Во пресрет на официјалниот старт на новата фудбалска сезона во англиската Премиер лига, ирската обложувалница Paddy Power лансираше нова кампања со која на хумористичен начин го критикува актуелниот тренд на преземање фудбалски клубови од страна на белосветските милјардери.
Централниот спот на кампањата отпочнува со сцена во некој локален паб, каде фановите на телевизор го гледаат поранешниот фудбалер Питер Крауч (инаку амбасадор на брендот) кој коментира некоја неодамнешна аквизиција на фудбалски клуб. Еден од присутните фанови дофрлува како нивниот тим има нешто што парите не можат да го купат: историја, наследство, заедништво…
Но, како што тој го кажува тоа, низ вратата влегува друг фан кој на сите им соопштува дека нивниот тим го купил некој нафтен богаташ. Наеднаш се менува расположението и сите слават и се упатуваат по градските улици, пеејќи сатирична песна: „Отиде мојата етика и исчезнаа моите стравови; премногу години сме на средината на табелата!“
Расположението повторно се менува кога фановите пристигнуваат на клупската билетарница, со надеж да купат сезонски карти, но се одбиени со образложение дека веќе има листа на чекање од 12 години…
Покрај спотот кој ќе оди на телевизија, кампањата ќе вклучува билборди, радио реклами и активности на социјалните мрежи. Кампањата се реализира со помош на креативната агенција BBH.