Факторите на брендот, вклучувајќи ја лојалноста на потрошувачите, уделот на пазарот и пенетрацијата на брендот, ја покажуваат најзначајната промена во новообјавената студија на NCSolutions за „Петте клучеви на огласувачката ефективност“.
Се работи за ревизија на нивното оригинално истражување спроведено во 2017 година кое што ги анализира петте клучни елементи кои го поттикнуваат растот на продажбите, а тоа се: креативно огласување, бренд, таргетирање, досег и актуелност.
Најважен елемент за огласувачка ефективност останува креативноста, која придвижува речиси половина, односно 49%, од растот на продажбите. Уделот на актуелноста останува на истите 5%, додека пак таргетирањето е заслужно за 11% во растот на продажбите – зголемување од 2% во однос на 2017 година.
Најголема промена се забележува во однос на досегот кон поширока публика, чие влијание се намалило за 8% во однос на 2017 година, сега изнесувајќи 14%. За разлика него, факторите на брендот стануваат сѐ позначајни со раст од 6%, односно со вкупен удел од 21% во елементите кои ја движат огласувачката ефективност.
Меѓу најзначајните фактори на брендот се наметнува лојалноста на потрошувачите. Имено, истражувањето покажало дека бреновите кои негуваат силна лојалност меѓу потрошувачите забележуваат двојно поголем раст на продажбите по домаќинство во однос на брендовите со ниска лојалност.
„Лојалноста на брендот не се гради преку ноќ. Се заработува преку долг временски период. На пример, сега е добро време за маркетерите да започнат да создаваат врски со најновата генерација купувачи: Генерацијата Z. Но, за да го направат тоа, тие треба да се усогласат со преференциите на оваа генерација. Тие имаат двојно поголема веројатност од бејби-бумерите да бидат лојални на брендовите кои даваат приоритет на животната средина, така што брендовите што се усогласуваат со оваа вредност можат да ја искористат за да изградат посилни односи со овие купувачи“ – објаснува Алан Мајлс, извршен директор на истражувачката компанија NCSolutions.
Целосната студија за „Петте клучеви на огласувачката ефективност“ е достапна на следниот линк.