На теми односи со јавност во Македонија, актуелни текови и предизвици, денеска на Маркетинг365 разговараме со Татјана Лопарски, сопственик и извршен директор на една од водечките ПР агенции во Македонија – Елемент ПР .
M365: Татјана, релативно долго време сте дел од македонската ПР сцена.Како од денешна дистанца го оценувате развојот на професијата низ минатите години?
Татјана Лопарски : Професијата изминатите години има вистински напредок. Неспорно е дека одделни компании кои се занимаваат со односи со јавност се вложуваат доста во имплементирање на сите новини во оваа професија. По професија сум новинар, но некако животниот тек ме однесе во друга професија што има допирни точки со новинарството, но отвора и една друга димензија на креативност. Тоа е убавината на односите со јавност, можноста да ги покажеш вистинските позиции на своите клиенти и да креираш една слика во јавноста. Нашата работа е видлива и мерлива и дава резултати. Кога започнав да се занимавам со оваа професија имаше многу малку агенции, а јас морав да учам “во од“ како е да се комуницира од другата страна. Средината каде се развивав – Кабинет на претседателот ми овозможи да научам многу и потоа да се надградам во Агенцијата каде работев пред да се создаде Елемент ПР. Тешко е да се задржи квалитетот ако не се вложува постојано во работата. И знам дека има компании во Македонија кои нудат квалитетни комуникациски стратегии и знаат да ги имплементираат. Тоа е одлично за нашата професија и нејзиниот понатамошен развој. Дали вака ќе продолжи, останува на нас самите кои сме во оваа професија.
M365: ЕлементПР за прилично краток период успеа да се позиционира меѓу водечките ПР агенции во Македонија, на што се должи успешниот пробив на агенцијата ?
Татјана Лопарски : На ентузијазмот во работата и страста што ја внесуваме во спроведување на секоја активност. Ние сме едно со нашите клиенти, заеднички ги живееме и добрите и лошите моменти. За да работите со некого треба да имате идентификација со тој бренд, со менаџментот. Ние сме поврзани со нив. Поинакви сме многу во начинот на комуникација, што значи проактивен однос со предлози за комуникација. Не чекаме клиентот да ни дава предлози, ние даваме идеи. Не ветуваме работи кои не можеме да ги исполниме. Нашите активности даваат резултати. Добри сме во кризен ПР, затоа најчесто не бараат кога треба да се реши некоја криза. Дел сме од меѓународната групација Грајлинг и даваме услуги на наши клиенти каде оваа групација има свои канцеларии. Имаме најголем тим на ПР професионалци, а соработуваме со големи имиња во односите со јавност кои функционираат надвор од државата.
Кога вака ќе ги набројам сите работи, единствени сме по многу нешта. Како тим имаме цел, имаме знаење и желба да одиме напред. Дали беше лесен патот? Секако не, но желбата да се успее е се уште поголема од стравот од ризик да не се успее. Веќе стравот и го нема, затоа што нашата работа дава видливи резултати, знаеме секоја активност каков ефект ќе постигне. Имаме клиенти кои веќе петта година се со нас, а сите се дел од нас. Функционираме како едно и затоа имаме резултати. Ние внимаваме секој клиент да добие максимално внимание, без разлика колку време ни е клиент.
M365: Во Вашиот тим преовладуваат млади луѓе и првенствено го сочинуваат девојки (што е и тренд во светската ПР сцена). Што мислите, зошто девојките се попривлечени да работат во овој сектор ?
Татјана Лопарски : Многу интересно прашање. Со оглед на тоа што не сме само жени во нашиот тим, а речиси сите не перцепираат како „женска“ компанија. Во случајот на Елемент ПР тимот се создаде самиот на интересен начин. Овој тим издржал и кога компанијата имала лоши моменти, а тоа треба да се цени, кога некој останува покрај Вас и кога не е се така розово. Ние сме како едно семејство кое функционира одлично независно од проблемите со кои се соочуваме. Нашиот тим отвори многу интересни дискусии во нашата фела, но и пошироко. Интересни теми за разговор за кои има еден одговор – секој од нас е со високо образование, секој од нас е со постдипломски студии, секој од нас е со голем број обуки и секој од нас нема потреба да се докажува, бидејќи е докажан во својата професија. Во Елемент ПР имаме заедничка согласност никогаш да не штедиме средства за доедукација. Поради тоа единствени сме што имаме сертификати за ПР мерења од ПР Академијата во Лондон, имаме член од тимот со завршени студии за Корпоративни комуникации во Милано, двајца од нас завршуваат на Шефилд Универзитетот во делот на Стратешки маркетинг, преку Академијата за менаџери во Македонија, учесници сме на голем број предавања во Македонија и странство организирани од наши соработници. Едноставно, тимот на Елемент ПР го прават луѓето кои се најдобри во својата професија. Тој тим не може да се замисли без Ајнур, Тина, Елена, Билјана, Ана, Сања, Мики и Катерина. Јас не сум приврзаник на мислењето дека без секого се може. А тоа што зборуваат за нас, само покажува дека вредиме, ако не вредиме нема да зборуваат за нас. Од тоа поедноставно објаснување нема. Дали се следи некој тренд од странство? Не знам искрено, но знам дека при создавањето на тимот важно ни беше да се најдат искрени и чесни луѓе, во меѓувреме при тој избор се правеа грешки, но вистинските луѓе останаа во Елемент ПР. Во оваа компанија најважно од се е вработениот да ја чувствува оваа компанија како своја.
