Пред неколку дена имавме можност да направиме краток разговор со Татјана Митевска, основач на компанијата “Satone” и од скоро одговорна за стратегијата на AI продуктите на глобалниот бренд “Huawei”. Татјана во моментот работи и живее во Италија, каде и го има стекнато високото формално образование и продолжува да се гради кариерно во глобални брендови како Microsoft, Vodafone и Huawei. За време на пандемијата, таа успеа да отвори и свој онлајн бизнис кој засега функционира одлично и покрај сите предизвици во економијата. Интервјуто со неа го водеше Маја Ташева.
М365: Татјана на само 29 години успеа да изградиш кариера и да работиш во светски познати брендови како Microsoft, Vodafone и по најново Huawei. Кажи ни збор-два за тебе и како дојде до овие можности? Дали сметаш дека заминувањето од Македонија беше пресудно?
После додипломските студии работев во повеќе европски држави. Во 2016 година ми беше понудена позиција во Microsoft во Милано, која од прва ја прифатив. Тоа искуство ми ги отвори вратите кон други познати компании. Образованието отсекогаш играло голема улога во мојата кариера. На пример, понудата да се приклучам на тимот на Vodafone дојде откако на саем за вработување организиран од мојот факултет имав средба со шефот за човечки ресурси на Vodafone кој подоцна ме покани на интервју.
М365: Успеа да отвориш и развиеш своја компанија за време на глобална пандемија и да соработуваш со брендови од рангот на Unite Тelecom во Англија. Како дојде до идејата за Satone?
Идејата за компанија се роди за време на пауза за ручек на “University of Cambridge”. Јас и моите колеги од Cambridge Judge Business School дискутиравме за тоа колку денешните консултански компании имаат традиционални методи на консалтинг, особено во делот на стратегијата каде фокусот не е на наоѓање инновативни бизнис модели и дигитална траформација за оптимизарање на бизнис-процесите. Решивме дека ние можеме подобро, како CFO (Chief Financial Officer) на класот, јас ја презедов лидерската позиција.
М365: Со кои сé брендови има соработувано Satone и по што се разликува во однос на конкуренцијата?
Satone се отвори во април, буквално во екот на пандемијата кога цели држави беа во карантин. Не очекувавме големи резултати со оглед на околностите и бевме изненадени кога после точно 2 недели бевме целосно букирани. Досега имаме работено со клиенти од 12 држави, иако нашата база се лондонски компании. Работиме со компании кои оперираат во SAAS, e-трговија и телекомуникации.
М365: Со кои сé предизвици најчесто се соочуваат стартапите во првите години од нивното оперирање? Кои грешки, според тебе, најчесто се прават и како да се пласира продукт или услуга со подобар “market fit”?
Најголемиот предизвик е веројатно капиталот. Бидејќи работиме со стартапи и компании кои се профитабилни или имаат обезбедено капитал, можам да зборувам за проблемите на тој тип на компании. Од мое искуство, најголемата грешка е неинвестирањето во истражување на пазарот. Се инвестира многу во производот, дизајнот и маркетингот, ама се заборава со кој сегмент од пазарот се комуниција и со кој треба да се комуницира.
Многу често не се употребуваат микро податоци за да се запознаат потрошувачите. Не е важна големината на компанијата: ако одвоите време да ги читате мислењата кои вашите потрошувачи ги оставаат во App Store, Facebook и на многу други места ќе најдете злато од информации за тоа како потрошувачите го доживуваат вашите продукти или услуга. Друга слаба точка е неупотребата на информации од постоечката база на потрошувачи и креирање на “performance” индикатори како “customer lifetime value”, “churn indicator”, “average revenue per user”, “average cost per user”, “returning customer” итн.
Кога се работи за позиционирање на пазарот и позиционирање на одреден продукт, многу зависи кoj бизнис модел се следи. Јас лично не преферирам low brand – позиционирање, или кога компании се позиционираат на долниот дел од пазарот поради повеќе причини: потребата да се работи со големи количини затоа што маргините се многу ниски или скоро непостоечки, поради ризикот дека продуктот ќе биде перцепиран како “commodity” и самата перцепција на потрошувачите. Кога сте така позиционирани и сакате да ја промените стратегијата (да се позиционирате на повисокиот дел од пазарот), многу е тешко да се смени перцепцијата која потрошувачите/корисниците ја имаат за вашиот продукт/услуга. Од друга страна ако сте позиционирани на високиот дел од пазарот и сте под закана со влез на конкуренција со агресивна ценовна стратегија, можете лесно да ја промените позицијата без да ја уништите перцепцијата која вашите потрошувачи/корисници ја имаат за вас, а тоа се прави со моментални попусти или “low brands” стратегии за да се задржи или земе нов сегмент од пазарот.
М365: Кога сме на темата “AI”, какви предизвици отвара твојот најнов работен ангажман за глобалниот бренд “Huawei”?
Huawei моментално работи на многу интересни AI продукти, како на пример Huawei Assistant и Hi Voice и многу други. Мојата работа е да обезбедам успешна стратегија и настап на пазарот во Јужна Европа.
М365: И за крај, кои инспиративни ликови/страници/блогови според тебе се неопходни да се следат секојдневно?
Кога се работи за читање јас сум “old fashion” и сакам да читам весници и специјализирани списанија. Претлпатена сум на The New Yorker, Sole 24 ore и Harvard Business Review. За маркетинг ги препорачувам подкастот и блогот на sugatan.io и совети од Cris Do од The Future кој е екперт за совети за комуникација со клиенти.