Во време кога медиумската сцена се менува со брзина каква што не сме ја познавале досега – од дигитализацијата до променетите навики на публиката – телевизијата останува најмоќниот, но и најпредизвикуваниот медиум.
Денешен наш соговорник ни е М-р Сотир Сотировски, кој дел од своето формално образование го завршил во САД, а денес магистер по меѓународен маркетинг и менаџмент, одличен познавач на медиумите со долгогодишно искуство во телевизискиот сектор, креативец и продуцент, со богата регионална и меѓународна кариера, особено во делот на маркетингот и комуникациите.
Со него разговаравме за состојбата и иднината на медиумската индустрија, за тоа што можеме да научиме од успешните модели во регионот и светот, и зошто токму телевизијата – кога е вистински разбрана – сè уште има моќ да обединува, едуцира и инспирира

Маркетинг365: Господине Сотировски, телевизиската индустрија во последната деценија доживеа длабоки промени – од стриминг платформите до новите навики на публиката. Како некој што со години ја следи медиумската сцена и во регионот и во странство, како го гледате идентитетот и улогата на линеарните телевизии во оваа нова медиумска реалност?
Сотир Сотировски: Телевизиската индустрија, особено во последната деценија, навистина доживеа значителни трансформации. Стриминг платформите, како Netflix, Amazon Prime, Disney+, а во нашата држава Gley како и платформите на мобилните оператори кои овозможуваат гледање телевизија на барање (on demand), значително ја променија динамиката на гледање на телевизија. Љубителите на содржина сега можат да изберат кога и како ќе ја гледаат својата омилена серија или филм, што претставува значителен чекор напред во однос на традиционалниот линеарен модел на телевизија.
Исто така, во последните години, лесно достапни се огромен број информации на веб порталите и социјалните медиуми преку пишан текст или видео, што секако сериозно влијае на намалување на гледаноста на линеарните телевизии.
Во регионот и на глобално ниво, линеарните телевизии се соочуваат со сѐ поголем притисок, и тоа од неколку аспекти. Прво, постои значително намалување на телевизиската публика, која сѐ повеќе се преместува на интернет-платформи. Стриминг услугите на гледачите им нудат контрола, избор на жанрови и програми, а и можност за прбарување, што ги прави линеарните телевизии помалку привлечното решение, особено за помладите генерации.
Но, и покрај тоа, линеарната телевизија има неколку важни аспекти кои ја одржуваат нејзината релевантност. На пример, за живо прикажување на настани, како спортски натпревари, вести или специјални случувања, линеарните телевизии се и понатаму непроценливи. Доколку погледнеме на нив од аспект на идентитет и улога, тие се уште остануваат клучни за градење на заеднички културни искуства. Со оглед на тоа што телевизијата (како мрежа) нуди програми кои ги гледаат големи групи луѓе во исто време, ова „заедничко гледање“ не е лесно заменливо.
Дополнително, телевизиите, особено тие со силен национален или локален идентитет, се уште можат да играат важна улога во формирањето на јавниот дискурс и во регулирањето на информацијата. Многу национални телевизии сеуште се гледани заради нивната способност да прикажуваат квалитетна новинарска работа и локални вести, кои се непристрасни и важни за општествениот контекст.
Се разбира, постојат и многу предизвици пред линеарните телевизии – како што се промената на рекламниот модел, финансиските притисоци и глобализацијата на медиумите. Но и покрај тоа, важно е да се истакне дека тие се уште имаат свое влијание, особено во региони каде што постојат традиции на гледање телевизија и каде што инфраструктурата за интернет-стриминг не е целосно развиена.
Конечно, идентитетот на линеарните телевизии може да се адаптира, но ќе мора да се соочи со промените во потрошувачките навики, технолошкиот напредок и новите барања на публиката. Можеби комбинацијата на традиционалното телевизиско искуство и иновациите на дигиталниот свет ќе биде патот за да се задржи нивната релевантност во иднината.
Маркетинг365: Кон што се стремат модерните линеарни телевизии — во однос на продукцијата, публиката и вредноста на квалитетната содржина?
Сотир Сотировски: Модерните линеарни телевизии, за да опстојат во иднина а воедно и да останат релевантни во ерата на стриминг и дигитални медиуми, потребно е да се стремат кон неколку јасни и стратегиски насоки – особено во однос на продукцијата, публиката и вредноста на квалитетната содржина:
Модерните линеарни телевизии сѐ повеќе инвестираат во сопствена продукција, особено содржини кои ги одразуваат локалните приказни, култура и идентитет. Причината е јасна: токму ваквата содржина е нивната најголема конкурентска предност во однос на глобалните стриминг платформи, кои најчесто понудуваат интернационални, но не и локално релевантни програми.
