Сашо Дуљанов е раководител на одделот за односи со јавноста во Публицис – една од најголемите агенции во Македонија. Предавач е на Високата школа за односи со јавноста и еден од пионерите на односите со јавноста во Македонија. За блогот на Здружението за Односи со јавноста на Македонија (ЗОЈМ) тој одговараше на прашања поврзани со состојбата и предизвиците со кои се соочува професијата во Македонија. Интервју вредно за споделување и на Маркетинг365. Интервјуто го водеше: Славица Биљарска, потпретседател на ЗОЈМ
1. Како го оценувате квалитетот на предавачите, наставните содржини и факултетите кои ги образуваат младите кои сакаат да се занимаваат со односи со јавноста?
Како креативна вештина односите со јавноста се релативно млада гранка која се уште се развива. За да се постигне одредено ниво на квалитет од сите инволвирани во оваа проблематика, потребно е доста време, акумулирано искуство, истакнување на доброто, минимизирање на просечноста. Но сепак на крај, квалитетот и не зависи само од предавачите и факултетите, туку економијата, грубо кажано понудата и побарувачката е таа која генерира дополнителна енергија, потреба од усовршување и квалитет. Доколку постои голем интерес за професијата, голем број на запишани студенти, секако дека секоја образовна институција ќе инвестира дополнително во квалитетен кадар, поголема посветеност и пред се во индивидуална работа со секој студент.
2. Неретко слушаме дека на факултетите студентите главно добиваат теоретско знаење. Со какви предизвици се среќавате кога ќе ангажирате тукушто завршен студент за практична работа или за работа во вашата агенција?
Мое индивидуално мислење е дека вистинската потрага по знаење започнува по завршувањето на факултетот. Независно каде студирал, дали во Македонија или во странство, еден млад човек почнува од почеток. Се соочува со притисокот, со професионалната одговорност со нова проблематика и средина, и во таква ситуација претходното образование е само подлога која треба да му помогне полесно да се прилагоди. Но, она што е најважно е неговата желба да се развива, да има страст за работа и да биде реален во поглед на неговите очекувања и можности. Во која било агенција придонесот на младиот човек на почетокот е многу мал, тоа е период во кој во него се инвестира, и затоа треба да се биде потрпелив и помудар.
3. Кои квалитети и знаење би требало да ги поседува добар стручњак за односи со јавноста, по Ваше мислење?
Односите со јавноста се особено комплексна активност. Нивното квалитетно имплементирање зависи пред се од индивидуалните квалитети на професионалецот за односи со јавноста, познавањето на предностите и недостатоците на секоја пооделна ПР техника, комуникациските вештини, способноста за јасно и прецизно изразување пред се во писмена форма, и секако нешто што е многу важно познавањето на проблематиката за која се работи. Не можеш да бидеш експерт за односи со јавноста во секоја област, нешто ти лежи, друго не. Мора да се биде искрен прво кон себе, а потоа и кон клиентот, и само така може да се воспостави однос на доверба, што е клучно за да се има квалитетна двонасочна комуникација со пошироката јавност.
4. Кое е Вашето мислење за тоа кој може и треба да се занимава со односи со јавноста? Можеме ли да зборуваме за професионални односи со јавноста во Македонија?
Не сакам да воопштувам кој е, а кој не за оваа професија. Секој кој искрено се залага е за пофалба, а колку ќе биде добар е на другите да проценат. Секој поединец има различни квалитети и во таа насока треба и да се развива. Односите со јавноста се комбинација од уметност и економија, и токму таква комбинирана страст треба да поседува ПР професионалецот. Да биде креативен, беспрекорно да умее писмено да се изразува, да сака да чита, а од друга страна да биде одговорен и карактерен. Карактерот и довербата се основа за долгорочни релации со клиенти, и за имплементирање на кампањи кои имаат ефект.
Односите со јавноста како професија сметам дека имаат нагорна линија. Во рамките на условите во кои работиме, сведоци сме на успешни и креативни активности, што е за пофалба. Во некоја организирана форма односите со јавноста постојат не повеќе од 15-тина години, што и не е толку долг период. Можеме да констатираме дека постојат квалитетни индивидуалци, желба да се биде тоа, но исто така и голем број на површни активисти. Важи за популарна професија, која уште многумина не ја разбираат суштествено.
5. Каде мислите дека се наоѓаме, во споредба со останатите држави во регионот, во практицирањето на односи со јавноста?
Во средина
Тешко е да се каже. Иако со соседните земји сме блиски и по многу што слични, сепак односите со јавноста различно се практикуваат. Во поглед на традиција, искуство, професиналност- не заостануваме, но сепак различните медиумски констелации детерминираат различен обем и форма на односи со јавноста. Со некои активности, во поглед на креативноста можеме да се споредуваме со лидерите во ПР-от а тоа се дефинитивно САД, но денес, она што е наш најголем хендикет се малите буџети за ПР-от, и неедуцираноста од другата страна.