Глобалниот финансиски директор на медиската агенција Initiative, Ден Тедеско, ја презеде функцијата генерален оперативен директор на IPG Mediabrands за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА), пренесува адвертајзинг магазинот Campaign.
Во новосоздадената улога, Тедеско ќе биде одговорен за поттикнување на растот и конзистентноста на агенциската мрежа во регионот на ЕМЕА, а тесно ќе соработува и ќе му поднесува извештај за својата работа на Ричард Морис, кој неодамна ја презеде улогата на генерален извршен директор на IPG Mediabrands за EMEA и Обединетото Кралство.
Пред Initiative, агенција која е дел од мрежата на IPG Mediabrands, Тедеско работеше како финансиски директор во Mediabrands UK.
По повод неговото унапредување, Тедеско го нагласи своето задоволство од преземањето на улога која ќе има големо влијание врз континуираниот раст и трансформација на бизнисот во регионот ЕМЕА: „Со нетрпение очекувам да започнеме и да го надградиме силниот успех што веќе го имаме постигнато во регионот“.
Неговиот претпоставен, Ричард Морис, додаде: „Имав задоволство да работам со Ден во минатото и среќен сум што можам да му посакам добредојде назад во нашиот висок менаџерски тим“.
Наследник на Тедеско на позицијата глобален финансиски директор во Initiative ќе биде Тор Петерсон, кој досега ја вршеше улогата финансискиот директор на агенцијата за регионот на Северна Америка.