Исто така, со оглед на тоа што повеќето млади се ориентирани кон дигитални платформи, линеарните телевизии сега ја намалуваат амбицијата да бидат „за сите“ и се фокусираат на јасно дефинирани целни групи – како повозрасната публика, семејствата, љубителите на вести, или оние што бараат доверлив и проверен извор на информации.
Ова доведува до: Прецизно програмирање на времиња, односно креирање на програмската шема во временски зони кога одредена публика е активна; Нагласок на доверба, кредибилитет и навремена информација – посебно кај вестите и аналитичките емисии, и се разбира, развој на програми со социјална одговорност, кои ги рефлектираат проблемите на заедницата.
Модерните телевизии не треба да ја гледаат дигиталната трансформација како закана, туку како партнер во проширување на опсегот и репутацијата. Сѐ повеќе линеарни телевизии градат сопствени SVOD (subscription video on demand) платформи, YouTube канали, присуство на социјални медиуми, и развиваат апликации што овозможуваат гледање „on demand“.
Модерните линеарни телевизии се стремат да го задржат она што ги прави уникатни – доверливост, заедничко искуство, локален контекст – и истовремено да се отворат кон иднината преку технолошка адаптација и иновација. Квалитетната содржина останува нивниот најголем капитал, но сега таа мора да биде поавтентична, поконтекстуализирана и подобро дистрибуирана од кога било.
Маркетинг365: Кога ќе погледнеме кон регионот – Словенија, Хрватска, Србија, па и Бугарија – некои јавни сервиси на пример успеаја да се реформираат и да изградат модерен имиџ, блиску до младата публика. Кои од тие искуства би можеле да ни бидат корисни и применливи кај нас?
Сотир Сотировски: Да, дефинитивно искуствата од регионот нудат конкретни примери за тоа како јавните сервиси можат да се реформираат, да се модернизираат, и да станат релевантни за новите генерации, без да ја изгубат својата јавна и образовна функција. Кога зборуваме за Словенија, Хрватска, Србија и Бугарија, не зборуваме за системи драстично различни од македонскиот, туку за општества со слични предизвици, што ги прави нивните решенија уште повредни како модел.
Иако најголем дел од јавните сервиси во регионот се во држави членки на Европската унија, ние како аспирант за европско членство мораме да го трансформираме и модернизираме јавниот сервис уште веднаш, користејќи искуства и практики што секако се применливи и во Македонија.
RTV Словенија на пример ја разви “RTV 365” платформа, што овозможува гледање на содржини on demand, подкасти, мобилни апликации и стриминг во живо. Создаде многу Програми за млади, како на пример “Infodrom” – младински информативен формат со јазик и теми блиски до младите, и секако инвестираше во Професионално присуство на социјалните мрежи со кратки, привлечни формати (Instagram, TikTok, YouTube).
Хрватскиот национален сервис HRT се насочи кон Создадавање на посебни канали како HRT3, насочен кон култура, филм, документаристика и едукативна содржина. Лансираше програмски содржини како “Školski sat” (училишен час), што беа клучни за време на пандемијата, но и по неа продолжија како образовен ресурс.
Исто така HRT во последните години вложува повеќе во драмски и документарни формати со локални приказни, што ја зајакнува поврзаноста со публиката.
RTS (Србија) Инвестираше во домашна анимација, детски серии и содржини, со јасен српски културен контекст.
Да не заборавиме дека ја создадоа “RTS Planeta” – платформа што нуди пристап до сите канали на RTS, подкасти и архивска содржина, достапни на гледаќите во целиот свет
Тие исто така многу вложуваат во вклучување на млади автори и иноватори во креирањето на програмската шема.
Ако погледнеме кон источниот сосед, таму БНТ (Бугарија) предводи во брендирање и визуелна модернизација
Тие во изминативе години направија: Целосно редизајнирање на визуелниот идентитет на БНТ: нова графика, современ тон, подобрени студија; Интегрирање на младински сегменти во постоечките информативни формати и воспоставување на повеќе содржини со интерактивни елементи, со вклучување на публиката.
Генерално, доколку се анализира состојбата на медиумскиот пазар во нашата држава, добиваме општ заклучок за политичко-економската и социјална состојба во која се наоѓаме и колку заостануваме зад телевизиите во регионот, а случајот не е само за јавниот сервис. Учејќи од искуствата на веќе трансформираните и модернизираните телевизиски медиуми во регионот, а особено јавните сервиси, можеме да ги користиме нивните искуства, не само за технолошко унапредување, туку имплементирајќи ги принципите при креирање програма, соодветна и модерна промоција на истата, како и прилагодување и почитување на европските стандарди и норми.
