Маркетинг365 го имаше задоволството да разговара со Влатко Ѓоргиевски, директор на ХоРеКа сегментот во Атлантик Група за Македонија, со кого дискутиравме за новите трендови и предизвици во сегментот на хотелиерството, рестораните и кафулињата, за промените во компаниската стратегија како одговор на тие трендови и предизвици, како и за дистрибуцијата на премиум брендови до потрошувачите.
M365: Работите дистрибуција на премиум брендови. Колку тоа ви ја олеснува работата или пак претставува дополнителен притисок?
Влатко Ѓоргиевски: Најпрво морам да истакнам дека Атлантик Група е генерално водечкиот дистрибутер на (сопствени и принципали) висококвалитетни FMCG брендови во југоисточна Европа, каде што е регионален и глобален лидер. Така што, со моќта на сопствениот асортиман, високото ниво на развој на дистрибутивната мрежа, одличната покриеност на дистрибутивните канали, посебно во малопродажба и во ХоРеКа сегментот ќе биде продолжен развојот на односи со клучни клиенти и привлекување на нови партнери, како што се Red Bull, со кои на почетокот на оваа година договоривме соработка и направивме уште еден значаен исчекор во ширењето на дистрибутивната мрежа на пазарот во Македонија, што го покажуваат и постигнатите резултати.
Дистрибуцијата на премиум брендови носи свои привилегии, но и сериозни обврски кон Принципалите. Со светски познати брендови во своето портфолио еден Дистрибутер добива на квалитет и отвора можности за превземање нови брендови. Секој еден таков бренд има своја уникатна стратегија, бара посебен персонализиран пристап како и дедицирани тимови кои ќе ги исполнат договорените барања и цели. За постигнатиот успех не може да биде заслужен само еден човек, туку целиот тим, на кој сум исклучително горд.
M365: Колку е денес поразличен ХоРеКа дистрибутивниот бизнис во споредба со пред 10 години?
Влатко Ѓоргиевски: Како и во останатите дистрибутивни канали така и во нашиот ХоРеКа сегмент, трендовите и начинот на функционирање постојано се менуваат. Разликите во функционирање и навиките кај потрошувачите се големи. Континуирано, имаме се попрефинет вкус како и зголемена конзумација на премиум пијалоци. Сето ова е резултат на светските трендови кои преку социјалните мрежи се достапни и кај нас. Секоја нова навика кај луѓето мора будно да се следи и соодветно да се дејствува, сé со цел да имаме задоволни клиенти.
Исто така, вредно да се нагласи е сé поголемиот број на модерно и високо-квалитетно уредени локали кои во минатото беа во многу мал број.
Токму затоа, раководејќи се од начелото дека иновативноста е клучот за понатамошен развој, Атлантик Група во последните неколку години изнесе многу иновации во угостителскиот сектор во најразлични категории: од кафето Barcaffe espresso, преку Cedevita, BnE (турско кафе кое се подготвува на инстант начин).
Како водечки локален дистрибутер во Македонија, Атлантик Група е постојано во потрага по нови принципали и брендови кои се лидери во своите категории, па со самото тоа се и добредојдени во нашето портфолио со што би можеле да ја подобриме понудата на пазарот.
M365: Дали новите предизвици со кои се соочивме последниве години (Ковид 19, војната во Украина, економска рецесија) наметнуваат нова стратегија?
Влатко Ѓоргиевски: Апсолутно да. Со почеток на пандемијата од Март 2020-та година, надополнето со војната во Украина, а на сé ова и економската криза која сé уште го нема достигнато својот зенит, условите за функционирање на целиот ХоРеКа бизнис се во незавидна ситуација. После сите карантини и рестриктивни мерки, сериозни предизвици со суровини и амбалажа во производствените капацитети на нашите добавувачи како и зголемувањето на цените како на готовите производи така и на енергенсите, придонесува за континуирани промени во стратегијата и начинот на работа. Фокусот на работењето во оваа нова нормалност во која се наоѓаме е ставен на нашите вработени, како и на нашите партнери-соработници. Сите заедно, со квалитетна соработка и меѓусебно разбирање, мораме да го поминеме овој турбулентен период.
Големиот синергетски ефект ни овозможи дополнително дистрибутивно-логистичко ширење, така што денеска пред сé имаме заедничка цел, а тоа е раст на дистрибутивното работење преку нови партнерства и принципали, бидејќи понатамошното ширењето на асортиманот во различните категории е основа за развој на нашиот бизнис во иднина, без оглед на сите предизвици низ кои поминуваме и кои се пред нас.
M365: Кои се новите трендови во ХоРеКа сегментот?
Влатко Ѓоргиевски: Ситуацијата со Ковид пандемијата ни покажа колку сме всушност способни ефикасно да се адаптираме на различните околности на пазарот и во краток рок комплетно да ја прилагодиме продажбата и маркетинг стратегијата за новонастанатите предизвици. Сведоци сме дека пандемијата го промени нашето секојдневие и дека ни постави нови стандарди во начинот на вршење на бизнис активностите. За жал, бевме сведоци на падот на вкупниот приход во ХоРеКа каналот. Самата пандемија постави некои нови трендови, од кои највидлив е растот на домашната потрошувачка на алкохол. Искрено се надеваме за нормализација на работењето на загрозените продажни канали и индустрии, на кои постојано им пружаме поддршка преку градењето на нашите брендови. Како што веќе напоменав, стратегијата која ја следиме и која доаѓа од глобалните трендови е генерална премиумизација на алкохолните пијалаци, односно, насочување на потрошувачите кон поквалитетни и поскапи производи. Исто така, забележителен е растот на сегментот Ready to Drink со коктели и нискоалкохолни пијалаци, а дел од колачот ни земаат и „невидливите“ конкуренти како што се на пример сокот од цеден портокал, смутиња, добар дел од занаетските производи и слично.
Во минатото, понудата на вино беше доста ограничена. Со развојот на помали бутик-винарии кои денес ги има во доста голем број, љубителите на вино имаат можност да дегустираат и конзумираат нови сорти на вино, да направат компарација на иста сорта од повеќе винарии, како и гастрономски да уживаат во многуте ресторани кои се отворени во склоп на винариите.