Агенциската групација Interpublic го соопшти склучувањето на глобално партнерство со Adobe за креација на содржини и активација на операциите на компанијата. IPG е првата компанија што ќе го интегрира Adobe GenStudio во рамки на сопствената платформа за маркетинг технологии, овозможувајќи им на брендовите да го забрзаат обмислувањето, создавањето, продуцирањето и активирањето на содржини преку генеративна вештачка интелигенција.
Таканаречениот „мотор“ (engine) на IPG ќе го рационализира и автоматизира искуството на клиентите од почеток до крај, помагајќи им на брендовите да најдат подобри начини за ангажирање, конвертирање и задржување на публиката преку платени, сопствени и заработени комуникациски канали, како и на индивидуално ниво.
Притоа, Adobe GenStudio ќе го „напојува“ синџирот на снабдување со содржини во рамките на системот на IPG, искористувајќи ги комбинираните можности на Adobe Workfront, Adobe Experience Manager, Adobe Express, Adobe Firefly, семејството на креативни генеративни AI модели на Adobe и Frame.io.
Во рамките на системот на IPG, групацијата ќе користи податоци на агенцијата Acxiom за да создаде попрецизна слика за потрошувачите и поавтентични врски со брендовите.
Системот на IPG ќе се имплементира низ целото портфолио на групацијата, нудејќи разни комбинации на поддршка во „животниот циклус“ на содржините, преку нивно креирање, курирање, склопување, персонализација и мерење, овозможувајќи им секој маркетинг оддел и клиентски тим да испорачуваат исклучителни резултати за брендовите.
Ова партнерство со Adobe ја нагласува посветеноста на IPG за иновации, демонстрирајќи значителни инвестиции во сферата на податоците, технологијата и вештачката интелигенција.
„Маркетерите денес бараат да ги забрзаат персонализираните врски со потрошувачите, со пристап кон секој ангажман воден од преференците на публиката и комерцијалноста. Ова ново партнерство со Adobe ги носи нашите способности на ново ниво. Имплементираме унифициран оперативен систем низ целото наше портфолио, напојуван од податоци и увиди за публиката, за да креираме стратегии за содржина што ја подобруваат човечката креативност со генеративна вештачка интелигенција од етички извори“ – истакнува Филип Краковски, генерален извршен директор на IPG.