Жителите во Италија веќе нема да имаат пристап до четботот базиран на вештачка интелигенција ChatGPT на OpenAI, затоа што националното регулаторно тело за заштита на личните податоци смета дека четботот ја нарушува приватноста на корисниците.
Италијанскиот регулатор се сомнева дека ChatGPT „доживеал пробив во однос на корсничките податоци на 20 март, изложувајќи ги на ризик разговорите на корисниците и информациите за плаќање на претплатниците кон платената услуга на платформата“.
Со тоа, Италија стана првата западна земја што ја ограничи употребата на четботот, опишувајќи го чинот како „привремено ограничување на обработката на податоците на италијанските корисници“. Дополнително, официјалните лица ја прекорија компанијата затоа што не ги информирала корисниците за податоците што алатката ги собира.
Регулаторот образложи дека OpenAI има „недостаток на правна основа што го оправдува собирањето и масовното складирање на лични податоци со цел да ги обучува алгоритмите што ја движат платформата“. Властите исто така забележаа дека иако четботот е наменет само за корисници на возраст од 13 години или постари, не постои механизам за потврда на возраста.
Компанијата OpenAI има 20 дена да одговори на грижите на властите или ќе се соочи со потенцијална казна од 20 милиони евра, односно до 4% од вкупните годишни приходи.
Како што пишува BBC, Ирска исто така внимателно ја следи правната разврска на случајот, која што би можела да влијае врз повеќе земји во Европската Унија.
OpenAI изјавиле за публикацијата дека веќе го оневозможиле ChatGPT за корисниците во Италија на барање на властите. Компанијата исто така нагласи дека е „посветена на заштита на приватноста на корисниците“ и дека веќе ја намалила употребата на лични податоци при обучувањето на своите системи.