Младите надежи на комуникациската индустрија со проектот „Подари топлина“ го освоија жирито и заработија престижна награда на овогодинешниот натпревар „Young Lions Croatia“ поддржан од E.ON Hrvatska, кој оваа година имаше за цел да ги истакне младите хрватски таленти, притоа нагласувајќи ја важноста на борба против енергетската сиромаштија.
Young Lions е натпреварување во кое новата генерација на националната комуникациска индустрија се бори за титулата најдобар млад креативец. Со освојувањето на престижната Grand Prix награда, младите лавови добиваат исклучителна можност да се натпреваруваат со најдобрите колеги од целиот свет како претставници на Хрватска на глобалниот онлајн натпревар Cannes Young Lions – а победници на овогодинешниот 24-часовен натпревар се Ивана Крмпотиќ и Ана-Марија Томашиќ од агенцијата 404 со проектот „Daruj Toplinu“ („Подари топлина“).
Во просториите на Загребскиот иновативен центар (ZICER), 70 натпреварувачи во парови дизајнираа решенија во пет категории: Design, Digital, PR, Media и Print. Победници во категоријата Digital беа Ивана Крмпотиќ и Ана-Марија Томашиќ (404), воедно освојувачи на Grand Prix, додека второто место во таа категорија го освоија Кристина Козиќ и Јурај Мочилац (Real grupa). Во категоријата Media, победници беа Луција Драча и Марија Шимурина (Señor), а второто место го освоија Лана Кршул и Томислав Врањковиќ (Universal Media). Победници во категоријата Print беа Петра Миклош и Филип Латин (Imago Ogilvy), додека второто место го освоија Рахела Драгичевиќ и Лина Видулин (Degordian).
Финалисти на овогодинешниот натпревар во категоријата Digital беа Луција Франиќ и Инга Ѓуѓик (BBDO Zagreb) и Антеа Фрањиќ и Бригита Крог (Imago Ogilvy). Во категоријата PR оваа година немаше победници, а финалисти беа Влатка Видиќ и Филип Бахун (Millenium promocija) и Луција Вулетиќ и Хрвоје Периша (Abeceda komunikacije). Финалисти во категоријата Print беа Кармела Арбанасиќ и Иван Лампалов (I TO NIJE SVE! Creative Agency). Немаше победници или финалисти во категоријата Design.
„Како што им најавив на младите лавови на почетокот на натпреварот, ги наградивме едноставноста и интелигенцијата. Жирито се обиде да се однесува како добар родител: строго, праведно и добронамерно. Се обидовме да ја наградиме содржината, а не формата, бидејќи мислам дека во светот воопшто има премногу формализирање, така што навистина не треба да ги оптоваруваме младите луѓе од кои очекуваме да бидат креативни и да ги поместуваат границите“, изјави Игор Младиновиќ (Imago Ogilvy), претседател на овогодинешното жири, додавајќи: „Не сакавме со сила да доделуваме награди во секоја категорија само за да израдуваме некого и да му дадеме лажна слика за квалитетот на нивната работа. Понекогаш отсуството на награда е поголема придобивка за напредокот и на поединецот и на конкуренцијата отколку самата награда. Така сфаќате дека треба да се трудите уште повеќе, а самиот натпревар добива на тежина. Би сакал натпреварувачите да се обидат да сфатат зошто некоја наградена работа е подобра од нивната и да учат од неа наместо да бидат завидливи и злобни затоа што не се наградени. На секој од нив му стојам на располагање да ги објаснам нашите одлуки и да се обидеме преку тоа да напредуваме“.
Важна особеност на натпреварот Young Lions поддржан од E.ON Hrvatska е токму хуманитарниот карактер – клиентот чиј бриф секоја година натпреварувачите го решаваат е непрофитна хуманитарна организација или граѓанска организација, на која креативните решенија од натпреварувачите ѝ се отстапуваат. Овогодинешниот партнер на натпреварот E.ON Hrvatska и организаторот на задачата избраа да дизајнираат решенија за Здружението за одржлив развој (DOOR) и нивниот Центар за советување за енергетска сиромаштија, чија цел е на прифатлив начин до корисниците да ја доближи темата на енергетска сиромаштија, енергетска ефикасност и одржливост.
Сандра Корољевиќ, експерт за корпоративни комуникации во E.ON Hrvatske и член на овогодинешното жири на Young Lions, изјави: „Енергетиката е многу сложена област и ги пофалувам младите лавови за справување со предизвикот на енергетската сиромаштија, согледувајќи ја темата од разни аспекти. Ваквата тема бара интегриран пристап на сите оцененувани категории за да се добие посакуваниот позитивен резултат и решение кое ќе му овозможи на Здружението DOOR да ги постигне своите цели, кои во овие нови околности стануваат уште поважни. Драго ми е што избравме дело кое има потенцијал за брза реализација и вистински ефект кој ќе донесе поголемо добро“.
Кон честитките се придружи и Миљенка Кухар, претставничка на Друштвото за одржлив развој: „Исклучително сме задоволни што DOOR оваа година беа избрани за клиент на натпреварот Young Lions Croatia, но и што натпреварот ги препознава граѓанските организации кои со своето делување ги придвижуваат општествените промени. DOOR долги години се занимава со темата за одржлива енергетика и енергетска сиромаштија и овој натпревар беше единствена можност да запознаеме одлични и креативни млади луѓе кои размислуваат за проблемите што им ги зададовме на сосема нов и свеж начин. Овој натпревар на многу начини ги помести границите и ни помогна нам кои долго време се справуваме со климатската криза да ги согледаме предизвиците со кои се соочуваме секој ден од некоја друга перспектива. Некои од решенијата кои тие ги осмислија навистина нé воодушевија, а на победничкиот тим му посакуваме многу успех во идниот натпревар и се надеваме дека ќе продолжиме да имаме можност да работиме со овие креативни млади луѓе кои ни покажаа дека навистина длабоко размислуваат за социјалните проблеми и дека за нив ниту еден предизвик не е преголем“.
Покрај претседателот на жирито Игор Младиновиќ, претставничката на E.ON Хрватска Сандра Корољевиќ и претставничката од клиентот Миљенка Кухар, за селекцијата на најдобрите дела на овогодинешниот натпревар се заслужни и: Дражен Брачиќ (Ascanius Media Croatia), Ана Петричиќ Гојановиќ (Priredba Studio), Луција Поточник (Degordian), Владимир Прешељ (Millenium promocija), Вјеко Средноселец (Dentsu), Марко Шесниќ (Studio Šesnić&Turković), Јурица Вуковиќ (EuroART 93).
Shutterstock исто така го поддржа натпреварот отворајќи ја својата база за натпреварувачите, а по незаборавното натпреварувачко искуство меѓу хрватските тимови и искуството на глобалниот онлајн натпревар Cannes Young Lions, кој ќе следи, младите лавици ќе имаат можност и да отпатуваат во Кан на светскиот фестивал на креативноста.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на Деновите на комуникациите во Ровињ. Повеќе информации за натпреварот и фестивалот можете да најдете на www.danikomunikacija.com.