Денешен гостин на Маркетинг365 е господинот Тодор Стојчевски, директор на агенцијата за односи со јавноста Чептер 4 Македонија. Поводот е роденденски, 5 години работа на македонскиот пазар за агенцијата која е дел од еден од најголемите комуникациски системи во Централна Европа.
M365: Во односите со јавноста сте повеќе од половина деценија. Може ли Ваш став околу оваа професија?
Тодор Стојчевски: Искрено, поминаа пет години, а се уште се сеќавам на мигот кога почна приказната со Чептер 4 Македонија. Како и секоја добра работа, се појави ненадејно и неочекувано. Затоа верувам во позитивна енергија која го насочува животот кон успех. Јас се обидувам да го достигнам успехот и во оваа професија, која генерално, во земјава, „живеат“ нешто повеќе од 20-тина години, кога се отворила првата агенција за односи со јавност. По ова, следува прифаќање на професијата во од страна на корпоративниот свет, а во последно време, се повеќе ја применуваат и поединци кои менаџираат со својата репутација. Дефинитивно, во овие дваесетина година, Односите со јавноста станаа и научна дисциплина во Македонија. Иако доцниме осумдесетина години во однос на светското етаблирање на професијата Односи со јавност (некаде кон триесеттите години на минатиот век), сепак, сме на вистинскиот пат за развој.
Од аспект на луѓе кои работат во професијата, таа во себе вклучува различни профили – маркетинг експерти, новинари, психолози, историчари, економисти, педагози, филозофи и други. Сите нив, поради мултидисциплинарноста, ги спојува креативноста, инветивноста, желбата за „адреналинска“ професија.
Велам дека сме на вистинскиот пат на развојот, што само по себе кажува дека имаме уште многу за одење. Но, важно е дека некои луѓе тргнале на патот, други се приклучиле, дел од нив се исклучиле. И со такво филтрирање, на крајот, ќе останат најупорните – професионалците кои живеат од и за Односите со јавноста.
M365: Бидејќи сте регионална агенција, направете споредба меѓу практикувањето на Односите со јавноста во Македонија и во другите држави каде што Чептер 4 има свои канцеларии?
Тодор Стојчевски: Иако станува збор за иста професија, сепак, постојат разлики во практикувањето на професијата. Тоа е нормално, согласно локалните специфики на државата каде што се практикува ПР-от. Станува збор за „локална“ или за локализирање на професијата. Пример, една компанија може да соработува со агенција за односи со јавност во повеќе држави (комуникација со еден претставник за повеќе канцеларии) во насока на подготовка на стратегија за комуникација на тие пазари. Но, сепак, глобалната стратегија мора да се локализира за потребите на граѓаните кои се таргетираат.
Доколку може да направиме споредба, би дал едно практично објаснување во практикувањето на социјалните медиуми. Додека во Македонија Facebook-от е суштинска и масовна алатка за комуникација и контакт со јавноста, во Австрија, пример, тој се користи само за приватни комуникации. Таму најмногу функционира LinkedIN-от, во професионалните односи, Twitter-от, за комуникација, како и Instagram-от за споделување фотографии. Овие три социјални алатки за комуникација, се разбира, се користат и кај нас, но во многу помал обем и со многу помал ефект.
Или, пред неколку години, кај клиент отидовме со стратегија подготвена во Prezi и верувајте, го изгубивме со образложение дека не може да работи со Агенција која користи, според него, непознати алатки. Во другите земји, доколку отидете кај клиент со Power Point презентација, нормално, ќе добиете „карта за еден правец“.
И според мене, ова е нормално да постојат разлики во практикувањето на односите со јавноста. Сите сме на различен степен на развој во однос на професијата, со различна економска, културна и социјална позадина, со различна големина на пазар. Важно е дека ние како држава се развиваме и ги следиме поголемите земји и слободно може да кажам, дека професијата има иднина во Македонија.
M365: По што ќе ги паметите овие 5 години од функционирањето на Чептер 4?
