И покрај историскиот чекор што го направи земјата со изборот на првата жена-претседател, податоците покажуваат дека жените и понатаму се недоволно застапени во политичкото одлучување – особено на извршните и локалните нивоа.
Во пресрет на локалните избори кога се спремаат листите за градоначалници и советнички листи, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA ги анaлизираше достапните историски податоци за застапеноста на жените во политичкото одлучување во Македонија.
Еднаквото учество на жените во политичкиот живот не е само прашање на демократија, туку и на ефективно и инклузивно управување. Во Европа, зголемувањето на застапеноста на жените во парламентите и владите се смета за клучен чекор кон поправедно општество и подобро носење одлуки. Според Европската комисија, земјите со повисоко учество на жени во политиката имаат потранспарентни институции, поефикасни политики за социјален развој и поголема доверба кај граѓаните. Во контекст на европските стандарди, ЕУ постави јасни цели за зголемување на бројот на жени во политичките и извршните функции, што покажува дека Македонија не е изолирана во овој процес.
Но, колку е Македонија блиску до европските трендови? Како се движи учеството на жените во политиката низ годините и каде постојат најголемите предизвици?
На првите парламентарни избори во Македонија во периодот од 1990 до 2001 година, застапеноста на жените во парламентот изнесувала помеѓу 3,3% и 7,5%. Овој предизвик бил решаван преку низа законски измени. Со Законот за избор на пратеници од 2002 година, била воведена квота која гарантира најмалку 30% застапеност на помалку претставениот пол на кандидатските листи. Подоцна, со измените на Изборниот законик во 2006 година, било предвидено дека во секоја поднесена кандидатска листа за пратеници, најмалку едно од секои три места треба да му припаѓа на помалку застапениот пол. Овој механизам значително придонесе за зголемувањето на бројот на жени во законодавното тело, особено по 2002 година, кога застапеноста скокна од 6.7% на 17.5%, а потоа и на над 30% во наредните години. Во 2014 година, законот бил дополнително унапреден со одредба според која, доколку избрана пратеничка го прекине својот мандат, нејзиното место го зазема следната жена од листата. Во 2015 година, квотата за застапеност на жените во кандидатските листи била зголемена на 40%, односно најмалку 40% од кандидатите на изборните листи да бидат жени со што се направил уште еден чекор кон унапредување на родовата еднаквост во политичката сфера.
Сепак, и покрај овие квоти, забележливо е дека нивната имплементација не секогаш гарантира ефективно учество на жените во носењето одлуки. Иако на изборните листи има номинирани жени, честопати тие се поставени на позиции со помала веројатност за избор, што ја ограничува нивната реална застапеност. Во 2024 година тој процент опаѓа на 39.2%, во споредба со 41.7% застапеност во 2021 и 2022 година.

Во европски контекст, квотите за родова еднаквост се покажаа како ефикасна мерка во земјите каде што се спроведуваат доследно и се комбинираат со други политики за поддршка на женското лидерство. Македонија, иако е блиску до европските стандарди, треба да размисли за засилување на мерките за спроведување на квотите, како и за дополнителни механизми кои ќе гарантираат дека жените не само што се присутни во парламентот, туку и активно учествуваат во креирањето на политиките.
Доколку за националниот парламент постојат законски квоти кои придонесуваат за подобрена застапеност на жените, истата обврска не важи за жените на позиции во националната влада или за градоначалници. Кога се разгледуваат составите на сите Влади, најчесто жените се застапени со две или три позиции, додека во периодот од 2017 до 2022 година, нивната застапеност достигна четири места односно највисоко учество до сега од 16.7% (извор: Жените и мажите во Северна Македонија, 2025).
Но, кога ќе се надоврзат и локалните избори, состојбата е поразителна. Избрани беа само две градоначалнички на ниво на цела држава во 2021 година. Бројот на жени кандидатки за градоначалнички варира значително од изборен циклус до изборен циклус и се движи од 13 во 2009 до 32 во 2013 година. Од друга страна, кога станува збор за избрани градоначалници и градоначалнички, јасно се гледа дека мажите доминираат во локалната власт.
Во 2009 година, на пример, не беше избрана ниту една жена за градоначалничка. Во 2017 година беше забележан мал напредок со 6 избрани жени градоначалнички, за да во 2021 година тој број повторно падна на 2.

„Но дали квантитетот значи и квалитетно учество? Жените во политиката сè уште се соочуваат со структурни бариери, традиционални стереотипи и недоволна поддршка за лидерски позиции. Прашањето што останува е: Дали Македонија ќе создаде политички систем во кој жените ќе имаат еднаков глас во носењето политички одлуки?“ – велат од Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA.

Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, инаку иницирана од Асоцијацијата за е-трговија на С.Македонија (АЕТСМ), работи кон создавање на инклузивна култура во која секој е еднакво вреднуван за својот придонес.
Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Property One Group, Aristocrat, и Avenga Academy.
Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.