Ирскиот стартап за развој на вештачката интелигенција во малопродажни цели, Intouch.com соопшти дека го ангажирале Франциско Креспо, поранешен постар потпретседател и директор за развој на Кока Кола, пренесува Ајриш Тајмс.
(17.08.2020) – Франциско Креспо е ветеран во бизнис светот, поминувајќи 31 година од својата кариера во Кока Кола. Во последните 3 години, од 2017 до 2020 година, тој ја вршеше функцијата директор за развој на Кока Кола – позиција која беше создадена токму за него – надгледувајќи ги глобалните маркетинг активности на компанијата, нејзината корпоративна стратегија и потрошувачките и комерцијални лидерски тимови на брендот. Тој исто така беше претседател на Кока-Кола за мексиканскиот пазар – вториот најголем пазар во светот за брендот за безалкохолни пијалоци.
„Имавме неколку разговори со Франциско и тој веднаш го виде потенцијалот во технологијата која ја развиваме, беше многу возбуден во однос на неа и сакаше да биде вклучен. Ние сме воодушевени што ќе ни се приклучи на нашиот борд и неговото искуство ќе биде клучно во нашиот раст,“ истакна генералниот директор на Intouch.com, Тим Аритс.
Креспо не е единственото големо бизнис име кое се приклучи на ирскиот стартап во скорешно време. Неодамна тоа го направија и Џејмс Марфи, сопственик на козметичката компанија Lifes2Good и поранешен сопственик на Viviscal (бренд на производи за коса кој го продал во 2017 за 150 милиони долари), како и Алан Колман од компанијата за паметни домашни уреди Sweepr, кој претходно ја основал компанијата за наплата на телекомуникациски услуги Britebill, купена од AmDocs во 2016 за над 60 милиони долари.
Ирскиот стартап Intouch.com е основан во 2015 година со спојувањето на стартапите Bundly and QReach, кои работеле на слична проблематика, па решиле да ги здружат силите. Intouch.com работи во сферата на софтверските решенија и развојот на вештачката интелигенција со цел нивно ползување во малопродажниот сектор преку влијание врз потрошувачките одлуки со персонализирани понуди.
Стартап компанијата моментално е насочена кон собирањето на инвестиции. На листата на клиенти веќе се најдоа големи малопродажни синџири како Circle K и Carrefour, а стартапот има остварено партнерски договори и со технолошки компании како Microsoft и Re-Vision.