Жанровскиот филм, за нашето говорно подрачје во последните години беше прилично запоставен, па ,,Искра”, која по жанрот е трилер, од страна на критичарите е прифатен како ,,филмско освежување“. Дејството се одвива истовремено во три временски текови, кои се вешто испреплетени на интригантен, напнат и возбудлив начин. Приказната го следи Петар, пензиониран инспектор, чии монотони пензионерски денови се прекинати од исчезнувањето на неговата ќерка, младата новинарка, Искра. Потрагата по неа ја отвора вратата на далечното минато, а на површината излегуваат работи кои одамна паднале во заборав. Главните улоги се доверени на Мирко Влаховиќ, Младен Нелевиќ и младата Јелена Симиќ, која улогата на Искра, ја изнесе на многу суптилен, но моќен начин.
Запознајте ја Ана Вујадиновиќ, копирајтер во агенцијата McCann Подгорица, која со филмот “Искра“ се најде во трка за Оскар.
-,,Искра”, мојот прв игран филм, за кој го напишав сценариото заедно со режисерот на филмот, Гојко Беркулјан, е црногорски кандидат за 91 награди на Американската академија за филмски уметности и науки – Оскар, во категоријата за најдобар странски филм во 2018 година. Оваа прекрасна вест дека нашиот дебитански проект ќе оди во Холивуд (се надевам и ние со него), дојде веднаш откако се приклучив на тимот на McCann. Каков ветар во грб, во пресрет на новиот почеток!
Би можела да бидам лажно скромна, но нема. Целиот тим кој стои зад “Искра” е многу поласкан од довербата и титулата на кандидат. Многу се намачивме додека овој филм го однесовме до крајот. Не се надевавме на ништо, а станавме доказ дека трудот се исплати, дека нашата професија не е залудна и што е најважно, дека она што имаме да го кажеме, сепак допира до некого.
По овој успех, не гледам причина да не очекувам некое големо признание во светот на адвертајзингот. Од нигде никаде, “Искра” од студентски проект со многу мал буџет, стана црногорски кандидат за Оскар. Па зошто тогаш да не верувам дека можам да придонесам за креативниот тим на McCann и дека заедно можеме да направиме навистина одлични работи? Можеби мислите дека сум во почетнички занес, но сеедно. Планирам да го задржам мојот ентузијазам и да влезам во светот на маркетингот со големи очекувања, особено од самата себе.
Иако мојот агенциски живот само што започна, веќе забележувам многу сличности и совпаѓања со животот на еден филмски автор. Мора да ја кажувате вистината на двата фронта. Мора да ја спакувате оваа вистина преку вртлогот на креативноста, потоа да се свртите кон квалитетот, да ја пренесете пораката и да направите таа да стигне до посакуваната група на луѓе. Доколку на таа група и` го задржите вниманието и ја натерате да размислува откако ќе слушне што имате да кажете, тоа значи дека сте на вистинскиот пат.
Колку повеќе ви ја откривам позицијата на копирајтер, чувствувам возбуда и “искра“ во телото како и на почетокот на откривањето на сценариото како форма и филмот како медиум. Ја препознавам широчината и големиот број на начини да си создадам простор за креативност и можност за изразување, многу сличен со онај кој го овозможува филмот. На мене ми останува да продолжам да учам, да откривам и да успеам да ги спојам овие две активности и да дојдам до добри резултати. Се надевам дека нема да изневерам! :)