Шведската федерација за храна е здружение на компаниите од прехрамбената индустрија во Шведска. Со цел поттикнување на глобална дискусија за одржливоста, прехранувањето на растечката светска популација и секако – промоција на шведските прехрамбени навики на глобално ниво, организацијата ја лансираше својата најнова кампања насловена “Eat a Swede” („Изеди Швеѓанец“).
Се работи за 18-минутен сатиричен документарен филм чија главна ѕвезда е шведскиот актер Александер Скарсгорд. Тој ја пласира идејата за прехранување со алтернативно месо од Швеѓанец (од него самиот), пораснато во лабораторија. Некоја форма на „лабораториски канибализам“, што секако предизвикува шок кај луѓето.
Во суштина, целта е да се поттикне идејата за прифаќање на шведскиот начин на исхрана и практиките на одржливост по кои се познати Швеѓаните.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција McCann Stockholm и продукциската куќа FLX.