Денеска на Маркетинг365 имаме задоволство како гостин да го имаме Г-дин Сергеј Зафироски, основач и генерален менаџер на агенцијата за истражување на пазарот и стретегиски маркетинг Insider ID. Сергеј несомено е дел од младата елита на претприемачи и менаџери во Македонија кои одлучија да го напуштат корпоративниот свет и со свои лични компании да дадат придонес во развојот на македонскиот бизнис. Повеќе за неговиот професионален беграунд и за компанијата чиј основач е, во интервјуто во продолжение…
М365: Сергеј, дали би сакал накратко да се претставиш себеси и InsiderID пред читателите на Маркетинг365?
Сергеј Зафироски: Многу пријатели, соработници и луѓе околу мене, најчесто ме квалификуваат како претприемач. Лично се сметам пред се за професионален менаџер и работник кој се обидува да изгради врвна македонска агенција за истражување.
Мојата професионална кариера започнува во 2008 година, со работно искуство во повеќе различни компании во кои сум работел на позиција за продажба и планирање, најчесто во средно или високо ниво на менаџмент.
Insider ID компанијата во која што сум основач и генерален менаџер, е основана во 2011 година, најпрво со главна услуга изработка на инвестициони програми за IPARD фондови. Од почетокот на 2014 година, иницирав реструктуирање во нашиот бизнис план и така создадовме агенција специјализирана за истражување на пазари и стратегиски маркетинг.
Ние како компанија успеавме да ги приближиме истражувањата и стратегијата до тие кои што имаат најголема потреба, малите и средните претпријатија.
М365: Што беше главниот мотив да ја напуштите работата во голема компанија и да основате Ваш бизнис кој ќе нуди Истражување на пазарот и Стратегиски маркетинг?
Сергеј Зафироски: Зар не е очигледен недостатокот од квалитетна стратегија во македонските компании? На прсти се бројот компаниите кои што имаат формална стратегија, а тие што имаат ги сметаме за најуспешни.
Формализацијата односно креирањето на стратегија во најголемиот дел кај македонски компании е подеднакво успешно како и тестирањето на ворп погонот на квантните физичари. Истражувањата и стратегијата се базата при работа на една компанија
Основната моја желба која што беше и клучниот фактор за основање на Insider ID е издигнување и раководење на што повеќе мали и средни македонски компании според светски стандарди, и нивна интернационализација.
Истражувањата за компанијата претставуваат база над која треба да се гради целиот бизнис модел. Не можете да изработите одлична стратегија насочена кон потрошувачот, ако не знаете кои се неговите потреби, или пак да градите стратегија за производ, за кој не се виделе дали има потенцијал на пазарот за негова продажба.
Истражување на пазар се користи кога имате потреба од пласман на нов производ, истражување на задоволството на потрошувачите/клиентите, кои се потрошувачките навики, конкуренција, перцепција на потрошувачот, која е вашата позиција според потрошувачите во однос на конкуренцијата и сл.
Што се однесува до Стратегискиот Маркетинг, во Македонија имаме особен проблем во неговата комуникација. Компаниите го позиционираат стратегискиот маркетинг на ниво на економска пропаганда, која е само еден мал сегмент од вкупните активности. Стратегиски Маркетинг претставува целокупниот план за сите активности кои што компанијата треба да ги изврши во одреден временски период за да постигне максимален ефект со оптимален буџет.
М365: Како се прифатени истражувањата од нашите компании?
Сергеј Зафироски: Не многу добро. Како компарација од гледна точка на продажба, тоа е исто како да ви кажам дека имате продажен таргет од 1 Rolls Royce неделно во Македонија.
И покрај тоа што има некои позитивни трендови во начинот на размислување на македонските менаџери во однос на истражувањата, моја лична процена е дека во следните 3-5 години нема да има значајни поместувања.
Ние во моментов работиме комуникација на бенефитите кои што комапниите ги имаат од истражувањето и стратегискиот маркетинг и сметам дека донекаде имаме успех, но сеуште сме многу далеку од кај што треба да бидеме.
М365: Во Македонија веќе сите глобални истражувачки агенции имаат свои претставништва и тие се навистина силна конкуренција, во што Вие се разликувате од нив?
