Во петокот кабелските оператори во Македонија престанаа да прикажуваат неколку популарни странски телевизиски канали, меѓу кои и National Geographic, FOX life, Minimax, пишува денешен Вест.
Кај некои од операторите беа исклучени и неколку популарни Ем-Ти-Ви музички канали. Претходно беа исклучени и други ТВ-канали, меѓу кои ОБН и Хепи ТВ.
Исклучувањата се со налог на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, затоа што се реемитуваат во Македонија, спротивно на склучените договори.
Агенцијата при контрола утврдила дека програмските содржини на тие сервиси не се реемитуваат во согласност со лиценцата за вршење радиодифузна дејност за наведените програмски сервиси.
Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата, објасни дека исклучувањето не било извршено по барање на македонските телевизии, иако имало поплаки од некои.
„Не станува збор за притисок туку за почитување на закон и за меѓународно право. Се знае што значи реемитување, тоа е без никаква интервенција во програмата и во рекламите. Во договорот на кабелскиот оператор е дефинирано на кој јазик оди програмата, а на кој рекламите. На пример, во случајот на Минимакс, програмата треба да е на српски, а рекламите на романски. Така беше до пред десетина дена. Потоа почнаа реклами на српски. По укажувањето на Агенцијата, сите кабелски оператори го исклучија, освен еден, кој не сакаше да го прими решението“, изјави Трајчевски.
На некои од исклучените канали веќе подолг период се емитуваат реклами и на македонски компании. Кај други, програмската содржина е реемитувана во целост, а не како што е наведено во склучените договори со радиодифузерите, дел од нив да се затемнуваат.
Агенцијата објасни дека инсистира на почитување на регулативата, зашто македонските електронски и печатени медиуми се тие кои губат доколку рекламите, наместо кај нив, одат надвор. Тоа значи зафаќање во рекламниот колач на домашните телевизии, без дозвола тие реклами да се прикажуваат пред македонските гледачи.
„Тоа се гледа и од извештаите на Агенцијата, секоја година се помала е сумата која компаниите ја трошат за рекламирање во Македонија. Тоа е нарушување на конкуренцијата. Во случајов, не се одговорни нашите кабелски оператори туку тие што им го пуштаат сигналот. Најголем дел од операторите го добиваат од Белград. Ова се случува околу Нова година, кога компаниите се заинтересирани за рекламирање на канали со голема гледаност“, вели Трајчевски, додавајќи дека веднаш кога операторот ќе овозможи реемитување според договорените програмски содржини, повторно ќе биде дозволено гледање на тие канали.
АЕК: Само бројот на канали мора да остане ист
Кабелските оператори, со постојната законска регулатива немаат обврска да бараат согласност од гледачите при промена на каналите од пакетот за кој имаат склучено договор со нив. Тие единствено се обврзани да го задржат истиот број канали и да ги известат гледачите за направената промена. „Ако гледачите на некој кабелски оператор не се задоволни од услугата, може прво кај операторот да достават приговор, а ако операторот не одговори или не се задоволни од одговорот, може во Агенцијата за електронски комуникации да поднесат барање за решавање спор. Во случајов, кога се исклучени одредени канали од пакетот кој го плаќаат, може да побараат раскинување на договорот, без да плаќаат пенали, само ако операторот не ги известил или не го задржал истиот број канали“, вели Владимир Ристески, советник за анализа на пазар и односи со јавност во Агенцијата за електронски комуникации.
Тој објасни дека во тек е расправата околу донесување нов правилник, кој токму во овој дел ќе ги штити потрошувачите на кабелски услуги: “Според предлог-правилникот, кој го изготви Агенцијата и веќе беше на јавна расправа, се воведува ново правило, според кое кабелскиот оператор не може да ги менува каналите од пакетот кој им го продава на потрошувачите, без нивна согласност. Според информациите кои ги имам, правилникот треба да се доне до крајот на годината и да важи од јануари следната. Но дали вака ќе биде формулирано или ќе се земат предвид одредени забелешки, не можам да кажам“, рече Ристески.
Тој објасни дека во одредени случаи , операторот оправдано не може да реемитува одреден канал.
„На пример, ако престане да постои телевизијата, тогаш операторот не е виновен што ја исклучил од пакетот“, вели Ристески.
Извор: Вест / Автор: А.С.