Холандската осигурителна компанија OHRA објави нова хумористична реклама за своето „километарско осигурување“ – автомобилско осигурување кое се плаќа врз основа на помината километража. Рекламата насловена „Избегнете да завршите со рибите“ ги пренесува стравовите на еден млад пар за потенцијалните незгоди од возењето неосигуран автомобил.
Спотот почнува со сцена во која младиот пар со велосипеди излегуваат од нивната куќа и го гледаат својот стар автомобил. Мажот се прашува зошто воопшто го осигуруваат автомобилот кога не го возат. Тогаш жената почнува да си замислува страшно сценарио во кое со стариот автомобил случајно удираат во автомобилот на некој опасен мафијаш, работите ескалираат и кога парот се наоѓа во ситуација да „заврши со рибите“ – се случува пресврт.
Мажот гледа на телефон дека OHRA нуди осигурување за автомобил кое се плаќа само врз основа на помината километража, односно парот нема трошоци кога автомобилот е во мирување. Замислената потенцијална катастрофа е избегната.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Joe Public United од Амстердам.