Мои согледувања во оваа насока:
- Модернизацијата не значи комерцијализација, туку подобра комуникација со граѓаните.
- Младите не ја одбиваат јавната телевизија – тие ја одбиваат нефлексибилноста и старомодниот пристап. Кога содржината е актуелна, визуелно модерна и со емпатичен пристап, тие реагираат позитивно.
- Дигиталната трансформација мора да биде стратешки приоритет, не само технолошки чекор.
- Регионалната соработка (копродукции, размена на содржини, тренинзи) може да донесе свежина и поголем досег.
Ако МРТ ги интегрира овие елементи – особено со фокус на локален глас + дигитален јазик + јавна вредност – постои реална шанса да си ја обнови улогата во македонското општество и да стане повторно централна медиумска точка, како за младите, така и за пошироката публика.
Маркетинг365: Еден од најважните аспекти на секој сериозен медиум е создавањето содржини и програми кои ја градат културната самосвест – документарна, детска, уметничка и образовна содржина. Како гледате на обновувањето на овој сегмент во денешниот медиумски контекст?
Сотир Сотировски: Создавањето културно вредни содржини, како документарни, детски, уметнички и образовни програми, секогаш било и ќе остане едно од клучните својства на сериозните и одговорни медиуми. Во денешниот медиумски контекст, каде што доминира брза и површна информација, а конкуренцијата за внимание е огромна, обновувањето, односно производството на ваков тип содржини станува не само важно, туку и критично за зачувување на културната самосвест и националниот идентитет.
Документарните програми имаат длабока и значајна улога во градењето културна и историска свест. Тие нудат информации, контекст и историја што може да ја објасни природата на општеството и културата. Во денешниот медиумски контекст, масовната комерцијализација на медиумите често ги занемарува долгите и аналитички емисии во корист на кратки, сензационалистички прикази.
Некои од работите што можат да се направат во насока на тоа како да ја обновиме документаристикате се и:
- Интеракција со дигитални платформи: Подобро користење на онлајн канали и SVOD платформи за дистрибуција на документарци, што ќе ги направи достапни за пошироката публика.
- Нови форми на документаризам – кратки форми и интерактивни документарци, кои вклучуваат можност за корисниците да влијаат на нарацијата, да поставуваат прашања или да избираат кои делови од историјата ќе бидат истражувани.
- Социјална и локална одговорност: Фокус на локалната историја, култура и општествени проблеми, истовремено поврзувајќи ги со глобалните настани и трендови.
Да не заборавиме дека и Програмите за деца играат фундаментална улога во образованието, социјализацијата и формирањето на вредности кај младите. Во дигиталната ера, кога децата се изложени на безброј комерцијални и често површни содржини, телевизијата има моќ да понуди образовни и воспитни програми кои ги учат на важноста на културата, етиката и општествената одговорност.
Уметничката програма е следен важен сегмент кој ги одржува уметничките форми и културните изрази во живот, не само преку истражување на класични дела, туку и преку промоција на современи уметници. Денес, медиумите можат да играат клучна улога во поврзувањето на уметноста со широката јавност.
Исто така и Образовните програми имаат клучна улога во формирањето на општествената свест и интелектуалниот капацитет на нацијата. Во времето на интернетот и пристапноста до практично секој тип содржина, телевизијата мора да игра активна улога во обезбедувањето на квалитетни образовни содржини кои можат да ги надополни и придонесат на академскиот систем.
Обновувањето на културната содржина во медиумите е не само важно, туку и неопходно за долгорочното опстанување на јавната и образовна функција на медиумите. За разлика од комерцијалните медиуми кои се фокусирани на краткорочна профитабилност, медиумите кои инвестираат во културна содржина, а особено јавниот сервис го градат духот на општеството, ја зачувуваат културната меморија, ја освежуваат традицијата и им даваат инструменти за креативно размислување и акција на новите генерации.
Со модернизации и адаптации на новите медиумски форми (интерактивност, социјални мрежи, дигитални платформи), културната содржина може да биде лесно достапна и привлечна за широката јавност, од најмладите до постарите генерации, обезбедувајќи значајна основа за идната културна и образовна стабилност.
Маркетинг365: Телевизијата не е само извор на забава, туку и место каде се одвива јавниот дијалог. Како може една телевизија да помогне во градење доверба, толеранција и позитивна општествена клима — особено во држава со различни културни и етнички идентитети?
