Стратегија и дигитални кампањи се развиваат на сите континенти од страна на нашиот тим што веројатно можеби и беше предност во нашата тендерска понуда од аспект на знаење и стратегија каде треба да се позиционира ЦЕФТА во следниот период. А бидејќи и ПР-от е веќе дигитален, разбирливо е што конкретно за ЦЕФТА ќе бидеме координатори на дигиталните комуникации за целиот регион.
Тоа ги вклучува сите дигитални комуникациски канали на ЦЕФТА со оптимизација на истите, како и комплетен ре-дизајн на постоечката веб страница со наши насоки од аспект на UX (user experience), search engine optimization и стратегија за успешност на истите.
Со оглед на тоа дека Македонија го презема претседателството со ЦЕФТА во 2021 година, ќе има многу настани и активности на кои ќе работиме со тимот од Секретаријатот за што е можно подобро да ги приближиме придобивките од Договорот до граѓаните и компаниите.
M365: Колку сте генерално задоволна од тоа како Represent се развива како агенција на македонскиот пазар? Што е она главно што го научивте како менаџер на агенција изминативе неколку години?
Наташа: Има повеќе аспекти од развојот на канцеларијата во Скопје. Кога бев повикана во Белград на првиот состанок да ми се претстават плановите за канцеларијата која требаше да се отвори во Скопје во 2017 година, а воедно и да разговараме за тоа дали јас сум таа личност која е потребна за таа позиција, јасно утврдивме дека мојата експертиза ќе биде таа која ќе го трасира патот на развој. Од 2005-тата година имам чест да се развивам во дигиталните води, па оттука и мојата идеја беше да градам тим по органски пат во делот на дигиталните комуникации. Тоа значеше дека побарав тимот да го формирам согласно моите видувања и секако тековната потреба од клиентите. Така и се случи. Сметав дека ако една канцеларија започнува со позиција на Оперативен Менаџер, структурата треба продолжи со развој на следното ниво, а тоа се сениор позиции кои понатаму би граделе свои тимови согласно потребите.
Нашиот развој како агенција го одбра патот на смирен и квалитативен развој, наспроти брз и квантитативен кој по мене тешко би се контролирал бидејќи таков раст не може да биде природен. Represent како систем поседува вредности кои се претопуваат кај секој еден вработен, а тоа значи дека се почитуваат основните постулати на тимска работа и почит кон секој еден. Нескромно можам да кажам дека веројатно го имам најдобриот тим кој можев да го замислам. А оттука и одговорот на прашањето што научив како менаџер на агенција изминативе години е дека тимот е се’ за што сакам и јавно да им се заблагодарам за секој вложен труд и резултат за што константно добиваме позитивни критики од нашите клиенти локално, а и интернационално.
M365: Секој клиент е подеднакво важен и значаен, тука нема дилеми, но сепак имам впечаток дека барем кога станува збор за ПР услугите, постојат и некои специфики кои странските клиенти ги издвојуваат од домашните, пред сè во пристапот. Како од твоја перспектива ти изгледа тоа?
Наташа: Сметам дека меѓународните организации и компании многу повеќе настојуваат да имаат стратегија, точно утврдена методологија, да негуваат односи со медиумите, да одржуваат континуитет и да имаат утврдена динамика на присутност во јавноста. Некако имам впечаток дека локално сме повеќе за ПР по потреба, ад хок контакт со новинарите кога имаме настан, кога имаме нешто да објавиме наместо да се работи стратешки на градење на позиција во медиумите и јавниот живот. Исто така, локално па и регионално не се сфаќа доволно потребата од подготвеност за криза и кризна комуникација, нешто без што во светот е незамисливо да функционира компанија или организација. Ако статистиките укажуваат на тоа дека 74% од секоја криза може да се предвиди за што тимовите можат да бидат подготвени со однапред припремени сценарија, произлегува и одговорот на прашањето за различноста во спецификите и пристапот на странските клиенти наспроти домашните.
M365: Последниве години станува сериозен предизвикот со изнаоѓање и задржување на кадар во комуникациската индустрија. Што според тебе мора да се промени, за односите со јавност да станат поатрактивна професија за младите да се приклучат и бидат дел од нашата индустрија?
Наташа: Конкретните алатки на занаетот се учат, контактите се стекнуваат, но она што добар комуникатор го издвојува од останатите се меките вештини на чие развивање сметам дека се посветува премалку внимание. Слушање, прилагодливост, респонсивност или професионализам не се предмети на факултет за кои се стекнува диплома. Од друга страна, уредување на индустријата и редовен апдејт на секторот во согласност со технолошкиот развој за мене е must. Новите генерации поинаку го доживуваат ПР-от, просто кажано класично ПР соопштение воопшто не влегува во радарот на генерацијата Z, а од таа генерација треба да произлезе идниот кадар на секоја индустрија, не само на нашата. Технолошкиот развој го трасира патот во секоја индустрија, а тоа лично го увидов на минатогодишниот Websummit во Лисабон, Португалија каде сите овие прашања беа дискутирани на различни панели за што веројатно вештачката интелигенција очекувам да си го направи своето многу брзо.