Аналитичкиот портал WARC проценува дека конзумацијата на дигиталните содржини пораснала за 30% и се убедени дека има долгорочни промени во онлајн продажбата, платформите за социјално вмрежување, индустријата за игри и е-спортот.
Со затворањето на продавниците започна миграцијата на потрошувачите на интернет, што онлајн трговците го пречекаа со раширени раце. Ова не е само моментална промена, тврдат истражувачите на WARC, а тоа го покажува и фактот што и самите брендови ги пренасочуваат своите буџети кон рекламирање на онлајн продажбата. Исто така, расте купувањето преку Amazon, како и преовладувањето на онлајн купувањето во однос на физичкото одење во продавници.
Активноста на корисниците на TikTok двојно се зголеми во 2020 година, а оваа платформа стана социјална мрежа со највисоко ниво на активност. TikTok веќе го презеде водството пред Facebook во Канада, Франција и Велика Британија, како и во Америка, која е земја на потекло на Facebook. Според WARC, се очекува за 44% да се зголемат вложувањата во рекламирање на TikTok и 39% на Facebook.
Инвестициите во рекламирање на линеарна или класична телевизија се очекува да паднат за повеќе од 28 милијарди евра на глобално ниво, најмногу поради видеата, на кои сега „оди“ повеќе од 26% од буџетите за рекламирање. Истражувачите нагласуваат дека употребата на YouTube е во пораст на мобилните уреди и на ТВ, што значи директна ерозија за рекламирањето на традиционалната телевизија.
Сепак, судејќи според реакциите на гледачите, линеарната телевизија нема да помине лошо, барем не засега. Потрошувачите се позаинтересирани за квалитетна содржина отколку за самата платформа. Една петтина од гледачите не обрнуваат внимание на медиумот на кој консумираат содржина, сè додека е со висок квалитет.
Интересот за видео игри и е-спортови забележа голем пораст за време на пандемијата. Платформата Twich, која е стриминг платформа за видео игри, редовно бележи повеќе од 3 милиони корисници месечно. Се очекува пораст на спонзорските инвестиции во е-спортот за 11,6%, што е вкупно 497 милиони евра. Во WARC посочуваат дека сè уште има неискористени можности на ова поле, вклучително и креативни, кои би можеле да се реализираат во форма на партнерства или одлични соработки.
„Медиумското нарушување поради коронавирусот беше ненадејно и големо. Како и да е, податоците покажуваат дека брендовите се прилагодиле на промените во навиките на потрошувачите. Јасна корелација помеѓу промените во корисничките активности и огласувачките инвестиции покажува колку дигиталните медиуми имаат корист. Главната реализација за брендовите е фокусот на агилноста, иновативноста и ефикасноста. Ова е тренд што се надеваме дека ќе продолжи и во 2021 година“, рече Роб Клап, аналитичар на WARC.