Сотир Сотировски: Телевизијата, како еден од најмоќните медиуми за комуникација и креирање на јавното мислење, има огромен потенцијал да игра улога не само во забавата, туку и во градење на доверба, толеранција и позитивна општествена клима. Во земја со различни културни и етнички идентитети, телевизијата може да биде клучен фактор во обединувањето на различните групи и создавањето на општествена хармонија. Тоа може да се постигне преку свесно и внимателно креирање на програми што ги почитуваат и промовираат разновидноста, инклузивноста и меѓусебната почит. Еве како телевизијата може да помогне во оваа насока:
Телевизијата може да стане платформа за дијалог помеѓу различни етнички и културни групи. Програми кои се фокусираат на заеднички интереси и културни разлики, без да ја нарушуваат сензитивноста на било која група, може да водат кон поголема емпатија и разбирање. Примерите за тоа се:
- Инклузивни ток-шоуа и дебати: Програми каде што различни етнички или културни групи имаат можност да ја изнесат својата перспектива, преку аргументирање и размена на идеи. На таков начин телевизијата не само што ги изложува гледачите на различни ставови, туку и создава безбедно и конструктивно опкружување за дебата.
- Програми за културна разноликост: Креирање на серијали или емисии што ја прославуваат и документираат културната разноликост на земјата. Програми кои покажуваат различни традиции, обичаи, јазици и уметности може да помогнат во разбирането на тоа колку различностите можат да бидат позитивен аспект на општеството, а не причина за конфликти.
Телевизијата, исто така, има голема одговорност во образованието на јавноста и во спречувањето на објавување дезинформации и говорот на омраза. Програмите кои ја поттикнуваат медиумската писменост, како и едукацијата за важноста на веродостојни извори на информации, може да играат значајна улога во изградбата на доверлива и информирана публика.
Јавниот сервис, како медиум што се финансира од јавни средства, има посебна одговорност во градењето доверба. МРТ не само што треба да биде објективна и транспарентна во своето известување, туку и да биде внимателна при изборот на содржините кои ги објавува.
Во контекст на етнички и културни различности, телевизијата може да биде медиум кој го поттикнува дијалогот помеѓу различните групи. Програми што се фокусираат на заедничките предизвици и интереси, како што се образованието, здравството, животната средина или економскиот развој, можат да создадат платформи за колективно размислување и решавање на проблеми.
Маркетинг365: Младите генерации денес растат со TikTok и YouTube, а не со класична телевизија. Како може една модерна ТВ институција да ја искористи таа реалност — да им се доближи, наместо да ги изгуби?
Сотир Сотировски: Дигиталните платфоми и медиуми еспресно стануваат популарни кај младите генерации во светот, но и кај нас. Денес младите растат со TikTok, Instagram, YouTube и други социјални медиуми, каде што имаат екстремно брз и постојан пристап до кратки, динамични и визуелно привлечни содржини. Овој нов медиумски пејзаж не е само промена во форматот, туку и во начинот на кој младите луѓе се однесуваат кон медиумите. Класичната телевизија, со традиционалните, долги и повремено формални програми, може да се чини не само помалку привлечна за младите, туку и недоволно флексибилна во нивните брзи, консумирање на кратки форми на забавни и информативни содржини.
Но, иако изгледа дека традиционалната телевизија има „конкуренција”, таа сепак има и голем потенцијал да се прилагоди на новите навики и да го привлекува младото аудиториум. Клучот е адаптацијата.
Неколку начини како една модерна ТВ институција може да ја искористи оваа нова реалност и да ја задржи или освои младата публика се и:
- “ТикТок” стил на емисии: Развивање на формати кои се адаптираат на брзиот начин на консумирање, како што се емисии за еден ден со актуелни теми кои се кратко и атрактивно презентирани. Пример: интервјуа за 60 секунди, динамични репортажи, брзи вести.
- Јавни социјални медиуми и видеа: Програми кои ќе ги вклучат корисниците на TikTok, Instagram и YouTube како создавачи на содржини, овозможувајќи им да учествуваат или да бидат дел од самите програми. Ова може да биде преку конкурси, предизвици или повици за кориснички генерација на видеа на ТВ.
- Live стриминг и рефлексија на публиката: Програмите што овозможуваат живи интеракции со гледачите преку коментари и лаjкови можат да генерираат чувство на припаѓање и ангажман. На пример, ТВ-програми што вклучуваат интерактивни прашања или живи гласања можат да бидат привлечни за младите.