M365: Како го гледате напливот на ПР агенции последнава година-две? Дали квантитетот го зголемува квалитетот на понудата ?
Татјана Лопарски : Кванитетот не значи секогаш квалитет. Зголемениот број на агенции носи поголема понуда на пазарот, но со квази компании за односи со јавност никому добро не му се прави. Никнаа компании кои се занимаваат со се, ама не со ПР. Можеби мислат дека ако напишат некој текст и го пратат до новинари ја завршиле работата, но ПР е комплексна професија, која ја опфаќа комуникацијата со сите целни публики. Тоа значи пред се искуство во оваа област и секако голем број контакти. Тоа се стекнува со годините, а не се добива одеднаш. За да се понуди вистинска услуга за клиентите треба да имаш одлично познавање на индустријата каде функционира клиентот, за економската состојба, за политичките случувања. Колку си способен во оваа професија зависи од многу работи, а најмалку од тоа дали знаеш да напишеш соопштение. Тоа се учи, останатото треба да се стекне. Јас и јавно ги критикувам случувањата во нашата професија поаѓајќи од себе, затоа што самата знам колку треба да се вложи за да се направи вистинска кампања и да се има видлив ефект. Во тие стратегии сигурно како елемент не е организирањето на родендени, забави и слични работи. За тоа си има специјализирани агенции, кои не се ПР компании. Но претпоставувам дека и добро е да има ваква шареноликост, за да се разбере навистина што е нашата професија. Квалитетот секогаш избива на површина.
M365: Членувате и во македонското здружение за односи со јавност (ЗОЈМ) кое во изминатиот период многу малку е присутно во јавноста. Дали ПР секторот во Македонија треба да поработи повеќе на својот ПР ?
Татјана Лопарски : Добро е што се формира ваков тип на здружение. Но од овој агол јасно е дека основачкото собрание имало членови и кои навистина не се занимавале со ПР, а беа присутни само поради некаква кампања за добивање функции во Здружението. Јас лично кажав дека не сакам да се нафатам за каква било функција ако пред се немам време да се посветам на исполнувањето на моите обврски. Тоа беше основниот проблем изминативе години. Раководството немаше време да се собере во полн состав и да одлучува. Сега сум сигурна дека работите ќе одат во вистински правец и секој од нас ќе се заложи за стандардизација на професијата, нешто за што одамна алармирам. Не можете да развивате свест за професијата, каде дел од луѓето кои работат во неа ја идентификуваат со односи со медиуми. Ме критикуваат дека критикувам, но во критиката секогаш поаѓам од себе и знам да кажам кога грешам или не, бидејќи само така може да се сменат работите. Поразителен беше бројот на членови на последното Собрание, тоа е работа која треба да почнеме да ја менуваме, членството да биде се поголемо, а со тоа и едукацијата меѓу нас ќе биде поголема. Секој од нас е конкуренција, но ако не соработуваме не добиваме ништо, освен непријателски однос кој не води никаде.
M365: Често слушаме за разно-разни лоши искуства од питчеви и за постојано уривање на цените за стандардните услуги на ПР агенциите. Како да го промениме сето тоа?
Татјана Лопарски : Секој има право да понуди цена. Ова е отворен пазар. Никој не треба да му се лути на другиот ако понудил пониска цена. Одредената цена значи одреден степен на квалитет. Тоа го увидуваат и самите клиенти. Има разлика меѓу компаниите кои ја работат оваа професија, квалитет наспроти цена. Не е тајна кои меѓу нас знаат да работат како треба и кои импровизираат. А импровизацијата трае кусо време, а квалитетот е нешто што ако сакате да го имате има одредена повисока цена. Ако некој мисли дека 50 евра му се доволни за да понуди комплетно сервисирање на клиент, слободно нека работи. Сите знаеме колку е реалната цена на нашиот труд. И нашата работа е видлива, клиентот го гледа ефектот од неа. Искрено, оваа приказна има две страни. Поминаа и времињата на добрите цени во делот на маркетингот. Сега една компанија за секој вложен денар сака да види ефект. Порано конкуренцијата беше помала и реално цените беа многу повисоки. Кога градите однос на доверба ниту една од страните клиент – агенција не треба да се почувствува дека на некој начин е „измамен“. Во тој однос има две страни кои треба да се чувствуваат задоволни од извршената работа.
M365: Што за крај би им препорачале на сите оние кои размислуваат да се вклучат во ПР браншата?
Татјана Лопарски : Оваа е професија каде ниту еден ден не е ист како претходниот, каде еден ден може да значи многу, каде навистина имате можност да се изразите и креативно. Оваа е професија со големи стресови, со покачен адреналин, со големи радости и задоволство по завршената работа. Ова е професија која нема работно време, каде запознавате многу луѓе и каде учите многу. Секој што сака предизвик во својот живот и работа надвор од некои шеми слободно може да ја одбере оваа професија. И едно правило секого треба да го води – се се учи, само треба да постои желба да се научи.