Како што се зголемува бројот на популарни личности на интернет, така се намалува довербата на корисниците во нив – покажува годишната студија „Пулсот на инфлуенсер маркетингот на пазарот во Бугарија“ изработена од агенциите MSL и Pragmatica. Истражувањето биле спроведено со анкетирање на 600 интернет корисници, 25 компании и 112 инфлуенсери.
Според добиените одговори, 32% од компаниите во 2023 година претпочитаат да работат повеќе со експерти, а 16% со нано-инфлуенсери. Дури 88% од огласувачите укажуваат дека им е важно да соработуваат со личност која најпрецизно ќе одговори на суштината на нивниот бренд, а за 64% е важно тој природно да ги пренесува пораките на брендот.
Меѓу клучните барања на брендовите е инфлуенсерите кои им се партнери да не работат со нивните конкуренти. Во овогодинешното истражување, 40% од компаниите посочиле дека тоа им е важно, наспроти 24% од испитаниците минатата година. Инфлуенсерите, пак, имаат поинакво мислење – 45% од нив изјавиле дека би работеле со конкурентски брендови.
Како што се зголемуваат очекувањата на огласувачите, така се чини дека инфлуенсерите прават сè повеќе компромиси. Според истражувањето, оваа година 39% од бугарските инфлуенсери избираат да работат со брендови кои ги сакаат и ги користат во секојдневниот живот, што претставува двојно помал процент од минатата година. Притоа, само 25% од инфлуенсерите во 2023 година работат со брендови кои се љубопитни да ги тестираат, во споредба со 62% минатата година. Во 2022 година, 44% од инфлуенсерите изјавиле дека се подготвени да работат со огласувачи кои имаат интересна кампања, а оваа година само 8% од испитаниците го делат ова мислење.
Во однос на корисниците, најупотребувана социјална мрежа за консумирање на содржини е Инстаграм со удел од 71%, потоа следи Фејсбук со 58% и ЈуТјуб со 53%, додека пак ТикТок го преферираат само 23% од бугарските интернет корисници.
Дури 82% од потрошувачите во Бугарија сметаат дека информациите што ги споделуваат онлајн „лидерите на јавното мислење“ се прилично необјективни. Вкупно 35% од испитаниците во истражувањето изјавиле дека инфлуенсерите им ја губат довербата, а 37% би престанале да следат некој што е вмешан во јавен скандал.
Веројатно затоа 63% од корисниците посочуваат дека не ги консумираат содржините на инфлуенсерите за сериозни теми, туку за релаксација и забава. За споредба, една година претходно таквиот одговор го дале 57% од испитаниците. За 44% од корисниците е важно инфлуенсерите да имаат позитивен имиџ, а за 21% – да разговараат за интересни теми. Па затоа, не е изненадување што содржината поврзана со патување, убавина и мода предизвикува најголем интерес кај публиката.