- Користење на социјални медиуми за промоција: Програмите можат да користат TikTok или Instagram Stories за промоција на настани, а истовремено може да создадат посебни содржини (снимки или видеа) кои се прилагодени за овие платформи и кои водат кон главната телевизиска емисија.
- Млади амбасадори или инфлуенсери: Вклучување на популарни инфлуенсери и дигитални креатори во развојот на програмите, кои ќе ги поврзат со својата публика, може да биде клучен чекор. Овие лица имаат големо влијание кај младите и можат да помогнат во создавањето на релевантни содржини за оваа група.
Една ТВ-институцијата може да инвестира во програми кои ги адресираат овие теми на начин кој е релевантен и пристапен.
Најважно е да сфатиме дека Младите генерации не се против телевизијата, тие едноставно се поврзани со нови форми на медиуми. Ако телевизијата сака да ја зачува својата релевантност, треба да ги сети новите навики и интереси на младите – кратки, динамични видеа, интерактивност, локална и глобална култура, и константна врска со социјалните мрежи. Преку иновативен пристап, социјална интеграција и модерни програмски формати, телевизијата може да се трансформира во медиум кој продолжува да ги ангажира и инспирира младите.
Маркетинг365: Ако погледнеме напред, како би сакале да изгледа македонската телевизиска сцена за десет години? Што би значело тоа за културата, идентитетот и квалитетот на содржината што ја гледаме секојдневно?
Сотир Сотировски: Ако погледнеме напред, за десетина години, а се надевам и побрзо, македонската телевизиска сцена може да изгледа значително поинаку, благодарение на технолошките и социјалните промени што се случуваат денес. Се очекува медиумите, вклучително и телевизијата, да се адаптираат на потребите на новите генерации и да ги интегрираат глобалните трендови со локалните специфики. Во оваа насока, ако ја разгледаме иднината на македонската телевизија, ќе видиме неколку клучни елементи кои би можеле да дефинираат културата, идентитетот и квалитетот на содржината што ја гледаме.
Телевизијата во иднина ќе биде многу повеќе отворена и интерактивна. Создавањето програма ќе се базира на пожелни и актуелни интереси на публиката, која ќе има можност активно да учествува во создавањето на содржината, дали преку гласања, предлагање теми или дури креирање на содржини. Телевизијата ќе стане платформа.
Платформите ќе нудат програми што ќе ги отсликуваат разновидните иденитети на Македонија — од етнички различните заедници, до младинската култура и дигиталните трендови. Програмите ќе го промовираат мултикултурализмот, честопати преку крос-културни проекти што ќе ги поврзуваат различните региони и заедници во Македонија, но и ќе ја интегрираат глобалната перспектива.
Исто така, во иднината, македонската телевизија би требало да се стреми кон создавање висококвалитетни и автентични програми, кои ќе го одразуваат богатството на локалната култура, но и ќе бидат конкурентни на глобалната сцена. Културната продукција ќе игра клучна улога во градењето на идентитетот, од документарци за историјата и традицијата на Македонија, до современи серијали и филмови кои ќе го истражуваат македонскиот лингвистички и културен пејзаж.
Мој став е дека македонската телевизиска сцена ќе се трансформира во уште повеќе мулти-платформски медиум, каде што традиционалната телевизија ќе се интегрира со стриминг платформи, а корисниците ќе имаат можност да пристапуваат до содржината кога и каде сакаат. Програмите ќе бидат достапни не само на телевизија, туку и на интернет, мобилни апликации и други нови платформи.
Исто така, да не заборавиме дека примената на нови технологии како виртуелна и дополнета реалност (VR и AR) ќе ја промени продукцијата на телевизиските програми, со што ќе се зголеми визуелната и интерактивната димензија на телевизиското искуство. 3D анимации, софистицирани визуелни ефекти и интерактивни технологии ќе ја направат телевизијата поинтересна и пристапна за новите генерации.
Македонската телевизиска сцена за десет години би можела да биде модерна, динамична и инклузивна, со акцент на квалитетната локална продукција, образовни и социјални програми и глобална поврзаност. Таа ќе игра клучна улога во обединувањето на различни култури, во грижата за идентитетот и во приклучувањето на глобалните трендови, создавајќи телевизија која ќе биде релевантна, критички ангажирана и со високи стандарди. Македонија, како држава со богат културен и историски контекст, ќе има можност да ги покаже своите уникатни перспективи на глобалната медиумска сцена.
Секако тоа подразбира и сериозни инвестиции во смисол на технички развој и опременост на телевизиите согласно модерните стандарди, како и инвестирање во квалитетни човечки ресусри кои ќе одговорат на модерните предизвици.