Тодор Стојчевски: Секогаш се паметат „големите“ нешта, но „животот“ на Чептер 4 во Македонија го одбележуваат и многу „мали“ работи. Со еден збор, многу активни пет години, со падови и успеси. Ќе ги паметам по огромниот број клиенти со кои соработувавме и се уште соработуваме (неблагодарно е да се говори со бројки, затоа што клиентите не се само бројки :)). Ќе ги паметам по нашиот скромен придонес во развојот на професијата Односи со јавност преку учество во единственото Здружение за односи со јавност (ЗОЈМ), преку членство во Советодавниот одбор на Факултетот за маркетинг менаџмент и односи со јавност при Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје и во други професионални тела и организации. Овој период ќе го паметам и по многуте успешно реализирани проекти на меѓународно ниво, каде за клиенти работиме со сите колеги од канцелариите на Чептер 4 и Барсон-Марстелер. Не се забораваат и многуте награди што ги освоивме како агенција во подем, но и многуте непроспиени ноќи, предизвици и решенија кои сме ги предложиле за клиентите.
M365: Како според Вас стоиме со формалното образование за Односите со јавноста?
Тодор Стојчевски: Односите со јавноста и во Македонија веќе се категоризираат како академска наука, која се изучува на факултетите и во стручните школи. Колку што знам, кадри од професијата се профилираат на Правниот факултет во Скопје, катедрата за комуникологија (Односи со јавност), на Факултет за маркетинг менаџмент и односи со јавност при УТМС, Универзитетот на Југоисточна Европа (Штулов универзитет) и во Институт за комуникациски студии.
Тоа значи дека веќе на пазарот имаме формално едуцирани личности за професијата, нешто што не беше случај пред неколку години. Се разбира, ова нема да ја запре, ниту пак може и има право да ја запре, флуктуацијата од другите професии во Односите со јавноста. Тука, според мене, е убавината на професијата – мултидисциплинарен пристап во решавање на одреден предизвик или во различни аспекти во комуникација со јавноста.
Македонија, колку што е мала по територија, уште помала е во однос на издаваштвото воопшто. Доколку во овој сегмент го издовиме стручното издаваштво, кое се однесува на нашата професија, може да замислите за што говориме. Сепак, се повеќе растеме во создавањето на стручна литература на македонски јазик. Во оваа насока ќе ја споменам најновата книга „Тајните на светските ПР експерти“ која ја издава компанијата за организација на настани P World со поддршка на Чептер 4 Македонија. Во оваа книга, која ќе биде промовирана на Marketing Kingdom 2016, пред повеќе од 200 експерти за маркетинг и односи со јавност, како и менаџери од неколку балкански држави, свој придонес имам и јас со авторски текст посветен на агенциското работење. Книгата содржи 10 стручни труда на светски автори од корпоративниот свет, кој даваат свои видувања за професијата Односи со јавност. На овој начин, како Агенција, го исполнуваме нашето ветување дека ја поддржуваме професијата и даваме свој придонес во нејзино профилирање и професионализирање.
M365: На што се должат малите буџети со кои работат Агенциите за односи со јавност? Каде, според Вас, е излезот од оваа ситуација во која се наоѓате?
Тодор Стојчевски: Има најмалку две причини за ваквата состојба. Едната е објективна, другата е „субјективна“. Објективната причина е поврзана со големината на пазарот и развојот на клиентите. Ние, де факто, сме мал пазар, со слаба економска динамика, сиромашни компании… Од друга страна, субјективниот фактор е поврзан со нашата неорганизираност како професионалци. Не сме организирани затоа што, се уште, „растеме“ како професија. Немаме дефинирани правила на игра како правни субјекти во однос на меѓусебна соработка и правила за игра во конкурентски односи. Дефиниравме етички стандарди, но не успеавме да воспоставиме тело кое ќе следи дали се почитуваат. Дел од нас се во комуникација со колеги од други држави, дел – се уште немале таква можност или не сакаат да разменуваат искуства со други пазари. И честопати, соработката со клиентите се базира на лично познавање, а не на усогласување на потребите на клиентот и можностите на Агенцијата. Но, и оваа состојба се менува во насока на професионализирање на овие лични релации, затоа што сите сфаќаат дека не секогаш личното пријателство успешно функционира во односите со јавноста.