Сергеј Зафироски: Нашиот и нивниот фокус на пазарот во целост се разликува. Тие најчесто целат на интернационални проекти или корпорации кои работат во Македонија со кои склучуваат глобални договори.
Ние од друга страна работиме за помал број на клиенти со кои се обидуваме да воспоставиме долгорочна соработка, не само за истражувања, туку инкорпорирање во секојдневните активности на компаниите особено маркетингот и продажбата, и најголемиот дел од клиентите ни се македонски компании.
М365: Што сметате дека им недостасува и кои се најголемите проблеми на компаниите во Македонија?
Сергеј Зафироски: Ќе набројам дел од главните недостатоци односно проблеми со кои се соочуваат компаниите кај нас.
Од гледна точка на организација на работењето, недостасува јасно дефинирање што претставува нивната цел на постоење, јасен бизнис модел, па потоа стратегија и план за тоа што како сакаат да ги остварат нивните цели.
Најмногу компании во светски рамки, но особено изразено е кај нас не успеваат поради несоодветен односно неконзистентен бизнис модел. Ако вие ги немате генерално дефинирано сите аспекти од вашиот бизнис, малку е веројатно дека ќе успеете во истиот.
Од друга страна во Македонија имаме голем проблем со изнаоѓање и обука на стручен кадар. Тоа е тема самата за себе бидејќи е многу комплексна. Очекувањата на помладите кадри за тоа што е бизнисот во нивната имагинација и неговата реалност се дијаметрално спротивни а тие треба да бидат столбот за идниот бизнис.
Финансиите кои што многу често се напоменуваат јас сметам дека контекстот во кој се напоменуваат и не претставуваат толкав проблем, туку недостасува бизнис етика кај самите сопственици и менаџери. Дури и кога поседуваат готовина на сметките истите не ги уплаќаат само дека таква е праксата. А ние помалите компании сме приморани да чекаме бидејќи се плашиме дека ќе ги изгубиме како клиенти.
Тука сите компании а особено сите новоотворени би ги советувал да започнат со структуирање на бизнисот уште од самиот старт, бидејќи како растат компаниите, структуирањето кои и те како претставуваат можност или ограничување за истото да се постигне соодветен раст и развој во иднина.
М365: Како вие се справувате со грешките и проблемите во работењето?
Сергеј Зафироски: Сум направил и приватно и во бизнис, со сигурност дупло повеќе грешки отколку успеси. Неколку од грешките односно проблемите биле доста сериозни и за кои сум имал потреба од долг временски период да се вратам во нормала.
Проблемите се составен дел од нашето секојдневие, ги имало и секогаш ќе ги има, целата уметност е во тоа како истите ги решаваме и дали на крајот е извлечена позитивна поука од истите. Доколку не, тогаш имаме уште посериозен проблем. Најважната работа кога имаме проблеми е да го задржиме фокусот кон што целиме.
М365: Која е формулата за успех?
Сергеј Зафироски: Јас сеуште ја немам откриено, но доколку треба да одберам едно нешто тоа ќе биде напорната работа.
Интересни се филмовите и луѓето низ светот што ги гледаме дека трошат голема количина на пари и ништо не работат. За жал, или среќа зависи од чиjа перспектива гледатe тоа скоро и да не постои во реалниот живот.
Треба нешто да прифатиме а тоа е без долга и напорна работа нема никаков успех. За да се постигне посериозен успех во работата, треба да се откажеме од доста работи најчесто во приватниот живот. Балансот кој повеќето сугерираат дека треба да се пронајде, најчесто и не постои. Времето и енергијата кое што во просек го вложувам дневно во работа е неспоредлив со просекот.
На се претходно треба да се додаде и успешно управување со времето кое ни е единствениот ограничувачки ресурс.
М365: Каде се гледате себеси и Insider ID во следните неколку години?
Сергеј Зафироски: Себеси се гледам на истото место како работна позиција во истата компанија, но се надевам во повеќе држави не само Македонија.
Компанијата ја гледам како регионална истражувачка агенција која им парира на светски познатите, на Балканскиот Пазар. Планот за развој во следните 2-4 години ни е да настапиме директно на пазарите во Бугарија и Романија.