На редовното 17-то по ред годишно Генерално Собрание, повеќе од 62 претставници на компаниите членки на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам Македонија) ги избраа следните членови на Одборот на Директори, со мандат од 2 (две) години:
- Јелена Арсовска, Генерален Директор, Меккен ДОО – Скопје;
- Радош Вукичевиќ, Главен Извршен Директор, ВВ Тиквеш АД – Скопје.
Претседателот на Одборот на Директори, Славко Пројкоски, го отвори настанот потенцирајќи го доприносот на волонтерите и претставниците на АмЧам, кои несебично помагаат и ја споделуваат својата експертиза кон подобрувањето на деловните практики и локалната легислатива. Исто така, ја нагласи потребата од континуиран позитивен притисок од компаниите врз владата за инвестиција во ресурси кои овозможуваат поефикасно спроведување на законите, избегнување на правната несигурност и ненадејните законски промени кои влијаат на бизнис заедницата и локалната економија.
Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, потенцираше дека „бизнис лидерите можат да влијаат за зајакнување на владеењето на правото и намалувањето на корупцијата само доколку се држат себеси како одговорни во однос на високите општествени стандарди на чесност, интегритет и почит. Години наназад, АмЧам поддржува програми за промовирање на отчетност, транспарентност и добро владеење. Амбасадата силно ги поддржува овие напори и е горд партнер во нив.”
Извршниот Директор на АмЧам Македонија, Мишел Османли, ги презентираше активностите кои ги превзема организацијата со цел промоција на лојалната конкуренција, зголемување на ефективноста на носењето и спроведувањето на законите, како и зголемувањето на учеството на бизнис заедницата во општо-корисни проекти и одговорна бизнис пракса. Таа потенцираше дека и покрај значајните економски предизвици со кои се соочува нашата земја, забележано е стабилно зголемување на бројот на членки за 20% во последните 4 години.
АмЧам Македонија ја сочинуваат 118 организации од различни сектори и нашите членки се посветени на зајакнувањето на гласот на меѓународниот бизнис во Македонија, промоција на одржлива, предвидлива и конкурентна бизнис средина. Членките на АмЧам претставуваат значаен дел од Македонската економија.