Социјалната мрежа Twitter објави дека секојдневно отстранува околу 1 милион спам профили. Во соопштението се наведува дека голем дел од тоа филтрирање се случува за време на самото пријавување, долго пред тие профили воопшто да стигнат да објавуваат содржини.
Оваа бројка претставува удвојување на изјавата на главниот извршен директор на Твитер, Параг Агварал, во мај годинава дека компанијата отстранува околу половина милион профили дневно поради спам. Компанијата остана доследна на тврдењето дека само околу 5% од нејзината вкупна корисничка база се „спам-ботови“.
Најголемиот број од спам-профилите „фатени“ од Твитер се однесувале на криптовалути или порнографија.
Соопштението доаѓа како одговор на Елон Маск и пропаѓањето на договорот за купопродажба на Твитер, поради тоа што социјалната мрежа наводно не успеала да го открие вистинскиот број на „ботови“ на својата платформа.
Процентот објавен од Твитер е во согласност и со проценките на Фејсбук за сопствената платформа, кој во својот извештај за првиот квартал од 2022 година наведе дека околу 5% од вкупните месечни активни корисници на платформата биле лажни профили. Во текот на тој квартал, Фејсбук остранил 1,6 милијарди лажни профили.