Според податоците на Бугарската асоцијација на комуникациски агенции (БАКА), огласувачкиот пазар во Бугарија во 2023 година достигнал нето-вредност од 612,1 милиони лева, или над 313 милиони евра.
Тоа значи дека бугарскиот огласувачки пазар пораснал за 7,5% во однос на 2022 година. Првичните проекции на БАКА за 2024 година предвидувале зголемување на тој раст на 9.2%, доведувајќи до вкупен нето износ од 667,8 милиони лева, односно 342 милиони евра.
Меѓутоа, од асоцијацијата истакнуваат дека прогнозите за 2024 година биле подготвени пред усвојувањето на неодамнешната забраната за огласување на коцкарските брендови во електронските медиуми, што секако ќе се одрази и врз севкупниот огласувачки пазар. Во 2023 година, оваа индустрија одвоила вкупно 168,3 милиони лева за огласување.
Најголем удел од сите инвестиции за огласување во 2023 година биле реализирани во сферата на телевизијата, во вредност од 323,5 милиони лева, што е еднакво на речиси 53% од вкупните огласувачки вложувања. Огласувачите се надеваат на значително зголемување на оваа вредност во текот на 2024 година, пред сè благодарение на парламентарните и европските избори, како и Олимписките игри и Европското фудбалско првенство.
На второ место по удел се наоѓаат дигиталните медиуми, во кои биле вложени 209.5 милиони лева, што е еднакво на 34.2% од вкупниот огласувачки пазар. Од БАКА очекуваат дека вложувањата во дигиталните медиуми во 2024 година ќе пораснат за 14%, достигнувајќи износ од 238,8 милиони лева.
Од асоцијацијата предвидуваат раст и на сите останати сегменти во огласувањето, вклучувајќи го надворешното огласување, радиото и киното, освен печатот – чиј удел ќе продолжи да опаѓа во вкупниот износ на огласувачки инвестиции.