Во август беше соопштено дека германскиот медиумски конгломерат Axel Springer го купува американскиот политички медиум Politico за околу 1 милијарда долари, а се очекува дека договорот ќе биде конечно финализиран овие денови.
Тогаш беше поставено прашањето дали новинарите на Politico, како и нивните колеги од Германија, ќе мора да потпишат писмен договор кој ги обврзува да следат одредени политички принципи. Одговорот беше дека американските новинари нема да бидат обврзани на тоа, но дека се очекува од нив да ги следат принципите на матичната компанија.
Генералниот извршен директор на Axel Springer, Матијас Дофнер, во интервју за The Wall Street Journal во петокот изјави дека поддршката за Израел, за обединета Европа и за економија на слободниот пазар „се како устав, тие важат за секој вработен во нашата компанија“.
Дофнер додава дека секој вработен кој не се согласува „не треба да работи за Axel Springer, многу јасно“.
Исто така, тој посочи дека очекува од Politico да го отфрли новинарскиот активизам, поради тоа што тој влијае врз поларизацијата во САД и другите држави.
Според Дофнер, компанијата чекор по чекор го развива американскиот пазар во нивниот најважен и во мотор за раст во дигиталното издаваштво.
Axel Springer претходно го купи и американскиот медум Business Insider за околу 500 милиони долари, како и дигиталниот њуслетер Morning Brew. Во Германија, компанијата е сопственик на магазинот Bild и дневниот весник Die Welt.
Дофнер исто така не заборави да истакне дека компанијата вработила 1,600 луѓе за време на пандемијата, пристап кој тој најави дека ќе биде применет и во однос на Politico и другите американски медиуми во нивна сопственост.