Агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД, 5-та година по ред го спроведува истражувањето “Преферирани маркети според потрошувачите” и 2-ра година “Најпознати брендови според потрошувачите” во Македонија. Денес разговараме со г-дин Сергеј Зафироски, Генерален Менаџер во Инсајдер ИД во однос на истражувањето.
M365: Го организирате 5-та година по ред истражувањето “Преферирани ланци на маркети” и од претходната “Најпознати брендови според потрошувачите” може ли да кажете како дојдовте до идејата за такво истражување?
С.З: Ние сме агенција која прави исклучиво бизнис и економски истражувања и математички методологии на анализа на податоци. Сакавме да понудиме нешто поразлично, независно, концепт кој ќе се мери со светските истражувања, но да ги разбира локалните трендови и пазари и ќе помогне на компаниите во нивните стратегии. Го таргетиравме FMCG пазарот и маркетите како еден од најдинамичните сектори во државата и нешто што би побудило најголем интерес кај компаниите. Првата 2017-та година го направивме прилично скромно и на некој начин “скришно” бидејќи и ние самите го тестиравме концептот.
Од тогаш до денес нештата драстично се променија, ние како агенција драстично се променивме така да сметам дека сме многу напредната во целиот концепт. Секоја година се обидуваме да додадеме нешто ново и интересно. Најважното од се е дека компаниите од истражувањето треба да добијат релевантна информација која што можат да ја користат во работењето.
M365: Што се очекува да биде различно во 2021-ва споредбено со сите претходни?
С.З: Претходната 2020-та ја направивме првата поголема промена со додавање на 20 категории на производи и прогласување на “Најпознати брендови според потрошувачите”, се разбира за во доменот на широката потрошувачка. Ги крстивме “најпознати” бидејќи не мора еден потрошувач да биде активен консумент за да препознава бренд во категорија.
Тоа што оваа година ќе биде многу поразлично е додавањето на уште една категорија на “ТОП 3 Маркети според лојалност на потрошувачите”, бидејќи од претходните години дефиниравме дека има потрошувачи кои преферираат некој маркет заради определени причини, но може да бидат лојални на сосема друг.
Плус, нешто што особено мене ме радува, ќе имаме и ребрендирање на целиот концепт, нови сертификати, нови беџови, ќе правиме веб-страна, ПР објави за сите први места, а со тоа ќе го кренеме генералното ниво на целото истражување.
M365: Кое е досегашното искуство од истражувањето?
С.З: Прилично позитивно, заради тоа и го правиме 5-та година по ред. Компаниите сакаат да ја видат состојбата, каде се наоѓаат, како се перцепирани од потрошувачите но и можеби најважно да се споредат со конкуренцијата. Дистрибутерите и производителите на производи за широка потрошувачка со кои соработуваме, ги детектираат маркетите со кои може да соработуваат, кој маркет каде е позициониран и како они самите да се постават. И критиките од нашите соработници се високо позитивни, што особено не радува и ни дава ентузијазам да продолжиме со проектот.
M365: Како го спроведувате истражувањето?
С.З: Истражувањето се спроведува на репрезентативен примерок, на територијата на целата држава, најчесто во периодот од 15.09 – 15.10.2021. Најчесто и примерокот го зголемуваме дополнително, за да добиеме повеќе информации за регионалните маркети, бидејќи во Македонија има прилично голем број на локални ланци кои што добро котираат но се непознати надвор од тој регион.
Истражувањето целосно сами го финансираме и спроведуваме, без никакво мешање на компанија или маркет во целиот процес да ја запазиме неутралноста и непристрасноста. Со исклучок на неколку ситуации и маркетите го поддржуваат ваквиот начин, бидејќи само така можат да ја видат реалната слика на пазарот и да интервенираат во стратегијата.
M365: Кои се условите да една компанија ги добие сертификатите?
С.З: Компаниите кои што ги “прогласуваме” како “ТОП 3 Маркети според потрошувачите” или “Најпознати брендови според потрошувачите” немаат никаква финансиска обврска со прогласувањето, сертификатот, беџовите или ПР објавите што ги правиме. Едноставно ако некоја компанија е најдобра во определена категорија треба за истото да добие признание без да има никаква обврска. Единствениот услов е компанијата да биде на листата од која потрошувачите ќе можат да ја изберат и да си ја врши добро работата. Дел од информациите и ги споделуваме јавно да може да ги прочитаат и компаниите и потрошувачите.
Да звучам како хуманитарна организација, сепак сме профитна, ние после го продаваме извештајот од истражувањето, но и тој е по прилично прифатлива цена и која компанија (од сите Македонија) сака си го купува.
M365: Една карактеристика е дека нема голем маркетинг и масовна комуникација на Вашите истражувања, може ли да ни појасните која е причината?
С.З: Всушност ние како агенција никогаш не сме биле пристапници кон “помпезности” туку реални истражувања од кои што компаниите ќе можат да извлечат информации за креирање на сопствената стратегија. Ние имаме маркетинг и комуникација, но не масовна, само до компаниите кои имаат интерес да слушнат нешто за самото истражување. Комуникацијата кон пошироката публика најчесто ја договараме со самите компании и ние се вклучуваме на процесот. Целиот маркетинг од креатива, беџови, сертификати и комуникација ја креираме интерно во Агенцијата и сме особено задоволни со успехот во претходните години.
Дел од компаниите многу убаво го искористуваат сертификатот како КАМ Маркет кој го има нашиот беџ во сите продавници веќе неколку години, од пред некој месец и Стокомак ги користи податоците од истражувањето. Претходната година компаниите кои беа први во “Најпознати брендови според потрошувачите” исто солидно ги искористија објавувањето.
M365: Пред крај едно прашање што секако ги мачи сите во секторот, како Лидл ќе влијае на целата ситуација?
С.З: Ние за среќа спроведовме, повторно независно истражување за влезот на Лидл во Македонија и неговото влијание дел од маркетите сериозно ќе го почувствуваат. Тоа што е позитивно за домашните компании е дека имаат “асови” во ракавот за борба со гигантот, дури има и со искуство како КАМ Маркет што има на пазарот во Бугарија. Се разбира, во успехот на Лидл значајно ќе влијае кои локации ќе ги изберат, колку маркети, каква ценовна политика ќе имаат, менаџмент тим, инфраструктура и слично.