На минатогодишниот BalCannes, хрватската агенција Studio Sonda освои злато во категоријата „Low-Volume Packaging Design“ за брендирањето на винскиот бренд Rawino. Керамичкото шише од земја измешана со боја и отпечатоци од вистински растенија, ја претворија амбалажата во продолжение на самиот процес на производство на виното. Во разговор со HURA, Јелена Фишкуш и Шон Поропат, креативните директори на Studio Sonda, откриваат како изгледа дизајн што се повлекува во втор план, зошто „no-design“ понекогаш е најпрецизниот избор и како амбалажата може да стане автентичен физички траг на местото од кое потекнува.
- На кој начин сакавте потрошувачот да го доживее ова вино преку брендирањето, уште пред воопшто да го вкуси?
Преку керамичкото шише и дизајнот што не користи стандардни графички елементи, туку директни отпечатоци од билки и почва, порачуваме дека ова не е само пијалак, туку „жив“ производ. Купувачот уште во првиот момент комуницира со „тероарот“[1] – ја чувствува грубоста на почвата, кршливоста на тревките и автентичноста што го најавува она што го чека во внатрешноста на шишето: вино создадено со минимална човечка интервенција. Сакавме првиот контакт со шишето да биде тактилен и искрен, исто како и самиот процес на производство на виното. Целта беше потрошувачот, штом ќе го земе шишето во рака, да ја почувствува текстурата на почвата на Истра и природата што ја „насликала“ етикетата.
Исто така, имајќи предвид дека специфичноста на ова вино е созревањето низ посебен процес на т.н. сублунарна мацерација, при што грозјето, со силата на гравитацијата (без користење пумпи), нежно се пренесува во глинени амфори наречени „qvevri“, закопани во истарската почва – важно ни беше, по конечната зрелост, виното да се точи токму во шишиња од печена глина, чиј материјал до крај ја заокружува приказната започната во амфорите. А, бидејќи еколошките природни вина во винските кругови често се нарекуваат и со поимот „raw“, а производителот се вика Рафаел Равник, за името на самиот бренд логично беше избрано името RaWino, кое на единствен начин ги спојува производителот, производот и самиот начин на производство.
- Како во процесот на работа ја усогласивте приказната за тероарот со визуелните и тактилните елементи на брендот, а каде ја повлековте границата меѓу емоцијата и функционалноста?
Во овој проект тероарот не е само приказна – тој е материјал. Наместо да цртаме симболи на природата, самата природа ја користевме како алат. Визуелниот идентитет буквално произлезе од земјата: во бојата мешавме земја од локацијата каде што се закопани амфорите, а наместо сито-печатарски рамки користевме трева што расте над тие исти амфори.
Границата меѓу емоцијата и функционалноста овде е речиси избришана. Функционалноста е во тоа што шишето мора да го заштити виното (керамиката тоа го прави одлично, штитејќи го од светлина), додека емоцијата произлегува од таа намерна несовршеност. Секое шише е уникат, исто како што е различна секоја берба или секоја голтка природно вино. Така функцијата стана медиум за емоција.
- Дали постои некој детаљ во идентитетот на Rawino, кој можеби не е веднаш видлив, но ви е особено драг затоа што носи клучен дел од приказната за тероарот?
Особено ни е драг самиот процес на „домашна изработка“ што не се гледа на прв поглед, но се чувствува во енергијата на проектот. Бидејќи ниту една печатница не можеше (или не сакаше) да прифати процес во кој во бојата се меша земја, а растенијата се користат како шаблони, моравме да импровизираме и да поставиме мало графички студио во подрумот на винаријата.
Тој детаљ – дека етикетите се отпечатени рачно, во истиот простор каде што созрева виното – го затвора кругот на автентичноста. Можеби на прв поглед не се гледа дека секоја тревка на шишето навистина била „физички присутна“ на местото на настанување на виното, но токму тој директен контакт меѓу природата и амбалажата ја сочинува суштината на Rawino.
- Дали во текот на процесот разгледувавте повеќе креативни насоки и зошто токму оваа, конечната, беше препознаена како „вистинската“?
Секогаш почнуваме со истражување од повеќе правци, но потоа се покажува дека на крај постои само еден вистински пат. Ако сите варијабли се земат предвид, нема многу врати низ кои може да се помине – лавиринтот најчесто води кон еден единствен излез. Кај Rawino многу брзо сфативме дека секоја класична естетика или високо полирани дизајни би биле во контрадикција со филозофијата на Рафаел. Разгледувавме стандардни етикети со илустрации, но тоа делуваше како „прераскажување“ на приказната. Оваа насока ја препознавме како вистинска затоа што таа не е интерпретација – таа е продолжение на производството на виното. Ако винарот ѝ дозволува на природата сама да го создава виното во амфора под влијание на Месечината и Сонцето, единствено исправно беше и ние, како дизајнери, да ѝ дозволиме на природата сама да го креира визуелниот аспект. Се одлучивме за „no-design“ пристап – оној во кој ние се повлекуваме, а природата зборува.
- Започна новата сезона на BalCannes – можете да ни дадете мал увид во тоа што би можеле да видиме од вашиот студио во новата сезона?
Во Sonda секогаш се трудиме да ги поместуваме границите на она што комуникацијата може да го направи за локалната заедница и за автентичните брендови. Во новата сезона продолжуваме да го истражуваме спојот на технологијата, традицијата и општествената одговорност. Нема да откриеме премногу, но очекувајте проекти што се занимаваат со прашањата на одржливоста, но на многу неочекуван, тактилен и човечки начин. Како и секогаш, нашиот фокус останува на приказни што имаат смисла и што оставаат трага – исто како и отпечатокот од земјата на шишето Rawino.
***
[1] тероар = француски израз кој се користи при оценка на вино за означување на специфичните географски одлики во кои расте грозјето.
Извор: Hrvatska udruga društava za tržišno komuniciranje – HURA

















