Огласувачката индустрија во Европа ги надминува предизвиците наметната од ковид-пандемијата – покажува растот на буџетите за дигитално огласување во текот на минатата 2021 година.
Според извештајот на AdEx и IAB Europe, годишниот раст на инвестициите за дигитално огласување во Европа во 2021 година биле за 30% повисоки во однос на годината претходно. Ова претставува значително зголемување во однос на растот од 6.3% забележан на почетокот на пандемијата, или пак во однос на просекот од 10-13% во последните десет години.
Годишниот извештај AdEx Benchmark 2021 покажува дека вкупниот годишен раст на инвестициите за дигитално рекламирање во 28-те европски земји кои биле дел од истражувањето довеле до вкупна пазарна вредност од 92 милијарди евра.
Ова зголемување е највисоката стапка на раст забележана од 2008 година наваму и ги надминува прогнозите на IAB Europe од 28,6% за 2021 година. Секој пазар во истражувањето забележал двоцифрен раст на инвестициите, при што осум земји дури и го надминале континенталниот просек.
Пазарот во Обединетото Кралство забележал најголеми инвестиции по глава на жител (481 евра по лице), додека пак на второто место се наоѓа Норвешка (330 евра по лице). За споредба, просекот во однос на сите 28 земји кои биле дел од истражувањето изнесувал 115 евра по глава на жител.
Турција е земјата која забележала најголем процентуален раст на инвестициите за дигитално огласување на годишна основа, со раст од дури 99,7%!
Во однос на различните дигитални формати, најголем раст во Европа забележале аудио содржините, со 51,3% повеќе инвестиции во 2021 година, достигнувајќи вкупна вредност од 700 милиони евра.