Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, ја напушти позицијата на Генерален извршен директор на Амазон.
Компанијата соопшти дека Безос ќе ја превземе функцијата на извршен претседател на бордот директори на компанијата, а на негово место ќе дојде Енди Џеси, долгогодишен член на Амазон, претходно задолжен за веб услугите на компанијата.
Безос објасни дека во иднина сака да се фокусира на нови производи и иницијативи. Тој и понатаму ќе учествува во важни одлуки за Амазон, но планира повеќе да се посвети на филантропијата и другите интереси и компании, како што се весникот Вашингтон пост и компанијата за вселенски истражувања Блу Ориџин.
Џеф Безос ја основал Амазон во 1994 година и од електронска книжарница ја претвори во најголемата компанија за онлајн трговија во светот (и воопшто една од најголемите компании во светот) – вредна околу 1 трилион долари, со вкупно 1,225,300 вработени.
Личното богатство на Безос се проценува на над 185 милијарди долари.