Познатата статуа ќе добие нов дом поради безбедносни причини
Прочуената статуа на Бестрашната девојка, која McCann ја направи за инвестициската куќа State Street Global Advisers, привремено исчезна од финансискиот реон на Њујорк, како дел од подготовките за промена на локацијата на ова уметничко дело.
Бронзената статуа, која беше поставена спроти статуата Charging Bull на Волстрит како симбол на еманципација на жените, е отстранета од местото каде што помина речиси две години, на 27 ноември, а на нејзино место се појави плоча со стапалки, која ги повикува посетителите да ја заемат славната поза, со хаштаг #StandForHer.
Креативната агенција McCann Њујорк ја осмисли и оваа плоча, додека State Street потврди дека Бестрашната девојка повторно ќе се појави на некоја локација на Волстрит пред крајот на годината. Овој потег е договорен во партнерство со градот Њујорк, а целта е да се спречат туристите да излегуваат на патот и да го нарушуваат сообраќајот на Бродвеј, бидејќи статуата се наоѓаше на самиот раб на тротоарот.
“Ова преместување на нова локација ќе осигура дека нејзината порака и влијание ќе продолжи да се слуша, но, исто така и да се подобри пристапот за посетителите”, изјави градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио на почетокот на годинава. “Благодарни им сме на State Street за партнерството и одлуката да се задржи Бестрашната девојка овде во Њујорк”.